Со деветтата епизода, Star Trek: Discovery се закотвува во следните два месеци, па нема подобро време од сега за да се почне со консолидирање на впечатоците од првиот дел од сезоната. И, покрај шашавиот почеток и неисполнетото ветување за "Star Trek каков што го знам и сакам", секоја недела си делкав епизода по епизода. Како што течеше серијата така и мојата перспектива се прилагодуваше на насоката во која Discovery одлучи да спичи со егзотичниот погон на спори. Ако ме прашаш каква беше вожњата, нема да знам прецизно да одговорам. Некогаш си ставав Емесан К во газот, некогаш не сакав да си одам од таму каде што ме донесе.
Мислам дека не сакам да го прифатам фактот дека серијата ми срасна за срце, иако во повеќе наврати ми направи да се осеќам како на распит во Клингонска ќелија. Да, никој не побара приказна со воен конфликт кој претежно мирољубивото Star Trek истражување на вселената го претвора во стресен кошмар, но додека барав што овде останало од Џин Роденбери, приметив дека сум веќе закачен.
Да си подадеме и ние рака со Star Trek: Discovery
Секако дека се смеев на "Вулканските логички екстремисти", ама затоа па се радував како мало дете на епизодите со Мад. Не само што Реин Вилсон е одличен во улогата, туку и ликот е супер адаптиран да оди во прилог на целиот затемнет, валкан амбиент. Оргиналниот Мад можеби функционира како комичен лик во околината на Кирк и Спок, меѓутоа овде е успешно трансформиран во допадлив психопат. Харизмата на Вилсон прави дури и да навиваш за него. Веројатно тие две епизоди ми се омилените до сега.
Третата во која видов малку Star Trek е онаа кога посетуваат друга планета. Серијата толку не може да крене глава од војната со Клингонците што нема епизоди со мисии на други планети каде што би откривале "нов живот и нови цивилизации", па можеби жеден за такви, си ја сркнав без проблем, иако повторно причината за слетувањето беше ебениот конфликт. Крајно забавна епизода која не само што не се занимава со антропоморфна форма на живот, туку беше и фино визуелно освежување зошто оќорев од неосветлените ентериери на тие два единствени бродови што Discovery ги шалта низ сцените. Се надевам дека вториот дел од сезоната ќе донесе повеќе вакви епизоди.
Не дека имам толку голем проблем со тоа како изгледа серијата, веќе ми е јасно дека нема да видиме шаренила и успеав да се навикнам на стилот, ама ми здосади да ги гледам истите сетови цело време. Разбирам дека и приказната го наложува тоа, ама убаво е екипажов да стапне и на друго место повремено. А, кога веќе ја спомнав приказната, уште не можам да простам каде е хронолошки сместена. Кога веќе решиле да газат по континуитетот, можеа да одлетаат безбедно после настаните во Nemesis и таму да си прават што сакаат.
Моите штреберски чувства беа повредени во моментот кога испадна дека Клингонците не знаат што е универзален преведувач. Какви се овие Клингоци тогаш и како комуницираа во Enterprise ако ова е во истиот универзум? Мислам, немам проблем со тоа како изгледаат, ниту со нивната обвновена митологија, ама вакви глупи ситници лесно ме вадат од такт. Исто и оној ако испадне дека е маскиран Клингонец, што го спасија во првата епизода со Мад.
Ете, не знам ни ликовите како се викаат. Го знам Лорка и го знам тој високиот вонземјанин. Мора серијата да превземе нешто и околу ова. Разбирам дека форматот не дозволува така лесно епизоди фокусирани на еден лик како би го запознаеле подобро, ама побогу како се вика таа со црвената коса и имплантот на фаца? Лорка е цар, мило ми е што конечно доби повеќе внимание од претходно, дури некогаш е во поголем фокус и од црнкињата одгледана од Вулканци. Каде на друго место ќе видиш толку заебан капетан што си става капки во оштетените очи за да види спектакуларна експлозија на непријателски брод? Цар.
Ме занима како ќе се движи понатаму. Интересно е. Да, не е најдобро, не верувам ни дека ќе стане стандарден Star Trek, веќе е предалеку од таму. Можеби конфликтот со Клингонците ќе спласне, па како што рече Лорка, ќе може целото знаење што е производ на војната да се искористи во цели од кои Федерацијата ќе има некаков научен бенефит. Или може ќе тераат како Battlestar Trek до крај. Сеедно, останувам до каде и да оди. Никогаш Star Trek не бил ваков претходно, а сакам да знам која ќе биде крајната граница во случајов.
No comments:
Post a Comment