November 2, 2016

Гледам и Legends of Tomorrow, да...

Прво The Flash, сега ова, па веројатно за некоја недела и Arrow. Нема да можам да си го препознаам одразот во огледало. Мислам, на тоа плукање отров за овие серии и сега да чекам нова епизода секоја недела? Кој си ти воопшто Бобо, што ти се случи? Ама ете, очигледно сме тука и нема враќање назад. Legends of Tomorrow е спин-оф на The Flash и Arrow и мојата нова приспивна серија. Во сличен дух со The Flash, со логика и наука од цртан филм, лабаво, шарено и совршено за во позадина на посериозни активности. Не бара никаков фокус, па ако не догледаш епизода не е толку битно, зошто веќе празнините ти се пополнети во следната.  Не го пишав истово и за The Flash? Хм.

Така почна и The Flash. Речиси глупаво. Но, фати некој фин моментум некаде кон крајот на прва сезона, па така што во втората квалитетот веќе драстично беше сменет на подобро. Си добив серија на која детски ќе може да се порадувам за нова епизода. Legends of Tomorrow ја игнорирав до пред некоја недела кога почна втората сезона. Видов дека во втората сезона ќе има некоја верзија на Justice Society of America и тогаш помислив дека можеби го има истиот третман кон изворниот материјал како и The Flash и ете ме, заинтригиран.


JSA е тим составен од суперхерои кој е претходник на денешните Justice League. Со оглед на тоа што Legends of Tomorrow вклучува третокласни херои и негативци во сопствениот тим, некако ми изгледаше дека работите можеби во серијата функционираат добро такви какви што се. JSA би биле одличо појачување. Барем, многу поелегантно од оној Супермен во Supergirl, нели? Сосема точно, ќе потврдам, ама да се вратиме малку назад. Кои се Legends of Tomorrow?

Постои еден лик што се вика Рип Хантер, го глуми Рори од Doctor Who. Рип Хантер доаѓа стотина години од иднината каде што со Земјата владее Вандал Севиџ, бесмртна гнаса полоша од Хитлер и извесни двајца братучеди заедно. Не можејќи да го убие во сопственото време, Хантер доаѓа во 2016 со неговиот вселенски брод што може да патува низ време (но, не и под вода!) за да регрутира небитни фаци од The Flash и Arrow и да го лови низ иднината и минатото. 


Фајрсторм, Атом, Хит Вејв и Колд (браќата од Prison Break), Хокмен, Хокгрл и Сара Ленс што ете била од Arrow, тргнуваат низ патување низ времето со Хантер на авантури исполнети со временски парадокси, лошо сценарио, сомнителна глума и дупки во приказната. Ама, некогаш е толку е интересно што не можам да престанам, ок!? Дисфункционалоста и целата таква динамика на тимот е презабавна. Дури и кога некој останува да дреме на бродот зошто сценаристите не успеале да му смислат место во приказната. 

Уште на самиот почеток серијата нема некоја причина да постои. Во секоја епизода имаат контакт со Севиџ и бараат начин да го убијат и да го избришат од постоење. Зошто едноставно не го заробат и чуваат негде до крајот на времето? Не верувам дека ова го објаснуваат некаде, исто како што нема причина зошто оклопот на Атом нема безбедносен систем и секоја будала може да го украде и користи. Можам телефонов да си го заклучам на осум различни начини, а хај-тек оклоп што е со дизајн и функционалност мазнати од оние на Тони Старк и Ент-мен можат да го користат подмукли шогуни од феудална Јапонија. 


Но сепак, во ред. Простувам поради атер на приказната. Првата сезона е супер. Не ги догледав сите епизоди до крај, сигурно барем пола ги заспав, ама имаше неколку што беа стварно добри. Двете сместени во 50-ти и онаа со Ероу во иднината и со Џона Хекс беа на ниво на The Flash. Серијата дури во втората сезона мислам дека успева да го постигне она што The Flash го изведе со "Out of Time". Тимот има нова мисија која не би ја спојлал сега, а настаните од крајот на прва сезона овозможија и промена на неговата структура што е секако супер освежување. Освен тоа, сега против нацисти се борат. Кога тоа не функционирало во фикција?

Некаде прочитав дека продуцентите ќе правеле различни комбинации со третокласни ликови. Дури и ќе се формира и тим со негативци кој ќе биде новиот главен душман на Легендите. Риврс-Флеш е веќе присутен, а гледам дека еден од моменталните негативци е директно излезен од Arrow. Сезонава има огромен потенцијал, се надевам дека нема да го упропастат. Фино е ова што создадовте обемен телевизиски универзум CW, ама и Arrow ли да гледам сега? Не се сметав себе за таргет публика...

1 comment:

Colorful Martian said...

Ако ме прашуваш мене, од сите овие Arrow е најдобра. Може до мене е, или до глумецот, па да не сум објективна... Којзнае... :)