May 8, 2020

Впечатоците од демото на Zoria: Age of Shattering

Еднаш многу одамна со гејмингот владееше еден жанр на изометрични RPG игри со turn-based combat и неверојатно опширни приказни кој до пред некое време се чинеше неповторлив. Ме радува тоа што игри од типот на Baldur's Gate, Icewind Dale и Planescape: Torment денес доживуваат една блага ренесанса со нивните римејци и наслови како Pillars of Eternity и Torment: Tides of Numenera, ама истовремено жалам што повеќе го немам времето потребно за прописно загазување во нивните обемни светови. Пред некој ден налетав на еден нова игра кој излегува наесен, Zoria: Age of Shattering, која се стреми да понуди искуство инспирирано баш од овие погоре. 

Во моментов е достапно бесплатно демо во вид на пролог кое се завршува за неколку саати, таман доволно колку што ми дозволува и времето за овој тип на RPG. Зашто нели, ќе нема кој да игра World of Warcraft. Така и се решив да ја проверам Zoria: Age of Shattering. Ги обожавав ваквите игри на времето, па дури и на овие години се трудев да играм Pillars of Eternity колку можам. Освен тоа, оваа игра ја работи едно многу мало романско студио Tiny Trinket Games, па како сезонски Unity ентузијаст бев крајно љубопитен да видам како тројца девелопери го искористиле енџинот за да склопат нешто вакво.


Не знам како ќе изгледа финалната Zoria: Age of Shattering, ама сум сигурен дека ќе е многу повеќе од ова што е сега достапно. Демото те фрла директно во светот и воениот конфликт во кој е моментално со предефиниран херој, па ја немаш онаа прилика да утепаш пола ден на детално крерирање на твојата совршена RPG персона. На почетокот играта те учи на контролите, основните опции и механики, те запознава со типовите на интеракција кои можеш да ги имаш со околината, па полека ги собираш и останатите тројца членови на твојата херојска дружина стандардна за овој жанр. 

Она што прво најмногу ме импресионираше е колку мазно вози целата игра. Светот е преполн со детали, анимации и ефекти, па искрено очекував да ми ја подзагуши веќе старава графичка и изненаден сум што не приметив дека перформансот е лимитиран од мојот хардвер. Немав никаков проблем удобно да навигирам низ преубавите густи шуми и мрачните подземја. Огромна пофалба за ова. Знам дека Unity може лесно да клизне, ама овде сè e солидно оптимизирано. Се надевам дека и понатаму стабилно ќе вози на постари машини.


Се изненадив и колку многу пати си пречекан од непријатели од разни ќошиња, ама за среќа борбите, иако turn-based, се многу подинамични, флуидни и брзи, па нема многу да те замара нивната фреквентност. Баш како некоја лесна верзија на механиката од Baldur's Gate. Секако, потребна е некаква тактика и позиционирање, па единствена замерка тука ми е што овој систем не е баш добро исполиран. Некогаш видикот ти е блокиран иако си добро позициониран, ама претпоставувам дека е некој баг што ќе го средат во финалната верзија. Би било убаво и да можеш сам да ја одредиш формацијата на твојата група, ама како за демо генерално е океј.

Е, сега. Овој тип на игри се познати по тоа колку ефективно може да те внесат во нивниот свет. Често ќе наидеш на детални квестови, писменца, книги и слично што дополнително ќе ја обликува придодата на авантурата со која ќе се соочиш. Да се дупнеш од читање. Значи зборувам за голема, дебела приказна. Кај Zoria ова е делот што има најмногу за доработување и мислам дека ќе биде пресуден за тоа како ќе пројде играта кога официјално ќе излезе. Не знам дали истиве тројца дечки што работат на развојот ја пишуваат и приказната, меѓутоа дефинитвно е потребен малку постегнат процес и пристап во оваа насока.


Налетав на многу аматерски дијалози и генерички приказни, па дури и бројни референци кон поп-култура кои некако штрчат ако се волку чести. Разбирам дека играта меѓудругото сака и да е омаж на нејзините претци, меѓутоа не приметив дека премногу се грижи за сопствениот идентитет. Џабе изгледа добро и има крајно задоволителен гејмплеј ако приказната сме ја виделе многу пати претходно. Секако, ова може да се надохнади додека да излезе или па веќе е, а демово се фокусира на други работи, ама стварно ќе е штета ако вакво нешто не добие подобра раскажувачка моќ.

Откако е излезена првата ваква игра, сто пати сме ги виделе стандардните чудовишта, амбиенти и ситуации во други слични магични светови. Не мора и тука да се истите некромансери што оживуваат мртви или досадните камени елементали во секоја втора пештера. Сфаќам дека жанрот има одредени параметри кои девелоперите сакаат да ги почитуваат, ама мало размрдување на стандардната формула е секогаш добредојдено. Еден пример за соодветно мало значајно скршнување ми е приказната во The Incredible Adventures of Van Helsing. Жанрот е малку различен, ама исто како и овој сака да следи некакви "правила" кои лесно може да го сопнат. Сè што сакам е поубедлива причина за да го убијам тој џиновски пајак, ок?


Верувам дека значителни подобрувања ќе се има и кај корисничкиот интерфејс зошто има некои фонтови и илустрации кои дефинитивно треба да се сменат. Остатокот е стварно супер и ми се свиѓа вака како целина. Од демото не е баш возможно да го испробаш практично, ама видов дека играта има огромен систем за карактеристиките на хероите и нивните својства, магии и слични чудесии, па можам да замислам колку можности за прилагодување и штимање ќе има во крајната верзија. 

Сакам кога мали студија прават вакви работи и навивам за Zoria: Age of Shattering да си го најде местото во гејмерските библиотеки. Реткост е овој жанр денес, па мило ми е кога ќе налетам на некој нов наслов. Zoria засега го има целото мое внимание, ќе следам редовно што се случува со развојот, па се надевам дека ќе најдам време есенва за асално да седнам да видам што сè има понуди. Во меѓувреме, можеш бесплатно да си го симнеш демото од Стим, или да ја ѕирнеш репризата од мојот лајв стрим на Twitch.

No comments: