Следната година култниот канадски нискобуџетен научно-фантастичен Cube ќе прослави дваесет години од премиерата. И тоа, веројатно со римејк кој е моментално во продукција и ова го дознав баш денес додека истражував околу филмот. Нема да навлегувам колку е непотребно дополнително цедење на идејата која Cube ја презентира, само уште еднаш ќе се намрштам кон неивентивноста и излишните римејци, рибути, приквели, адаптации и продолженија што последнава декада го доминираат филмскиот мејнстрим.
Cube можеби и не припаѓа таму, но е еден од оние филмови кои успеале да испливаат до повеќето научно-фантастични топ листи. Не можеш да останеш рамнодушен на тоа што го носи. Првиот пат кога го гледав пред години, бев запрепастен од брилијатноста, уникатноста и едноставниот начин на кој е изведен филмот. Ефективен е како тензичен СФ, но во исто време прави солиден напор да се истакне и како психолошки ролеркостер. Второво можеби и не функционира толку добро како што го памтев, меѓутоа Винчезо Натали и целата екипа вложувале очигледен труд, па некои ствари кои се малку трапави, веројатно поради недостатокот на искуство, немам проблем да ги простам.
Вниманието кое е посветено на деталите, од начинот на кој е сниман филмот, до имињата на ликовите (секој носи име на познат затвор) заслужува почит дури и кога идеите кои провејуваат низ тој контекст не се најдобро презентирани. Но, ајде отпочеток, со генералниот концепт. Неколку странци се будат во чудна соба која има отвор на сите шест страни. Секој од тие отвори води до иста таква соба, но во различна боја и честопати со некаква смртоносна стапица. Ниту еден од ликовите не знае зошто е таму, ниту како се нашол, а уште помалку во каков механизам се наоѓа. Мистеријата е задржана и за публиката, но повеќето претпоставки што ги правиш за нивната ситуација, ги дискутираат и самите ликови.
Единствено што можеш е да се препуштиш на клаустрофобичната тензична атмосфера, да се надеваш дека ќе го најдат излезот, додека меѓусебно си стануваат закана позаебана и онаа што можеби ги чека во следната "коцка". Во 2002 излегува продолжението Cube 2: Hypercube, со кој новиот продукциски тим се стреми да го зголеми интензитетот на оргиналната идеја сместувајќи ги новите ликови во слични соби кои се дел од тесеракт каде што "стапиците" ги виткаат законите на физиката, времето и просторот.
На хартија, Hypercube можеби и не е толку лош, но со самото тоа што оди комплетно во научно-фантастична насока, ја губи сировоста од оргиналниот филм. Cube се труди да фрли малку наука во тоа како функционира големата коцка која ги држи ротирачките соби, додека Hypercube забегува со квантна физика, површно чепната за да има некаква тежина и ликови кои се таму само за да умрат. Нешто како тринаесетото продолжение на Saw. Математичките елементи во првиот филм не беа таму за да ја движат приказната, туку да послужат само како уште еден предизвик за ликовите. Hypercube "научниот" елемент пробува да го третира премногу сериозно и едноставно не успева.
Но, поради глупава носталгија, не можам да го мразам Hypercube. Не е кецот, ама ми е некако океј. Би сакал истово да можев да го кажам и за третиот дел од 2004, Cube Zero кој е всушност приквел на кецот и е еден од најлошите филмови што човештво некогаш ги има создадено. Не само што е понижувачки како Cube филм, туку не функционира како филм воопшто. Главната грешка што ја прави Cube Zero е што во исто време се обидува да одговори прашања кои ги поставуваат претходните два и да создаде свои.
Убавината на Cube лежи во тоа што ниту едно прашање нема потреба да биде одговорено. Еј, па тоа е половина од искуството. Никогаш да не видиш и дознаеш што се случува надвор од машинеријата или кој и што стои зад тоа. Ако го напуштиш просторот во кој се одвива приказната и "реализираш" една од теориите, заслужуваш да си затворен во таква ебена коцка додека не умреш од глад. Не знам кој решил дека Cube Zero би можел да допре до било каква публика, ама со оглед на тоа каков лик од цртан филм е главниот негативец, веројатно не им било многу грижа.
Римејкот, иако комплетно непотребен, можеби и ќе се обиде да го задржи духот на оргиналот. Можеби и ќе ги третира ликовите на начин на кој Винчензо Натали ги има замислено во ваква ситуација, секој да претставува различен човечки архетип сместен во животна опасност и решен на секакви постапки, наместо да се труди да ги убие на "креативни" начини само поради шокирање на публиката. Можеби и ќе успеат да бидат инвентивни на друг начин. RoboCop римејкот, за кој бев толку многу скептичен, ете, испадна подобар отколку што мислев. Нема да ме изненади и ако биде комплетно срање кои ќе го заборавиме после неколку месеци, но ете.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment