Шансата што ја дадов на The Flash испадна едно од најфините мали задоволства што можев да си ги пружам на себе последниве месеци. Дури и кога цената е голтање на сопствените зборови. Ќе си ги земеш, ќе си ги напикаш во грло и ќе се потапшаш по рамо. Не е страшно. Мојата новородена љубов кон The Flash после "Out of Time" епизодата од првата сезона, направи оваа да не трепнам. Од "како може да го гледате ова срање" дојдов до "ова е најдобрата суперхеројска серија што не е на Netflix". Се сè случи толку брзо.
Втората сезона не сопре ни момент. Не застана здив да земе. Да успори малце со рацете на колена, да подише. Не сум некој читател на Флеш стриповите, сум прошол само неколку "важни" наслови, но сум доволно запознаен со фолклорот. Знам кој е Риврс-Флеш, Зум ми е познат како негативец, знам за Џеј Герик, Флеш од паралелна Земја, кул сум со Воли Вест. Во моментот кога шлемот на Џеј Герик заврши во универузмот кај што се случува The Flash, се осетив како некој да ми го гушна познавањето на стрипови. Фан сервис или не, супер вовед во целата сезона.
Втората сезона си поигра со сите тие ликови и создаде огромен арк полн со пресврти кои се протегаа дури и низ мултиверзумот на DC. Можеби серијата е слаба со сценариото, меѓутоа тие што ги пишуваат приказните имаат толку добри идеи што доколку бев поголем Флеш фан, веројатно ова ќе ми беше омилената серија. Секој ден ќе пишував долги љубовни писма до CW. Некој таму сепак има муда да биде креативен и покрај тоа што серијата нема намера да "заплива во длабокото".
Цела сезона без филер епизоди. Дури и кога имаше некои послаби со негативец кој никако не ја придвижуваше приказната од аркот, се случуваа ствари што не ми дозволуваа да преминам на следната епизода ако сум ја заспал таа што ја гледам моментално. Форматот на "цртан филм" сè уште е присутен, но ликовите созреваат побрзо од првата сезона. Барем онолку колку што сценаристите успеваат да ги мрднат работите, без да биде ненамерно смешно.
Некогаш ништо не прави смисла, како тоа што триесет пати во епизода ќе кажат дека "мораат да го сопрат Зум, заедно", а тоа упорно не се случува. Дали е мрзливо пишување или идејата е серијата да биде модерната Lois & Clark: The New Adventures of Superman, не успевам да сконтам. Но, некогаш Бери ќе биде доведен на работ на разумот како во финалето или епизодата на Кевин Смит и ќе предизвика настани кои ќе ја разгалуваат публиката со приказната од Flashpoint на Џеф Џонс следната сезона.
Со ова темпо, The Flash ќе има убава иднина. Не очекувам третата сезона да го следи Flashpoint во целост, еј дури не очекувам ни да е слична приказната со стрипот и ликови кои не се "редовен" дел од Флеш на хартија, ама сигурен сум дека ќе биде позабавно од било што до сега. Имаат доволно Флешови за поместување на границите, Бери, Воли и Џеј, па со оглед на тоа како се справуваа со наративот последниве епизоди, од октомври ќе е јако и без да го видиме Томас Вејн.
1 comment:
Jas zabaviv so gledanje na ova. Da ne recam prestanav. Ne mozam tocno da objasnam, ama nekako pocna da mi odi na nervi i da mi stanuva dosadna, najverojatno poradi kontinuiranoto recikliranje na istite glumci vo novi ulogi (od nekoj od paralelnite univerzumi t.e. earth 2, 3 itn. Moze nekad koga epten nema da znam so da praam ke ja zagleam pak, ke vidime. :)
P.S. Nekad imav account na blogger (i nekoj kvazi aktiven blog) ama da me utepas ako pamtam koj mi e user-ot :)))
Post a Comment