June 2, 2016

Wаrcrаft е најдобриот филм на сите времиња

Океј, можеби и не е баш, ама насловот буквално го искуцав со овие две стврднати брадавици. Филмот е спектакуларен. Сè што очекував дека ќе биде. Не можам да сум објективен кога е во прашање Warcraft филм што го чекам десет години. Премногу ја сакам франшизата и таа љубов не дозволува да му ги видам мааните. Ако сум се мочал на синематици од игрите што траат три минути, замисли што може да ми направи филмска адаптација од два саати. Добро замислуваш.

Го гледав на претпремиерата, па ќе се воздржам од детали додека не почне редовно да се прикажува. Ќе го гледам пак, одам во IMAX кино следната недела. Многу би било себично ако кажам дека филмот е стриктно за фанови, но намерно или не, резултатот изгледа баш така. Некои работи што се случуваат веројатно нема да бидат целосно јасни за публиката која не е запознаена со изворниот материјал, па можеби затоа критиката е толку строга. Не дека не можело да се реши со една нарација на почетокот, но тоа е тоа. 


Сепак, функционира. Како љубовното писмо кон фановите, сосема. Ликовите, локациите, приказната. Вриштaт чист Warcraft. Умерената количина на хумор низ филмот е присутна за да потсети дека филмот не е нешто што се доживува себе толку сериозно. Анимацијата на Орките е доведена до совршенство. Немам видено подобри компјутерски-генерирани суштества до сега. Многу природно се вклопуваат со луѓето. А, и тој дел од кастингот е одличен. Тревис Фимел и Бен Шнецер блескаат во улогите.

Некои ситници можеби делумно отсокнуваат од фолклорот, но сепак Данкан Џонс успешно ја задржал суштината. Има и толку многу мали детали од светот што ќе ги приметиш само ако гледаш внимателно. Сите тие работи зборуваат за тоа колку е богат овој универзум и каква штета ќе биде доколку филмот не оствари доволно профит за да си обезбеди продолженија. Ако почетокот беше ваков мамутски, можам да замислам какви би биле следните. Ова само ме остави жеден за уште.

Изгледа дека Данкан Џонс ја скрши клетвата со лоши адаптации на игри. Од сите што сум ги гледал, ова најблиску ја погодува целта. Додека го пишувам ова уште нема бесна толпа што се обидува да ги запали канцелариите на Blizzard и Legendary Pictures, па да го сфатиме тоа како добар знак. Ќе пишам повеќе за филмот после второто гледање.

No comments: