June 19, 2012

Фин почеток на TRON: Uprising

Без многу галама, конфети и трепкачки банери, почна TRON: Uprising. Случајно видов дека излегле две епизоди и додека се освестам дека конечно почнало ова, излезе трета. 18 планирани за првата сезона, секој четврток по една. Цело лето. Првата епизода е всушност колаж од десетина кратки сегменти поврзани меѓусебно, доволни да постават основа за приказната. 


TRON: Uprising го следи Бек (Елајџа Вуд), програма од Гридот, кој крева востание против Clu, под менторство на оргиналниот Трон (гласот е на Брус Бокслајтнер!). Мислам, ништо посебно, класична херојска приказна за наменета за деца, тајни идентитети, тинејџерски маки... Така почна, а и некако е логичен почеток со оглед на целната група на која се сервира. Што не значи дека нема да се развие во нешто посериозно, како што беше случајот со The Clone Wars. Нешто што ќе може повеќе да ги заинтересира и малку повозрасните деца.

Спомнав дека Ланс Хендриксен е гласот на негативецот Теслер? Гласот на Гридот? Триша Хелфер! Проверена екипа, се гледа дека Дизни се потрудиле да најдат звучни имиња кои ќе привлечат публика и не се некој лукзус.

Анимацијата е 2D, со аниме шмек. Мислев дека TRON: Uprising подобро ќе изгледа како The Clone Wars, ама и вака е супер. Ако знаеш да го доловиш амбиентот од TRON: Legacy, не е битен стилот на анимација. Дури и музиката е инспирирана од онаа на Daft Punk. Блиску до тоа, но доволно различно за да намалат трошоци.

Мене ме имаат како редовен гледач. Дури и рекламите што изрипуваат од нигде на среде епизода стигнуваат до мене. И, друга работа. Серијава, или ја сакаш или не ја сакаш. Исто како и со филмовите. Не е ништо повеќе, ни помалку од нив.

No comments: