December 20, 2017

Дали уште веруваш?

Мислев дека Рики Морти ја има најлошата публика додека не ги поминав последниве два месеци на /r/eminem. Можеби не си вметнуваат кисели краставици во анусот во нихилистички занес, ама нивото на нездрава опсесија и мемефицирања спаѓа во слична клиничка категорија. Дента кога стана очигледно дека кампањата за "лекот" Revival што третира atrox rithimus е вирален маркетинг за нов Еминем албум, секојдневно се затекнував на тој сабредит. Колку и да беше забавно расплетувањето на "доказите", сретнав уште една одвратна збирштина фанови. Секогаш кога ќе осетев дека ги гушам луѓето околу мене со зборење за Revival, одев таму да се утешам дека има и полошо.

На истото место се прелажав неколку пати за датумот на излегување на самиот албум, зошто пред да се утврди 15-ти декември за официјален датум, вадеа некои други, базирани на "траги" оставани низ скриените реклами. Кендрик така без голема најава пролетоска го објави DAMN, па некако глупавите теории од подрумските редитори имаа логика. Кога веќе кампањата беше во полн ек, се појави првиот сингл, "Walk on Water" со Бијонсе, интроспективна балада за средовечна криза, без бит. Види, јас сум отворено лажен рапер. Секогаш го поминувам тој тест кога ќе кажам дека It Was Written ми звучи подобро од Illmatic.


Сепак, колку и да сум свесен за комерцијалното присуство во творештвото на Еминем, пак мислев дека има некои граници кои не би ги поминал. Или барем не би ги поминал пак. Статусот на еден од најдобрите на сите времиња си го одбрани со MMLP2, има пари да ги купи сите црнци рапери сосе златни ланци, дали навистина му треба Бијонсе за да продаде или да биде релевантен кога и самиот е бренд одамна? 

Но, океј, си реков. Веројатно "Walk on Water" е само вовед. И, онака во текстот кенка како очекувањата за него се преголеми, како се плаши дека ќе разочара, дека фановите денес му се смеат, па мислев дека со тоа само дополнително ги спушта за да распали ќефски онака, како на The Eminem Show. Нели веќе не е млад, кажа речиси сè што има да каже, го посра Трамп скоро, сигурно на Revival ќе се занимава со теми што можеби повеќе му одговараат на искуството и возраста? И, секако со рап. Зашто беше прилично самоуверен кога тврдеше дека е "Рап бог", од каде оваа несигурност сега?

Датумот за Revival беше официјално најавен со листа од 19 нови песни. Ги читам имињата на соработките. Ед Ширан, Пинк, Алиша Киз, некој рапер што никој не го знае и уште неколку поп имиња за кои исто не сум сигурен дека се воопшто важни за некого. Го нема Дре, нема песна со Ројс, со Јела, D12 уште помалку, Slaughterhouse исто така... И, ова се само имиња што му се блиски соработници последниве години. Дури и јас бев од тие намагарчените што очекуваа со Кендрик да спукаат некоја сериозна тема. Или со било кој од денешниве актуелни рап гиганти. Ништо од тоа.

Тука некаде дополнително ми се размрда довербата, но и покрај невообичаениот избор на гости, превртеното американско знаеме на омотот некако ми ја одржуваше надежта дека ќе слушам накурчен албум, па макар и Eд Ширан да го завива референот на песна во која Шејди ја дига на клоци администрацијата на Трамп. Пресреќен што го имам албумот два дена пред официјално да излезе, конечно дојде моментот кога ќе дознаам колку и дали се исплатеше четиригодишното чекање.

"Walk on Water" е сепак интро кое се прелева во "Believe". "Believe" има бавен, замрачен, малку траперски бит, некарактеристичен за Еминем. Темата е сосема спротивна од онаа во "Walk on Water". Настапува смело и сигурно, елиминирајќи го секој сомнеж во себе, додека прави да се осеќаш виновно со прашањето од рефренот - дали и ти сè уште веруваш во неговите зборови? Свесен дека можеби бил единствената утеха во некои моменти за некого, во пет минути успева да те потсети зошто воопшто некогаш допрел до тебе. Во случај да си подзаборавил, се разбира.

