July 30, 2017

Planet of the Apes на Тим Бартон

Долги години живеев со лошото мислење за Planet of the Apes римејкот на Тим Бартон од 2001. Веројатно зошто растев во фамилија која има изградено култ околу Хестон и оргиналниот филм од 1968, па римејк во кој луѓето на Планетата на Мајмуните имаат иста интелигенција со доминантните шимпанза, тешко доаѓаше до својот дел од домашниот филмски репертоар. Не е дека не сум му давал шанси на римејкот на Бартон, секако дека да, меѓутоа обично било во период кога односот кон франшизата ми бил помлак, па генерално сум бил фокусиран на покилавите моменти. 

А, деновиве главната забава ми ја прават баш мајмуните, и кога веќе ја растурив од гледање новата трилогија решив уште еднаш да го пуштам и овој. Иако не сум со комплетно сменето мислење, сфатив дека и не е толку ужасен како што го памтев. Кога ќе ти снема добар Planet of the Apes за маратонско гледање, не е така страшно ако излабавиш уште два саати со лошата глума на млад Марк Волберг и женски мајмуни што изгледаат како Мајкл Џексон во истата година кога е излезен филмот.


Римејкот, не знам ни дали е правилно што го викаме римејк зошто и онака целата франшиза е базирана на книга, има еден куп проблеми. Страда од сценарио кое понекогаш е сериозно катастрофално, со реплики што предзвикуваат грчеви во стомак и сцени кои те ќорават од што се клише, меѓутоа има крајно кул амбиент, убави сетови, солидни ефекти, костими и воени оклопи за мајмуните кои и денес изгледаат поеднакво импресивно. Тешко е да се обидуваш да го надминеш легендарниот статус на оргиналниот филм, но кога Холивуд е решен на таква модернизација, очигледно ништо не може да застане на патот. Вината е секако и кај Бартон, но ајде да ги разгледаме предизвиците. Следуваат спојлери и за овој и за оргиналниот, секако.

Planet of the Apes од 1968 e преполн со сатира и социјални коментари, критики кон несмасноста на човештвото и има пресврт на крајот кој историјата го памти како еден од најдобрите видени на филм. Астронаути паѓаат на планета населена на интелигенти мајмуни кои живеат во некакво пре-индустриско општество каде што човечкиот род е поробено примитивно животно, немо и го користат за медицински експерименти. Кога мајмуните ќе забележат дека единствениот преживеан астронаут Тејлор (Чарлтон Хестон) има слична интелигенција со нив, сфаќаат дека темелите на кои ја базираат нивната историја, религија и општество се сериозно размрдани.


Големото е откритие на самиот крај е дека Тејлор всушност цело време е на Земјата, но илјадници години во иднината каде што мајмуните еволуирале и превземале контрола. Оргиналниот филм никогаш не открива како и зошто, со таа проблематика се позанимава новата трилогија која кулминираше со War for the Planet of the Apes. Е, сега во 2001 Бартон треба да направи римејк на ова, но оди во сосема поинаква насока. Повторно астронаут (Марк Волберг), за време на електромагнетна бура, завршува на планета населена од напредни мајмуни кои ги користат луѓето како робови, меѓутоа не е Земјата. 

Волберг е дел од вселенска експедиција на огромен брод кој користи обични мајмуни кои екипажот ги испраќа со мали сонди да истражуваат ствари кои се преопасни за луѓето. Кратко откако Волберг ќе се сруши на планетата, илјадници години од неговата иднина, на истата таа планета паѓа и неговиот брод и екипаж со мајмуни, но не патуваат низ времето, туку стануваат претци на општеството кое ќе го затекне Волберг. Како мајмуните еволурале до степен да создадат општествено уредување и да развијат таков екстремен расизам кон луѓето е еден од деталите кои филмот за жал решава да ги заобиколи или јас пак не успеав да се снајдам во често конфузниот наратив.


Самиот крај повторно се обидува да направи шокантен пресврт. Кога Марк Волберг конечно се враќа на Земјата и се руши со малиот брод во Вашингтон, го затекнува споменикот на Линколн со лицето на најнепријателскиот мајмун од Планетата на Мајмуните при што доаѓаат неколку патроли мајмуни во полициски возила од денешно време да го уапсат. Бартон го оставил крајот ваков со намера да го објаснува во планираното продолжение, но поради катастрофалниот неуспех на филмот, истото е откажано. Планот бил да се оди со приказна во која мајмуните патуваат низ истата електромагнетна бура и ја населуваат Земјата пред луѓето. А, зошто развиле слично општество како нас е уште едно прашање чиј одговор веројатно лежи во мрзливо сценарио.

Но, и покрај ова, си најдов забава, дури и до некаде успевам да ги ценам идеите на Бартон. Реализацијата не е најдобра, меѓутоа е храбро отстапување со цел да не се гази комплетно по оргиналниот филм. Идеите се помлаки исто така, но некои изведби на актерската екипа, особено оние во мајмунски костими, го прават Planet of the Apes римејкот сосема поднослив. Тејд е одличен негативец, мислам дека само на Коба од новата трилогија успева да ми се доближи со бруталноста и суровоста. Можеби Тејд нема издржани мотиви, барем филмот не успева да ги пренесе, но негвоиот начин на делување е комплетно функционален во контекстот и милитантното општество во кое опстојуваат овие мајмуни. 

Сега до некаде и жалам што ова нема дочекано втор дел. Не само што има толку лошо поминато, туку ја има и смрзнато франшизата цели десет години. Не дека многу сакам да видам како мајмуните ја превземале Земјата и возат американски полициски коли, ама еве веќе два дена не можам да ги извадам од глава концептите на Бартон и потенцијалот за некаква трилогија или што и да бил планот.

Види такоѓе:

No comments: