December 19, 2014

The Hobbit: The Battle of the Five Armies (2014)

Ете, некако Питер Џексон успеа да развлече мала детска книга и до трето продолжение. Секоја чест. Еј, секогаш можеше подолго. Никогаш не видовме како Билбо се врати дома, нели? Идеја што ќе остане нереализирана, а можеше комотно уште три саати The Return of the Hobbit, пополнети со возбудливи ликови и ситуации излезени при неговото утринско седнување во позлатениот нужник. Да заокружевме квадрилогија. 

The Battle of the Five Armies за среќа, трае некој пола саат помалку од An Unexpected Journey и The Desolation of Smaug. На тоа тегнење, минутажата е импресивна. За жал, тоа е една од малкуте импресивни работи за (се надевам) последното остварување на Толкиновиот опус. The Battle of the Five Armies продолжува онаму каде што запре претходниот. Почетокот е фин, возбудлив и убаво изрежиран, се става крајот на Смауг, и сè она што следи понатаму е гушење во нарацијата и обид да се рекреира епска битка како во Lord of the Rings. Нема никаква поента да потенцирам каде филмот се двои од изворниот материјал, зошто тогаш постов би звучел уште понегативно. А, не ми е тоа целта. Не овој пат.


The Battle of the Five Armies потфрла како засебен филм повеќе од пола од времетраењето. Недостасува авантурата што ја имаше во претходните два. Иако далеку од епската атмосфера на Lord of the Rings филмовите, помагаше на гледачот да се внесе подлабоко. Ова што е тука, финалето на приказната, делува премногу отцепено. Уште полошо е тоа што се приметува како се обидувале да ги покријат испуканите шавови. 

Самата битка на петте армии е хаотична, неивентивна и на моменти дури се прашуваш која е петтата армија. Дали можеби публиката која се бори да ги издржи сцените кои повеќе личат на трејлер за досадна стратегиска игра? Сети се на било која битка во Lord of the Rings. Го осеќаш воздухот, напнатоста, опасноста... Тука е некако бледо, исфорсирано, со ненамерно смешни моменти и задолжителната дооолга ферка меѓу некој од главните ликови и "главните" од непријателската страна. За да се пополни време, сериозно, не гледам друга причина, затекнати се Леголас и Еванџелин Лили, која никако не успеваше да умре. Толку многу џуџиња ги дадоа животите за тие 320 денари. Уште еден обид за драматична смрт немаше да повреди никого. Љубовната приказна која некако пробуваше да се протне, само придонесе за некохеретноста на филмот. Баш ќе беше фора Питер Џексон да си ја "земе" Тауриел (го гуглав имево) како што ја донесе. Од нигде. Од газот.

Види, филмот не е лош. Мислам, не така и толку лош. Вреди да се изгледа еднаш, особено со овој фрејмрејт и 3D. Првите неколку минути додека ти се навикне окото изгледа како Black Adder, ама после е океј. Барем додека не почнат да те бодат стварите кои некогаш биле сетови, а сега се CGI, зошто Питер Џексон сфатил дека така е поисплатливо. Мене најголемиот проблем со The Hobbit трилогијава ми е што не ми е доволно привлечна за да ја гледам повеќе од еднаш. Освен, можеби вториот, што некако се покажа како најсолиден.

2 comments:

Vortex said...

Јбг, кога имаш мозочни клетки само за 4 армии нормално е да имаш потешкотии со петтата.

Бојан Николов said...

Те чекав, Пецо, те чекав! :D