Иако "Belive" нуди сигурност дека можеби на Revival ќе го чуеш тоа за кое си дојден, албумот понатаму се разводенува со досаден поп звук и мрзливо склопени матрици. Не ми е јасно зошто. Од Recovery навака имал и други поп соработки, ама никогаш вака некреативни и иритирачки. Што кур бара Алиша Киз да пее рефрен на политички набиена тема? Ако веќе си тргнал против Трамп, обиди се да звучиш како на "We As Americans", "White America" или "Mosh" наместо како љубовна песна од Бебе Реџа. Чија одлука било ова? На Пол Росенберг? Џими Ајвин? Каде е Дре на албумов? Го викна ли некој докторот? Или можеби Еминем стварно го изгуби умот откако ја фрли дрогата во ќенеф.

Изненадувачки, "River" со Ед Ширан не е воопшто лоша. Да, очекував да е таков нежен поп што ќе ја покрие и таа група од пазарот и ќе беше сосема доволно да е единствена со таков концепт, ама Revival страда од повеќе такви. Како пет пати да пробал да ја напише новата "Love The Way You Lie". "Need Me" со Пинк е веројатно најлошата песна од Еминем до денес. Ја прави "Ass Like That" да звучи како "Lose Yourself". Аранжманот е едноставно лош по секој основ, не е ни генеричко поп хитче какво што очекував дека ќе биде.

На минатиот албум ја имаше "Headlights" каде што се извини на мајка му, и тоа е сосема океј. Луѓе созреваат, се менуваат и некогаш неславните постапки од минатото заслужуваат вакво третман, особено ако претходно такви драми се одвивале пред цела јавност. На Revival со "Bad Husband" испраќа слична порака и до Ким, очигледно неговата вечна непроболена љубов која исто како и мајка му, беше долгогодишна мета за неговите морничаво навредливи стихови.

Revival го затвораат две споени песни кои се исто така исполнети со каење и извинување, овој пат насочени кон ќерка му Хејли. Се навраќа на најраните почетоци на кариерата, на предозирањето пред Relapse и зборува за каков би бил животот на неговите најблиски без него. Кога веќе не можам да го добијам нестабилниот Слим Шејди, се задоволувам и со ваков искрено емотивен Маршал. Затоа и сум запрепастен од пропуштениот потенцијал на Revival. Стариот уште може, ама некој тука решил да се заебава. Жално е ако идејата било да се задоволи ама баш секоја публика. Успешен беше и кога не се трудеше секаде да притрча.

Продукцијата и изборот на битови е катастрофа, барем на поголемиот дел од албумот. Рик Рубин дефинитвно треба да излезе од студиото на Еминем и да оди да продуцира нешто друго, а за Алекс Да Кид можеби е дојдено времето да се проба во некоја друга бранша. Ете, Дре го нема освен како извршен продуцент и веќе се помирив со тоа, ама како може покрај толку квалитетни битмејкери да имаш две-три ствари кои се семплови на познати песни како "Zombie" и "I Love Rock'n'Roll"? Како да сум влетал во Балет и некој невешто да микса досадно рокче со Еминем акапели. Што му фали на Фредрек како продуцент? Единствената негова ствар тука, "Framed", е баш она што најдобро функционира (заедно со "Believe"), макар и што звучи како да е излезена од Relapse.

Види, разбирам дека секој музичар треба да има прогрес и да експериментира со звукот. Меѓутоа, претераното шашаво експериментирање е најголемата маана на Revival. Не само од музички, туку и од тематски аспект. Насекаде е, на сите страни. До сега сите претходни албуми му имале кохерентна целина и покрај ситните отстапувања. Овде не сум сигурен што се обидува да направи. Дали е самоанализа на човек што наскоро ќе наполни 50 години? Можеби е компилација на евтини љубовни графити? Сигурно не е политички албум, со што изгуби супер прилика да застане зад и биде гласот и на оваа генерација. Revival нема никаков идентитет, најмалку како рап издание.

Доколку ова е навистина последниот албум, што и не би било логично зошто се вика Revival нели, ова не е начинот да си одиш. Ама, срамота е од пеесетина снимени песни овие деветнаесет да биле најдобриот избор. Најтажно е што уште може да рапува и да пишува, и покрај тоа што треска некоја аматерска фора повремено. Да, некогаш флоуто му е испрекинато како Сири, меѓутоа пак не е полошо од очајниот избор на битови. Не сме на /r/eminem за да се убедуваме дека ова му е најдоброто нешто во кариерата и да му го јаваме курот само зашто е Еминем. Aлбумот е лош, досаден и исцрпувачки. Од тие деветнаесет едвај девет се подносливи за слушање, другите ги премотувам од срам. Некои веќе ги избришав од плејлистата.

No comments: