May 16, 2020

Има ли простор за Star Trek: Strange New Worlds?

Какви вести! По ужасните Star Trek: Discovery и Star Trek: Picard, CBS деновиве го најавија следниот потег во касапењето на франшизата - Star Trek: Strange New Worlds. Серијата би требало да се појави следната година и да го следи екипажот на USS Enterprise под водство на капетанот Кристофер Пајк, истиот оној Пајк на Енсон Маунт од втората сезона на Star Trek: Discovery. Не издржав да ја догледам таа сезона, попрво ќе се пукнев со фејзер во слепоочница, ама денес малкуте љубители на Star Trek: Discovery го двојат Пајк на Енсон Маунт како најсветлото нешто од тоа бескрајно дно од серија.

Пред да продолжам понатаму, накратко да се потсетиме кој е всушност овој капетан Кристофер Пајк. Во 1965 снимен е првиот пилот за оригиналната Star Trek серија, "The Cage" кој е одбиен од NBC, но подоцна материјалот е инкопориран во првата сезона во друга приказна како флешбек. Во "The Cage" го нема капетанот Кирк, со Enterprise капетанува Кристофер Пајк, но го има Спок и уште неколку познати фаци од она што подоцна ќе биде познато како Star Trek: The Original Series.  


Таа пилот-епизода иако од денешен аспект е крајно забавна, тогаш била одбиена и оценета како премногу бавна. NBC сметале и дека прекомплицирана за обичната публика да може да ја разбере. Главниот лик е сменет со Вилијам Шетнер како новиот капетан Кирк, и со низа разни штимања е лансиран друг пилот - "Where No Man Has Gone Before". Остатокот е историја. Пајк подоцна станува интегрален дел од Star Trek универзумот, а се појави и во оној Star Trek (2009) филм на Џ.Џ. Абрамс како првиот капетан на Enterprise.

Како што се најавуваа следните Star Trek серии после Picard, гледав како интернетот упорно бара серија со овој Пајк и се чудам што некој решил да послуша. Мислам, стварно треба да си глуп после Picard да ризикуваш дополнителни финансиски хаварии со серии што никој нема да ги гледа. И, ете изгледа некој заглавен во карантинов, ја направил математиката и пресметал дека публиката сака да гледа серија како Star Trek: Strange New Worlds.

Со Strange New Worlds, CBS ветуваат "враќање на корените", концепт од кој упорно ми се гади во оваа индустрија последниве години. Тоа обично значи дека не излегла сметката како што сакале, па ќе скрпат нешто што мислат дека фановите лесно ќе го шмукнат. The Predator проба нешто слично, Terminator: Dark Fate исто, ама и двете прилики резултираа со пропаст. Има еден куп вакви примери, овие два еве ми текнаа од прва. Наводно Strange New Worlds ќе биде поведра, оптимистичка варијанта на Star Trek, конципирана како воглавно епизодна, а не со една приказна развлечна низ цела сезона или две. 

Сепак, да не забораивме дека и ова доаѓа од луѓе кои во неколку прилики брутално ги скршија сите постулати на Џин Роденбери, заборавајќи што е јадрото на Star Trek. Кога два пати ќе те намагарчат, како да имаш доверба и трет пат? Пред Picard, сметав дека Star Trek треба хронолошки да оди напред наместо да се врти во круг во тој истиот распон од неколку години. Но, и во таа "иднина" успеа да направи многу чекори наназад, па дури и да ја сведе технологијата на Doctor Who волшебништво. Така што и оваа желба ми згасна. Озбилно, во Picard имаа направа што рекреира минати настани во холограм од воздух и тоа не онакви испрограмирани за холодек. Сега дојдов до фаза кога само сакам Star Trek да не е апсолутно срање без разлика на временскиот период во кој се одвива.

Ужасно сум скептичен за Strange New Worlds. Дури и да го наштима позитивниот тон и да се оттргне од глорификацијата на насилство, војните и дистописките бездни, ништо не гарантира дека ќе прекине да го проституира Star Trek како платформа за пристрасна промоција на актуелни политики и агенди за да се врати на порелаксирано истражување на необичните нови светови. Не верувам дека Алекс Курцман и Акива Голдсман така лабаво ќе се откажат од таа матрица или пак дека ќе го отстапат местото на компетентни луѓе за раскажување Star Trek приказни.

Star Trek: Strange New Worlds е планирана некаде за 2021-2022, се разбира ако до тогаш општеството на се распадне како во влажните сништа на Алек Скурцман. Како и да е, ако воопшто излезе, веројатно ќе изгледам епизода-две чисто да проверам дали е возможно да се доближи до традиционалниот Trek дух или ќе биде само уште една пропуштена прилика да се разбере суштината на серијалот.

Види такоѓе:

2 comments:

nikola said...

prvata epizoda top :D

Бојан Николов said...

Не беше лоша, ама ќе почекам уште една две да се осигурам :))