November 9, 2016

Уште еднаш за Star Trek Into Darkness

Две години откако прв и последен пат го гледав Star Trek Into Darkness, се одлучив да му дадам втора шанса и еве ме сега со поинаква перспектива. Сигурен сум дека Star Trek Beyond има некаков удел во ова мое ново расудување, ама исто така пројде и доволно време за да фино да отстои целиов овој нов Star Trek на Џар Џар Абрамс. Ми се свиѓа Beyond. Уште стојам на тоа дека е најдобриот од сите овие три. Но, со чекор наназад и ново гледање на кое не ја донесов мојата огорченост од првиот дел, ќе заклучам дека Into Darkness е стварно солиден филм. Во некои моменти и одличен.

Можеби не совршен како Star Trek, но ајде за атер на аголот, да речеме дека е засебна ствар. Барем како што одминуваат годините, некако уште повеќе се одвојува од "класичниот" Star Trek и си завзема некој свој поцврст облик. Затоа и се потрудив да го погледнам Into Darkness како нешто што не е дел од голема постоечка франшиза. Тогаш некои работи самите ми се открија. Дури и оние точки каде што се допира или се обидува да оствари контакт со истата таа франшиза, макар биле и обичен фан-сервис.


Да, ќе се согласам со себе дека има е преполн со дупки во приказната. Мислам, самата причина која го става наративот во погон нема некоја смисла. Добар дел од работите кои се случуваат низ филмот, некогаш се без посебна логика. Зошто некој воопшто би будел тип смрзнат 200-300 години со надеж дека од него ќе изнуди помош околу модерна технологија? Пресвртите низ дејствието се премногу на број за секогаш да си поеднакво изненаден (доколку се разбира, успеат да воопшто да те изненадат), но сите овие работи Into Darkness се труди фино да ги замаскира со брзата динамика на самиот филм.

Можеби филмот не ги исполнува критериумите за да биде општо квалитетен, во сечија книга. Но, компромисите што ги направив за да прогледам низ прсти на реализацијата, ми овозможија да го уживам на различен начин, па некои добри елементи полесно ми дојдоа во фокус. Ќе морам да ги расцепкам на неколку делови за да можам поефикасно да ги потенцирам. Ајде тогаш...

Каааааааааааан!!! 


Кан како негативец, изгледа како евтин трик да се придобие и стара публика. Во суштина, тоа и е. Од толкав, пеесетина години граден континуитет, да направиш благ римејк на The Wrath of Khan не баш најимагинативната работа на светот, а особено кога станува збор за Star Trek. Можеби побезобразно е што филмот и студиото, се обидоа да го протнат како нов лик за да се обидат да ја шокираат публиката со откритието, но во самата приказна нема прави некаков поголем импакт.

Драматичната пауза на Бенедик Камбербеч кога го открива вистинскиот идентитет пред екипажот на Ентерпрајз е битна само за дел од публиката. Кан на тие ликови не им значи апсолутно ништо, зошто првпат го гледаат и слушаат за него. Покрај очигледниот флерт на сценаристите со старата публика, има и некој неуверлив момент кој објаснува зошто Кан има таен идентитет, но кога веќе ти станува јасно која приказна ја гледаш, целото тоа пука по рабовите.

За среќа, начинот на кој е напишан Кан и претставен како негативец е беспрекорен. Сакам негативци што личат на вистинска закана, негативци што ќе ги мразам од дното на душата. Што ќе се предизвик за протагонистите. Од ова страда Doctor Strange ете, најсвеж пример на кој може да се сетам. Но, овој Кан тука е брутален и суров. Кога ќе видиш дека не реагира на боксовите на Кирк и ќе најави дека е спремен да гази врз ладните лешови на екипажот на Ентерпрајз за да го добие тоа што го сака, знаеш дека влогот е голем. Перформансот на Камбербеч е совршен.

Кирк и Спок 

 
Упорно тврдев дека не постои хемија меѓу овие нови Кирк и Спок. Можеби зошто Квинто не ми беше тој Спок што го сакав да го добијам, не знам. Но, Into Darkness се труди да добро да го воспостави нивното пријателство и покрај тоа што корените никаде не може да се видат. Кога точно се зближија? Не памтам такво нешто во првиот дел. Овде не само што е опфатена таа меѓусебна динамика, туку и ликовите растат некако природно. Кирк на почетокот на филмот е искаран од надлежните дека е неодговорен и несериозен капетан кој ги почитува правилата кои само него му одговараат. Спок пак, од друга страна, ги почитува до степен да е спремен да го остави и Кирк да умре само за да не ги прекрши. Исто така, Спок со неговото Вулканско надмудрување на непријателот, успева да си ги оправда и името и ликот.

