Ако погледнеш назад кон досегашните филмски адаптации на игри ќе забележиш еден голем куп катастрофални срања. Најдоброто до кое што дошла таква адаптација е првиот, но цврсто просечен, Resident Evil. Сите го знаеме ова, го знаат и режисерите. Познато му е и на Данкан Џонс. Секогаш се такви какви што се. Проблемот не е само во различниот наратив игра/филм кој е чест аргумент за одбрана на квалитетот на ваквите остварувања. До сега, реално никој не се ни потрудил да создаде нешто што без оглед на изворниот материјал, ќе биде солидно и како посебно дело. Големите студија нема да трошат толкав буџет само за да задоволат одредена група фанови на оргиналниот извор, филмот се прави за да допре до што е можно поширока публика, што е разбирливо. Но, толку ли е тешко да ги држиш групите, да речеме најмалку две, задоволни? Особено кога знаеш првите што сакаат да видат, па да се обидеш да ги прилагодиш и другите на тоа?
Данкан Џонс е соочен со таков предизвик со Warcraft филмот. И на него му е јасно каква репутација уживаат адаптираните игри, на какви предрасуди од публиката може да наиде и што всушност е влогот тука со културолошки феномен каков што е Warcraft. Според она што Џонс го кажува на интервјуа, дека ако можеш да направиш добар филм како The Social Network, сè е возможно. Дека изворниот материјал не е пресуден за самиот квалитет, туку е нишка околу која градиш. Отприлика тоа е она што сите го контаме и не е никакво откровение, меѓутоа кога доаѓа од устата на Данкан Џонс, а не Уве Бол, има некаква поголема тежина. Warcraft го води докажан режисер со репутација која не верувам дека самиот би си дозволил да му биде размрдана. Од друга страна, имаш компанија како Blizzard која би немала многу корист доколку извалка нешто толку големо.
Откако го најавија филмот, повеќе пати реков дека ќе уживам во било што и да донесе продукцијата на платното. Крајно субјективно да, ама не можам да останам рамнодушен на нешто што има вакво значење со мене последниве 12-13 години. Од трчање дома од школо за The Frozen Throne, до станување еден од тие војници што сум ги кликал со денови кога стапнав во WoW-скиот Азерот, Warcraft ми е слепата љубов на која упорно се враќам. Да, секако, сме се "гледале со други игри", сме имале кризни периоди (Cataclysm, буквалниот rough patch), но добрите сеќавања, бесценети моменти и компатибилноста упорно нè спојуваат назад. Практично, пораснав и созреав со Warcraft. Филмот е тој ендгејм, поинаквата перспектива на свет што ми е добро познат. Како може да ме разочара, кога oстанав без воздух на Skies of Azerоth тизерот? Стормвинд, едно од местата каде што трошев години додека играв Алијанса, сега ќе го видам на филм. Со целата негова грандиозност.
На годинешниот Comic-Con, беше прикажано кратко видео каде што Дуротан ги предводи Орките низ Дренор. Потрошив денови додека најдам снимка што упорно ја снемува од интернет. Снимена е со мобилен и има ужасен квалитет, ама знаеш што има друго? Порталот и Гул'дан како прави ритуал кој треба да го профункционира. Потоа, група Орки се затрчуваат кон Порталот кој ги носи во Азерот. Тука завршува видеото за кое ќе треба да почекаме до ноември за да биде легално и со подобар квалитет, но знаеш што ги чека на другата страна - првата средба со луѓето. Orcs & Humans. Rise of the Horde. Па, ако може еден синематик од игра да ми влијае така емотивно, замисли што ќе направи двочасовен филм. Ќе треба со боца кислород да дојдам во кино, додека надвор ме чека носилка и амбулантна кола.
Гледам дека публиката веќе е поделена. Орките биле премногу компјутерски. Какви да бидат? Технологијата е доволно напредната да не правиш разлика меѓу компјутерски генерирани човечки актери, а не па орки. Гумени костими ќе беа подобри? Дури и од грозното видео се гледаше дека квалитетот на анимација е совршен. Изгледаат како од играта, каде е тука проблемот? Гул'дан изгледа исто, Порталот изгледа исто. Еј, Стормвинд изгледа како Стормвинд што го знаеш, само поголем нормално, зошто играта ги скалира градбите поради перформанси, ама не е ништо на кое не си навикнат или ти е непознато. Приказната, без разлика на тоа што Џонс кажа дека мааалку ќе ја прилагоди да им биде позната и на тие што не се запознаени, пак ќе биде Warcraft. А, загреан e и да прави трилогија доколку првиот е успешен (што не се сомневам дека ќе е поинаку). Во видеото од Comic-Con го најавуваат и Трал, што значи, ете, повеќе Warcraft од тоа не би можело да биде. Замисли ги продолженијата со Илидан, со Артас... Приказната веќе е напишана, останува само да ја видиме на друг медиум. Дури и без звук да го гледам филмот, сигурен сум дека ќе ме воодушеви. Премиерата е на 10 јуни 2016. Очекувам да ја сакам секоја секунда.
1 comment:
I sajlent hil kecot bese dobar
I da kompjuterskive efekti se sranje starite prakticni se 100 pati podobri na pr. the thing, american werewolf in london itn...retko koj film ima dobro napraveni kompj efekti da ne strcat
Post a Comment