April 10, 2020

Епа, Jay and Silent Bob Reboot воопшто не е лош...

Режисерската кариера на Кевин Смит има удрено ептен јако во два брана. Првиот е во девеесетите, а вториот на почетокот на следната декада. Токму вториот со Jay and Silent Bob Strike Back не ме промаши ни мене тогаш, па тинејџерските денови ги проаѓав со филмовите кои го сочинуваа тој View Askewniverse фазон. Понатаму низ годините како омилени си ги двојам првиот Clerks и Mallrats, ама ги обожавам и останатите, а последен пат кога проверив супер се држеа. Денес застапуваат една поинаква ера за филмови и поп култура, ама ете изгледа упорно одбиваат да бидат прегазени од времето.

Со Кевин Смит подоцна се разделивме после низа лоши филмови и испади, баш годините откако реши да му стави крај на View Askewniverse со вториот Clerks. Пројде неколку филмови да истражува некои други концепти и идеи, ама никогаш ништо не успеа да ме залепи. Неколку години покасно пак ни се сретнаа патиштата, сега со неговиот феноменален подкаст посветен на Бетмен ствари - Fatman on Batman. На времето кога два саати дневно трошев по автобуси само ова можеше да ме спречи да не умрам од досада. Подкастот уште фура и денес во поинаков формат, се вика Fatman Beyond. Провери.


Кевин Смит пред некоја година имаше срцев удар. Денес е видно ослабен веган. Додека тогаш е во болница сфаќа дека ако умре, ќе умре со Yoga Hosers како негов последен филм. Така и се раѓа идејата за неговото ланско враќање во View Askewniverse со Jay and Silent Bob Reboot, филм за кој бев крајно скептичен до пред некој ден. Не сум најголем љубител на продолженија на комедии каде што главните ликови не се мрднати од место, а актерите кои ги глумеле се видно остарени. Затоа и никогаш нема да го гледам продолжението на Dumb & Dumber или новиот Bill & Ted. Некако случајно заглавив со Jay and Silent Bob Reboot и сум запрепастен колку е презабавен. 

Сериозно, кој да помисли дека Џеј и Сајлент Боб би биле забавни или релевантни во филм од 2019? Претпоставувам дека и Кевин Смит е свесен за ова, па затоа филмот помина со поскромни проекции низ кино салите, а многумина не ни знаат дека воопшто постои. Ќе ми беше криво ако го пропуштев. Не ме препороди, ама во бавниов изолациски кошмар успеа доволно да ме разведри и изнасмее. Фала ти, Кевин Смит.

Филмот во никој случај не движи самостојно, ама не е ни така замислен. Повеќе е како љубовно писмо од Кевин Смит до старата публика. Референцира куп ситуации од минатите View Askewniverse филмови, се појавуваат и многу познати ликови од истите, па предзнаењето од тој дел од филмографијата на Кевин Смит е задолжително. Како што кажува во еден од подкастите, ова е како некој негов Avengers: Endgame, па препорачливо е да си запознаен со стварите што биле претходно. Исцедил сè што стигнал, баш како да му е ова последен ваков филм. Некои од гостувањата секако ги очекував, онака стандардни, ама некои други ми беа толку неочекувани што ме срипаа од кревет во радост и неверување.

Jay and Silent Bob Reboot ги следи Џеј и Сајлент Боб кои овојпат се обидуваат да спречат холивудски рибут на филм базиран на нивните стриповски инкарнации - Блантмен и Хроник. Кевин Смит намерно користи слична приказна како во Jay and Silent Bob Strike Back, па низ гласно истакнат мета-наратив се спрдачи со холивудскиот перверзен тренд на разни продолженија, римејци и рибути, додека истовремено фура речиси ист таков тип на филм. Дополнително, успева да го закачне и она ново холивудско форсирање на расен и родов диверзтитет, а повремено и да удри по себе. Веројатно иронијата е намерна, ама толку симпатично се справува со сето ова, па може да му простиме.

На Кевин Смит денес не му успева да направи асален филм надвор од View Askewniverse. Утепа повеќе од десет без нешто особено впечатливо, ама па затоа удобно си гази тука. Само ова знае. Лесно излегува на крај со ликовите и ги нуди во соодветна форма која публиката добро ја познава. Еволуирани се ептен малку, со речиси стриповска прогресија, а сепак зачудувачки добро функционираат во Jay and Silent Bob Reboot. Да, "рибутира" доволно за да ти е удобно, ама истовремено е и повеќе од само збирка референци и стари штосови. Никогаш не се чувствува како вишок во однос на остатокот од View Askewniverse.

После ова некако попозитивно гледам на најавените продолженија на Clerks и Mallrats. Дури и да не успее да ги обликува онака најсовремено, мислам дека ако ја најде средината помеѓу тоа и веќе старошколската носталгична основа како во Jay and Silent Bob Reboot, и тие ќе ги потрефи. Кевин Смит знае како да си ја тинтра публиката, децении е во јадрото на поп културата. Па, ако не колабираме ко општество до тогаш можеби ќе дочекаме уште некое фино дополнување на View Askewniverse.

No comments: