March 18, 2022

Третата сезона на Lost

Мислам дека ова актуелново маратонско прегледување Lost нема да ми сопре додека не ја изгледам цела серија. Не можам да седнам ни филм да изгледам измеѓу. Ете, ја спукав и третата сезона. Ја памтев уште помалку од првите две. Единствено што се сеќавав е дека некаде во третата сезона на повеќето ни почнаа фрустрациите со Lost. До таму серијата уште поставуваше прашања без да ги одговори, а некои од објаснувањата што ги понуди само дополнително ги потхранија постоечките мистерии. 
 
Ете, тука дознаваме дека имало кафези за поларните мечки, ама без објаснување зошто воопшто биле потребни тие мечки. Иако содржински сезоната до тогаш е можеби најдобрата и најпровокативна Lost сезона, често се завлекува бавно колку да пополни време. Сметај дека ова e во времето на телевизија кога стандардната сезона е 23-24 епизоди и не сите од нив се нешто особено значајни. Пример, има цела епизода со флешбек за тетоважите на Џек каде што баш ништо важно не се случува, освен можеби дополнително да го наштима и подгрее изненадувањето во финалето на сезоната.
 

Сличен случај е епизодата со несреќницине Ники и Пауло. Два нови ликови од преживеаните што публиката не успева никако да ги прифати, па сценаристите се приморани да потрошат една цела епизода на нив каде што прилично морбидно ќе бидат откачени. Кога гледаш недела за недела, а серијата е структуирана да завршува со клифхенгер, беше ептен фрустрирачки кога после некој шокантен крај на епизода ќе те дочека нешто што нема никаква врска со тоа. Секоја втора недела "се откажувавме" од Lost во третата сезона. Некои никогаш не ни продолжија да гледаат.

Од друга страна е преполна со неопходната митологија што ја турка приказната напред. Фрла малку повеќе светло врз Другите и DHARMA и нивното присуство на Островот. Иако не зборува многу за точната цел на DHARMA, гледаме дека си имале проблем со "мештаните" кои биле долго време на Островот пред нивната истражувачка мисија. Конечно имаме повеќе информации за тоа што се случило со DHARMA и судбината на членовите. 
 
Другите веќе се испреплеткани со преживеаните од авионот, се формираат разни табори од мешан состав, секој со сопствени мотиви и тука практично почнува конфликтот и тегавањето за кој сака да си оди од Островот, а кој е одлучен да остане. Причините за второто уште се непознати, секако.

Во третата сезона Lost го прави оној пресврт кон научно-фантастичното, воведувајќи концепт што е некакво патување низ време. Можеби иницијално нестандардно обликуван, меѓутоа е првиот јасен елемент дека серијата почнува постепено да се подава кон други жанровски тон. Или, со други зборови - моментот кога Lost комплетно почнува да забегува. Не се сеќавав ни на визиите за иднината на Дезмонд во целост, барем не дека се толку важни за Чарли и големото емотивно финале. 

Има многу такви моменти низ цела сезона каде што си затекнат од случувањата. Во епизодата со флешбекот на Бен, кога доаѓа на Островот како дете, серијата пак прави пресврт со Ричард Алперт. Кога го среќаваш Ричард во таа епизода изгледа исто како и во "денешно време". Тогаш теориите по блоговите и форумите за кој е Ричард Алперт и зошто не остарел ни ден за триесет години беа уживање да ги читаш. Едно време бевме убедени дека во позадина на целата приказна лежи некаква египетска митологија и дека Ричард е всушност Амон Ра. Теоријата за тоа се зајакнуваше и во следните сезони, особено кога Lost почна да уфрла многу повеќе визуелни египетски мотиви.

Првпат почна да се врти и името на Џејкоб. До тогаш си мислиш дека Бен ги движи работите на Островот, а испаѓа дека има некој што е многу поважен од него, некој кој е многу повеќе во сенка. Тука некаде пак мислам дека серијата се обидува да намести некои идни дејствија кои не се одвиваат според моменталниот план. Ова веројатно пак се должи на попатната импровизација на сценаристите, иако последната сезона нуди објаснувања за случувањата поврзани со Ричард и Џејкоб што ги започна оваа. Сезоната првпат го спомнува и вулканот на Островот, кој првично бил замислен да послужи во последната сцена од целата серија, ама и тоа подоцна е изменето во финалето што го добивме пред десетина години.

Џејкоб беше една од најдискутираните теми на тие Lost собиранките што ги правевме секоја недела. Особено измеѓу сезони. Која е всушност улогата на Џејкоб во целото ова? Дали е можеби Џејкоб е Лок? Дали е црниот чад, дали воопшто постои? Можеби Ричард е Џејкоб? Возрасен Арон што испатувал низ времето или нешто? Ниедна друга серија нема да ти го овозможи ова пак.

Сепак, ништо никогаш ни во Lost ни на било кое друго место не успева да го надмине ефектот од финалето на трета сезона. До тогаш сите флешбеци на ликовите беа сместени во минатото. Тука епизодата почнува со забраден пијан Џек како едвај се држи на нозе, се труди да не му се распадне животот и те наведува да мислиш дека случката е измеѓу Хаваи епизодата и пред да умре татко му. На самиот крај оди да се сретне со некој и од сенката се појавува Кејт. Знаеш дека првпат се запознаваат после авионската несреќа на Островот, од каде сега се знаат?!

Тогаш серијата го прави најголемиот пресврт - тоа не е флешбек од минатото, туку е иднината. Џек и Кејт го напуштиле Островот и Џек не може да се помири со тоа. Сака да се врати. Тоа ме преврте на глава. Цел свет го преврте на глава. Маси гризевме. Памтам како буквално срипав и урлав пола минута во монитор тогаш, вртев и пишував по луѓе што гледаа за да вриштиме заедно. Овој момент засекогаш ќе ми остане како омилен од серија. Lost веќе беше на врвот, а со ова се искачи за уште неколку скали погоре. Апсолутно генијално.

Малку се сомневав во третава сезона пред да почнам да ја прегледувам и успеа многу позитивно да ме изненади. Повеќе се сеќавав како се чувствував додека ја гледав отколку како стварно била. Прејака. Ги нема тие фрустрациите од чекањето недела за недела за разврска и одлично си тече. Да, има филер епизоди, меѓутоа можеш да си правиш храна додека во позадина оди некој флешбек со Џин и Сан. Четвртата е каде што сè ова чепнато тука добива поголеми пропорции на лудило, па едвај чекам да видам што сè сум заборавил и како ќе ме дочека. Следните три сезони се многу пократки, по 15-16 епизоди се, така што гледањето ќе оди многу побрзо.

No comments: