October 11, 2012

Три серии за 2012-2013 сезоната: Homeland, 666 Park Avenue и Revolution

Новата сезона на американски серии, 2012-2013, веќе е во тек неколку недели. Анимираните на МекФарлејн си се таман, само што некако се презаситив и веројатно ќе чекам да се соберат повеќе, за евентуалните досадни епизоди да дојдат измеѓу. Со иста финта ги гледам The Simpsons и South Park изминативе неколку години и таман си е. Тоа е, отидоа и овие во тој кош.

Мислам дека е доста и од The Office, а и од Modern Family. Првиве за чудо успеаа да извадат добра сезона без Мајкл Скот, ама промените кои се најавија за текновнава некако ми ја тргнаа серијата од фокус. Modern Family имаа просечна и уморна трета сезона, па четвртава може и да почека. Единствен ситком што продолжувам да го следам и едвај чекам да почне сезоната е Community. Знам дека нема да утнат.

Е, сега за посериозните, или како што ги викаат таму, драмите. Моментално следам три, од кои една сигурно ќе ја укинат пред да се откажам. Значи, да почнеме.


666 Park Avenue

Нова серија со Тери О'Квин во главна улога. Иако името повеќе прилега на некој скејт емо инди блек метал бенд од Флорида, серијата е џам! Неочекувано добра! Во кратки црти, Тери О'Квин рента лукзузни апармани во сомнителна зграда на богаташи. Исто така, им ги исполнува желбите во замена за нивната душа. И, не, не е глупаво колку што звучи. Дури има и некој Линч шмек. Ликовите се супер, дури и главната плавуша што упорно душка кај што не и е местото и веројатно ќе наебе. Тери О'Квин e перфектен антагонист. Ако некој не е убеден после последната сезона на Lost, еве прилика. Ќе се следи ова, и покрај тоа што насловот 666 во него е детски, наместо контраверзен како што веројатно синот тинејџер на главниот продуцент мислел дека ќе биде.

Homeland

Homeland е апсолутно најдобрата серија што оди моментално. Значи, моментално, а не на пауза како Breaking Bad. Во тоа ме убеди втората епизода од втората сезона. Веројатно ќе склопам некој пост со спојлери, а до тогаш планирам да убедувам луѓе да гледаат. Мислам, ако во втората епизода се случија ствари кои мислев дека ќе ги видам во некоја следна сезона, што друго да очекувам од серијава? Имаат инспирација, имаат добра екипа и одлична тема. Може кај сакаат да ја носат. Втората сезона е веќе подобра е првата и сигурен сум дека ќе станува уште понапнато.

Revolution

Веќе пишував за почетокот на Revolution. Сеуште е тапа, веќе четири епизоди, ама е лек за спиење. Ужасни ликови, катастрофална глума и најпредвидливите дијалози што сум ги видел во последно време. Речиси сè во серијата се коси со логика и нема апсолутно никаква смисла. Дури и почнаа да убиваат ликови кои беше логично да ги развиваат понатаму. Спомнав дека има флешбеци како во една друга серија на Абрамс? Ако не, еве. Има. И, тоа само за колку да пополнат дупки кои е невозможно да се решат во склоп на моменталниот концепт. Како што реков, Jericho цртан филм за деца. Ќе ја укинат пред да прекинам да гледам и искрено ќе ми биде криво. Онака, станува добра од што е лоша, и не сакам да заврши за три недели.

Отприлика тоа е тоа. Сигурно пропуштам некоја јака серија за која уште не сум слушнал, или почнала нова сезона и на уште нешто, а не сум приметил. Ќе се надополни листава во секој случај.

3 comments:

Ivan Velichkovski said...

Од новиве и Arrow не е лоша. :)

Од стариве би ги додал на листава +Walking Dead, Boardwalk Empire и Dexter...

Бојан Николов said...

Бордвок нека заврши сезоната. А, ја глеам дека на листава 30 Рок сум испуштил. :)

Nenad Prokopiev said...

Шо знам, не глеам разлика меѓу втора и трета сезона modern family, си цепаат со ист хумор.