Низ цел филм е убаво и природно разработено тоа. Како Кирк ги применува лекциите (до одреден степен, но сосема доволно), додека Спок се осврнува кон својата човечка страна и го воочува пријателството и жртвите некогаш потребни за тоа да опстои цврсто. Сцената на крајот која ја емулира истата, само со обратни улоги, во Wrath of Khan е убедлива. Иако е јасно дека Кирк нема навистина да умре, но на нов начин е доловен тој емотивен аспект. Кога Кирк вика "I'm scared, Spock... help me not to be... how do you choose not to feel?" не можеш да не го осетиш ладното по р'бет. 

Би сакал да можам да го кажам ова и за остатокот од екипажот на Ентерпрајз, но сепак не функционира толку добро. Некогаш е сериозно супер, сепак Абрамс има огромно искуство со хендлање група на актери и ликови во одредена ситуација, меѓутоа често некои ликови не се доволно искористени или одмараат на клупа додека дојде нивниот момент. Beyond, на пример, многу елегантно го реши овој проблем, делејќи ги на помали групи, секоја со јасна цел.


Режијата на Абрамс


Ова е дефинитивно најдобриот филм што Абрамс го има режирано и ова е од уста на некој што му ги изгледал сите. Да, подобра е и од Star Wars: The Force Awakens. Од почетокот на филмот, кога дел од екипажот е на примитвната планета, кадрите се феноменални. Секоја сцена е полна со детали, флуидна, динамична и забавна за гледање. Нема момент каде што зеваш или губиш фокус. Најдобар пример ми е сцената кога доаѓаат кај Клингоците. Камерата е мајсторија. Ја враќав сцената за да ја гледам пак и да анализирам што се случува. Брилијантно е. Минатиот пат кога го гледав филмот, бев премногу окупиран со изгледот на Клингоците за да го приметам ова.

Дури и акционите сцени се забавни за гледање, а во вакви блокбастери често знаат да се напорни. Некогаш не можеш ни да следиш што се случува, зошто специјални ефекти летаат наоколу. Тепачката на крај меѓу Спок и Кан не е баш најивентивна, но деталите околу некако ја полнат целата сцена, а сепак фокусот е задржан на главното случување. Спореди со Кеноби и Анакин во Revenge of the Sith на пример, или сличен филм со пресметка од ваков тип. Абрамс можеме да го мразиме колку сакаме за идеите, ама неоспорлив е фактот дека добро знае што прави со камери.


Референците кон постоечкиот Star Trek универзум


Добро, ова е нормално, Star Trek филм е. Но, некогаш е ептен очигледен фан-сервис. Да бев расположен за јадење гомна, сигурно ќе пишев дека самиот филм е фан-сервис. Кога си го прочитав претходниот пост за Into Darkness, спомнав дека искористеле фора од претходниот пат со црвените униформи и колку е тоа лошо. Овој пат, само се насмеав и тоа е веројатно.. добро? Иронично, Антон Јелцин изгина годинава. Летоска реков дека ќе чекам да пројде време од неговата смрт за да можам да се заебавам како ја спасил Земјата од неговиот неталент. Пројде ли?

Има и Трибл во Into Darkness. Кул детал. Не само што искористиле култно суштество од Star Trek универзумот, туку и служи како нешто што ја расплетува приказната. Дискутабилно колку сето тоа има логика, но ајде да претпоставиме дека Бонс и покрај тоа што имаше 72 тела на супер-човек, веруваше дека само крвта на Кан што ја тестираше на Триблот може да го спаси Кирк.

Краткото појавување на Нимој е сосема непотребно, бидјеќи екипажот не учи ништо ново од него. Да, Кан е лош и едвај се справиле со него. Не беше Кан толку заебан негативец колку што можеби филмот се обидува да го претстави, ама ајде, нека биде така. Ако другата намена на Нимој била за да ја потсети публиката дека ова дејство е во универзум паралелен на тој Star Trek што сите го знаеме и сакаме, во ред е. Прифаќам.

Клингоците ќе ги сфатам како уште една работа со која Абрамс одлучил да го збогати светот што го создава. Немаат некоја поголема улога од тоа да создаваат дополнителна тензија која може да експлодира во војна. Тука мислам дека е испуштена супер прилика за тоа што можеш да биде Beyond, но океј. Зар не би било тоа најголемиот фан-сервис? Да ги вратат Клингонците како негативци? Можеби во иднина. Новиот изглед им е чуден, повеќе изгледаат како генерации наназад да се расплодувале со Кардасијанци. Се надевам ако се решат да одат со Клингоци во следен филм, дека ќе имаат изглед поблизок до тој што сите го знаеме.

На кратко, да сумирам. Star Trek Into Darkness е добар акционен блокбастер што дефинитивно заслужува повеќе шанси. Темпото на филмот е брзо, некои работи ретко не ги забележав од прва, ама со отворен ум, конечно ги воочив. Можеби недостасува Star Trek дух, можеби и повеќе научна-фантастика, ама ајде еве, ќе соберам храброст да кажам дека е еден од највозбудливите филмови што жанрот ги понудил во последните неколку години. Дури и за тоа што е, вреди многу повеќе.

No comments: