August 1, 2016

Star Trek Beyond (2016)

Никој не го мрази Star Trek филмот од 2009 повеќе од мене. Никој. Нема таков во цел Алфа Квадрант. Следниот, Into Darkness, беше... гледлив? Гледам дека фино сум се посрал врз филмот пред две години, ама памтам дека барем воведната сцена ми остави океј впечаток. На другото едвај се сеќавам, ама ако сум рекол дека е лошо, одбирам да си поверувам на себе. Знам дека нема да го гледам пак, така што не е ни битно веќе. За најновиов Star Trek Beyond, не знаев ништо. Не се ни потрудив да дознаам. Изгледав некој тизер пред година и кусур и продолжив да го игнорирам филмот додека со Наум не се затекнавме во кино на истиот.

Не знаев дека ќе гледам Star Trek филм што се чувствува како вистински Star Trek. Не бев спремен за ова! Уште од самиот почеток Star Trek Beyond ги воспоставува така работите и смело заминува во насока каде што претходните два не се ни осмелија да стапнат. Конечно Федерацијата се обидува да го оправда своето постоење, ликовите се надополнуваат меѓусебно, повеќето актери веќе се удобно сместени во улогите, а дејствието кое е сместено на неистражена планета дополнително го зајакнува класичниот Star Trek шарм. Целиот филм има амбиент како една долга, добра епизода од сериите.


Крис Пајн е феноменален Кирк. Првпат се однесува како капетан кој е одговорен за екипаж изгубен во некое ќоше од вселената. Ситуациите со кои е соочен на "Ентерпрајз" и надвор од него и начинот на кои се справува со нив, би го натерале и Вилијам Шетнер задоволно да си го почеша стомакот. Најодговорен за ова е Сајмон Пег. Покрај тоа што го глуми најпопуларниот инженер во вселената, конечно доби шанса да пишува сценарио за Star Trek. Пег е фан и ја познава франшизата. Алекс Курзман и Роберто Орси се шупаци.

Пег знае како да се справи со ликовите и кој, каде и колку да биде искористен. Скоти има поголема улога во приказната. Во претходните два едвај се приметуваше. Едноставно знае што сака публиката да гледа зошто и самиот тој е публика. Хуморот, исто така не му е непозната територија, а одлично го користи за да ги направи ликовите уште почовечки. Ситуациите со Боунс и Спок се еден од најсветлите елементи во Beyond и покрај тоа што едниот од нив Вулканец. А, кога веќе сум кај Вулканци, Леонард Нимој го добива најдобриот можен омаж. Не само тој, туку и целата оргинална постава на оргиналниот Star Trek. Без воопшто да изгледа исфорсирано.

Се разбира, колку и да е забавен филмот има недостатоци. Свесен сум дека пред сè е акционен блокбастер и како таков e супер. Еден од најдобрите годинава. Интензивно темпо, пристојна употреба на специјални ефекти, а дури има и еден симпатичен музички момент кој прво не го прифатив, но откако отспав сфатив и дека не е толку лош. Но, како и во претходните два филмови, најголемиот проблем ми е дел од кастингот. Антон Јелцин е ужасен Чеков. Дали помина доволно време од неговата смрт за да можам да се заебавам за тоа како ни направи услуга на сите со тоа што се прегази со сопствената кола? Океј, следен пат тогаш.

Карл Урбан е супер, само што на моменти изгледа како да се труди да биде Дефорест Кели. Кул е тоа, меѓутоа не е лошо кога повеќе ќе си свој во веќе етаблиран лик. Актер си, можеш да го освежиш ликот без да изгуби од суштината со карактеристика што е уникатна за тебе. За жал, ова Закари Квинто очигледно погрешно го конта, или едноставно Нимој ми е толку Спок што мозокот потсвесно одбива да прифати друг. Идриз Елба не прави разлика како негативец. Можеше да биде било кој друг во истата маска и да не приметевме ништо.

Доколку следниот филм го следи шаблонот кој го постави Beyond, тука ќе сум. Филмот дивергира од претходните два и целиот тој "Келвин" универзум, обидувајќи се да се потпре сам на себе и тоа одлично го прави. Дали можеби проблемот беше во Џ.Џ. Абрамс? Ова како за филм од режисер на Fast & Furious е изненадувачки солидно. Добив желба пак да го гледам уште следниот ден. Во меѓувреме, ќе ја почекаме новата Star Trek серија, Discovery. Има еден тизер што изгледа како фан филм, ама ќе се обидам да останам позитивен до јануари 2017.

No comments: