November 24, 2016

Десет години Crapwerk

Се прашувам што уште ми остана да напишам после десет години. Се собраа повеќе од илјада постови. Дали воопшто некој има снага и волја да ми биде во глава додека размислувам за ствари како поп култура? Мене ми беше забавно. Често, речиси и терапевтски. Додека јас стареев, Crapwerk си растеше. Од тинејџер што мрази празници и петарди, во напорно магаре што веќе го заболе дали има нов Star Wars спин-оф или која е количината на иновативна наука во модернизираниот Star Trek.

И, дојдов до овде, ете ме. Да славам десетгодишина на блог. Ги надживеа сите мои 'проекти' на интернет од ова говорно подрајче. Од Филмски Форум што умре спокојно од природна смрт кога дојдоа социјалните мрежи, до Star Trek заедница која беше милитантно превземена и упропастена од неспособни ликови. Ова некако сè уште успева да функционира како моето 'главно' онлајн присуство денес.


Луѓето што го читаа Crapwerk доаѓаа и си одеа низ години. Дел од нив уште се тука, има и нови, а со некои дури склопивме и офлајн пријателства и познанства, замисли. Кул луѓе кои можеби никогаш немаше да ги сретнам во животот доколку не ги експонирав мислите толку јавно. Фала ви на сите што сте одвоиле време да прочитате како сум се посрал врз стварите што ве прават среќни или сум се радувал на тие што ги мразите. Знам дека често се наоѓаме и на иста страна, ама сакам да драмам.

Очигледно сакам и да сум интроспективен на годишнини, па пред беспотребно да ја однесам ситуацијата надвор од контекст, еве ја неизбежната компилација на најкликаните постови од последнава година.

No comments: