June 9, 2016

Хаосот со Супермен во DC Rebirth

Веќе е излезена втората тура од DC Rebirth насловите. Superman: Rebirth #1 и Batman: Rebirth #1 ги читав минатата недела, оваа Action Comics #934, спремни ми се Detective Comics #957 и Flash: Rebirth #1. Поднасловот и нумерацијата се ужас за нови читатели. Скроз е конфузно. Ова "Rebirth" на секој наслов ќе го снема во следниот број кога пак ќе бидат обележани со #1, додека Action Comics и Detective Comics продолжуваат онаму каде што се застанати со Новите 52 (кога почнаа од кец, нели?). Браво бе, DC. Минатиот пат убација #0 број после #11 или така нешто. Браво. После слаба била продажбата. Некој првпат што гледа стрип секако ќе знае дека Superman Rebirth #1 е различно од Superman #1 на кој исто стои дека е дел од Rebirth.

Океј. Сега кога ги оправив маркетинг одлуките на DC ќе се фокусирам на Супермен. Бетмен ќе го скокнам засега зошто апсолутно немам никаква идеја што точно се случуваше во Batman: Rebirth #1. Том Кинг, под менторство на Скот Снајдер, се обидел да напише некоја приказна која природно ќе тече после последниот број, меѓутоа тотално ништо не ми беше впечатливо. Има некаков црн Робин кој веројатно се појавил во еден од тие седумсто Бет наслови од Новите 52. Не знам кој е, не знам како е поврзан со Брус Вејн. Ако се појавил некогаш, не можам да се сетам. Имав чувство како да читам средина на некаква приказна со која не сум во тек. За прв број тоа никако не е добро. Но, ова е првиот прв број. После ќе има втор прв број, и така...


Супермен е... супер. Хехе. Ах, ме мрзи, ама ајде. За разлика од Batman: Rebirth #1 кој се однесува како ништо да не се случило со ликот во Rebirth ивентот (не се случи), сè што има "Супермен" во насловот се однесува со ликот и митологијата како мајмуни со голема растурена сложувалка. Откако други мајмуни изеле неколку парчиња, се разбира. И, сега првиве се обидуваат да склопат некој дел што ќе има смисла. Интересно е, го има оргиналниот Супермен од пред Flashpoint, оној забрадениот што има дете со Лоис во Lois & Clark и се најдоа запустени во 52 универзумот каде што живеат скришно. 

По смртта на Супермен од тој универзум, кој никој не го сакаше (освен јас и сигурно уште неколку во една прилика), дури ни DC, Superman: Rebirth #1 прави напор тој Супермен да остане мртов. Секако, "оргиналниот" се однесува со почит кон овој што го "избркаа" со небитна смрт, но претежно се флешбеци од култниот Death of Superman на Ден Џургенс и она што следувало отпосле. Идејата дека Супермен не може да умре, дека бла, бла... Практично, изговор за Супермен што сите го сакаат да се врати, притоа да не изгледа дека преку еден број сите треба да заборавиме на оној 52 таксиратлија.


Истиот Ден Џургенс го пишува Action Comics #957, каде што всушност е вистинската возбуда. Ова гради директно врз Superman: Rebirth #1 и Lois & Clark #8, последниот број од семејната идила на Кентови. Нема поента насловот да продолжи понатаму нели, кога веќе се дел од редовниот серијал. Не знам од каде ми беше таа идеја дека ќе тера и ова. Небитно. Сега кога светот знае дека Кларк Кент и Супермен се мртви (Лоис во 52 се има погрижено да го издаде на цел свет. Фала Лоис, козо една), но не знае дека таму некаде се крие брадосан Кларк кој тајно делува во црн костим со бело "С", Лекс Лутор лета низ Метрополис претставувајќи се како новиот Супермен. Сите сакаме да сме Супермен некогаш, нели Лекс? Епа не може. Оргиналниот Супермен решава дека е време да излезе од криење и да го спаси светот од овој наметлив Лутор.

Додека се одвива 239-тиот конфликт помеѓу Лутор и Супермен, Џургенс прави пресврт што дополнително ги комплицира сите ствари што се обидуваат да направат кохеретна целина од искасапениот 52 универзум. Се појавува Кларк Кент! Кларк факинг Кент. "Стварно сум јас, Џими", а ти земаш длабок здив и гледаш видео со зајчиња во чаши за малку да ти се разбистри. Ако ова е Кларк Кент, кој се тепа со Лутор? Ако 52 Супермен е мртов (ако до сега не сфати дека е истата личност, не знам...), тогаш од каде е дојден овој Кларк Кент и како светот ќе го прифати ова? Не само светот во стриповите, со нас што правиме? Целото ова склопување делчиња од различни места е секако глупаво, но во исто време забавата додека посматраш како ќе се отплеткаат од ова е преголема. Затоа и едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму.

Чекај, чекај.... а што се случува со Лоис од 52 универзумот? Каде 52 Лоис? Ах. Таа Лоис ќе биде Супервоман во Rebirth. Што?! Како мисл.. Не. Не се ни обидувај, океј?

No comments: