March 20, 2017

Четири тензични шпански трилери

Не сум сигурен колку филмови од шпанско говорно подрајче имам изгледано, ама не се многу. Пред оваа приватна недела на шпански филм што почна со една препорака, можев да набројам барем три. Сега не можам да се сопрам со гледање. Не се сите од Шпанија, некои се од Латинска Америка, ама ќе си дозволам да ги ставам сите во една група зошто не можам да направам разлика помеѓу шпанските дијалекти, така што нека ми простат дежурните полиглоти. Единствена лекција во животов ми бил дел од дискографијата на Cypress Hill, зошто секако нели, не се конформирав со пешаците што гледаа тинејџерски теленовели во средношколските денови и го научија јазикот, ама мислам дека после овие неколку филмови би можел да купам кокаин од сомнителен колумбиец на неговиот мајчин јазик.

Освен јазикот, овие четири филмови имаат и други заеднички својства кои успеаа да ги обединат во еден пост. Повеќе или помалку се порамнети на иста жанровска линија, издишуваат слични непријатни емоции и имаат исклучително тензичен амбиент што те држи на работ од мебелот на кој ти е позициониран газот. Атмосферата кулминира со неочекуван бизарен шокирачки пресврт на средината или на крајот и е главната причина за да не навлегувам во детали што би можеле да ја расипат приказната и доживувањето. Дури и трејлер може да делува спојлерозно, па затоа внимателно. За препораките подолу се потрудив да бидат без ниеден спојлер.


La Cara Oculta е филм на Анди Баиз, тип што е потпишан како режисер на неколку Narcos епизоди. Никогаш не сум ја гледал серијата, свесен сум за нејзината репутација, па веројатно и ја оправдува ако тимот што ја прави е составен од вакви луѓе. Филмот се занимава со мистериозното исчезнување на девојката на млад, богат и распашан дирегент на оркестар кој повремено палката сака да ја мафта и во згодни виолинистки. Добро, Бобо зошто си ваков сељак, зошто? 

Девојката ја нема, а филмот нема ни доволно ликови за да имаш осомничени. На почетокот си во мрак и без никаква идеја за тоа што би можело да се случи со исчезнатата госпоѓица. Но, забавата почнува во моментот кога La Cara Oculta ќе ја сврти перспективата на наративот, ако секако под забава подразбираш урлање кон ликови кои не можат да те слушнат затоа што се ликови во филм, нели. Од тој момент веќе си со испотени раце до самиот крај, кога се прашуваш дали е океј што мислиш дека сите кои се дел од ова си го добија заслуженото.


Слично како со La Cara Oculta и тука исчезнува девојка, поточно исчезнува нејзиното тело од мртовечница. Мотивите и виновникот за убиството се познати од почетокот на филмот, меѓутоа каде и зошто го нема телото, не знаеш до последните десетина минути. Тензијата е толку густа што мислам дека преживеав саат и пол без воопшто да земам воздух, а не па да ја пипнам пицата што ја стокмив пред да го пуштам. Мрачниот, дождлив, пригушен сетинг не помага да се осеќаш подобро.

На моменти, El Cuerpo успева да биде класична whodunit приказна со симпатични ликови за кои навиваш и кога не треба. Додека стигне филмот до "големото откритие", моралниот компас ти е толку раштрафен што после ти треба некое време тишина за да преиспиташ некои ствари. El Cuerpo блеска и со актерската екипа без која можеби нема ни да е пола добар од што е.


Додека претходните два филмови си поигруваа со некои дилеми кои ги имав околу ликовите и нивните постапки, Mientras Duermes успеа да извади само чиста омраза од мене кон главниот лик. Обично кога филм вака ќе се фокусира на антагонист, очекувам да најдам нешто што ќе ги оправда неговите постапки. Дури и Норман Бејтс можеш да го разбереш ако сакаш. Овој филм не го дозволува тоа. Цезар е еден од најодвратните ликови што воопшто сум ги сретнал во фикција и ќе би одзел сигурно цел пост за да го доловам како што треба.

Mientras Duermes е дефинитивно и мојот омилен од овие четири тука, најмногу поради силниот наплив на емоции што ми го предизвика. Кога видов дека е од истата екипа и режисер на [REC], ми стана јасно. Балагуеро е очигледно мајстор за создавање на тоа грозното во стомак, само што овојпат провокацијата е во форма на психолошки трилер. Бев цел ден видно потресен. Секоја чест и за Луис Тосар и неговиот перформанс, ама ќе го мразам исто како Кајл Меклаклан зошто беше лошиот во The Flintstones филмот.


Измеѓу овој и Mientras Duermes го изгледав El secreto de sus ojos, феноменален филм, но жанровски во малку поинаква насока, па мислам дека тука ми опадна и расположението за ова што е Los ojos de Julia. Концептот е океј, жена која постепено ослепува се обидува да го реши убиството на нејзната сестра близначка и филмот функционира до моментот кога пресвртите ќе почнат да се однесуваат како од сапуница. Сфаќаш? Демек шпански филм? Ах, не е битно...

Актерите се океј, има фаци од El Cuerpo и Lа hаbitаción dе Fеrmаt, режијата е солидна и филмот е стварно убав за гледање, меѓутоа без некои елементи би бил далеку поефективен. Се разбира, вреди за да се спука во некој ваков маратон, ама на некои моменти е напорен од многу погрешни причини.

No comments: