May 14, 2020

Првата сезона на Avenue 5

Неизвесно е дали воопшто оваа година филмската и телевизиска продукција ќе продолжат од таму каде што ги закочи пандемијава. Не дека последниве две-три години се прекршија од правење добри серии, ама пак се наоѓаше по нешто за кое нема да ти биде жал за потрошеното време. Додека чекам да се заокружи феноменалниот документарен серијал The Last Dance, посветен на Чикаго Булс династатијата, малце разгледував што друго е излезено во 2020 и така налетав на Avenue 5. Една сезона од девет епизоди по триесетина минути завршена уште пред некој месец. Таман.

Avenue 5 e сатирична, умерено научно-фантастична серија на Армандо Јанучи, креаторот на веќе култната Veep, со Хју Лори во главна улога. Се одвива на туристички вселенски брод наречен "Avenue 5" преполн со кенкави богаташи заминат на интерпланетарно крстарење. Турата е веќе при крај и бродот треба полека да се враќа назад кон Земјата, но извесна техничка непогода ќе го претвори патувањето од осум недели во три години, без некоја голема шанса некој да ги спаси од среде вселената. Не само што ресурсите се недоволни за сите да бидат опслужувани толку долго, туку врвот од и онака некомпетентниот екипаж се само најмени актери. "Avenue 5" всушност управува автономно, ама тоа патниците не го знаат баш - за нив капетанот е главен.


Стварно супер лабава серија, ништо преозбилно или претенциозно. Не е најсмешната на светот, има малку турбулентен почеток и неисцрпен тематски потенцијал општо, ама после две-три епизоди некако успева да си ја потрефи сопствената траса и да слета како забавна целина. Хуморот е суптилен, непредвидлив, не се воздржува да забега во мрачни правци и апсурдни крајности и непријатности, а некогаш некои ситуации ги нуди речиси како засебно функционални скечеви. Има некоја непостојаност кај форматот на хуморот што ми е крајно симпатична, а не знам дали е намерна или не.

Хју Лори, капетанот Рајан Кларк, е веројатно најсветлата точка во овој контекст. Хју Лори е исклучително талентиран актер, шармантен и природно го спроведува комичниот набој, па без гајле "капетанува" со целата серија и кога сценариото непријатно ќе се заниша. Што е и малку честа појава додека серијата се труди да си го најде тонот на почетокот, ама ете за среќа има кој да ја носи и во таквите моменти.

Поголемиот дел од водечката екипа функционира солидно. Ликовите се фино вклопени во амбиентот, актерите се одлични и ќе видиш многу познати лица од серии како The Office, Flaked, па дури и Star Trek: Voyager. Скоро секој од нив има некаква своја приказна која се развива низ цела сезона, што некогаш знае да го изремети темпото на наратив кој можеби не може да си го дозволи тоа во целост, ама балансира со други работи, па ќе прогледам низ ова. Ако ја користиш серијата како софистициран позадински шум на ручеци и вечерања како мене, таквите неподмачкани делови воопшто не пречат.

Единствен што упорно отскокнува и можев да го толерирам само до одредена мера е Џош Гад. Разбирам дека ликот кој го толкува, сопственикот на компанијата која го спроведува крстарењето, e замислен како таква себична капиталистичка свиња, меѓутоа начинот на кој Џош Гад го портретира ликот е крш. Многу често неговите обиди завршуваат како да е евтин имитатор на Џек Блек на аудиција за нешто сосема трето. Серијата ептен сака да ги сведува ликовите на пренагласени карикатури и тоа е сосема кул, ама изгледа некој заборавил да му каже на Џош Гад до кој степен може да оди.

За Avenue 5 е одобрена втора сезона и покрај млакиот одзив од публиката и критиката. Бидејќи потенцијалот е очигледен, а и очигледно неискористен во целост, се надевам дека евентуалната втора сезона би продолжила по темпото кое се гледа во последните неколку епизоди. Но, сепак ова е HBO, продукција што успеа да упропасти серија како Westworld одземајќи ѝ ги сите работи што ја правеа забавна, па веќе ништо не е сигурно. Ако ептен немаш друго за гледање или ти треба нешто свежо за во позадина, дај му шанса на ова. Таман си е.

No comments: