December 3, 2015

Преживување во Alien: Isolation

По два-три месеци натегање и ребалансирање на сопствениот џеб, конечно склопив нова гејмерска машина на која ќе може да си ги дозволам задоволствата од насловите што излегоа оваа и кон крајот на минатата година. Верувам дека одлуката ќе ми ги овозможи и тие што доаѓаат во следните неколку. Alien: Isolation ја купив пролетоска и бев како тажното дете што има дискети, ама нема Нинтендо. Чекањето ми се исплатеше. После десетина саати играње, впечатокот е дека ова е една од најдобрите што некогаш сум ги играл, сè што се надевав дека ќе биде.


Играш со ќерката на Рипли, Аманда, петнаесет години по настаните од првиот филм. Логовите на Ностромо се пронајдени и се чуваат на вселенската станица Севастопол каде што Аманда со нејзиниот екипаж заминува да ги земе за да открие што се случува. Ја затекнуваат вселенската станица на раб на колапс, со едвај неколку преживеани и неидентификувано суштество кое е главниот осомничен за хаосот. Твое е да најдеш начин да останеш жив покрај опасноста која демне од секое темно ќоше на ладниот Севастопол. Не е проблем само Ксеноморфот, кој патем не можеш да го оштетиш, можеш само да бегаш, да се криеш и повремено да ја мокриш столицата на која седиш додека играш, туку и андроидите кои се репрограмирани да те убијат тебе и останатите живи луѓе, кои замисли, исто така ќе посегнат по тебе кога ќе те забележат. Андроидите се посебен кошмар, верувај.


Гејмплејот се базира на тоа. Остани жив. На располагање имаш места кај што можеш да чекаш додека го држиш здивот, некогаш и предолго, во зависност од тоа што те ставило во таква ситуација, да користиш слаби оружја колку за да најдеш друго место за криење зошто секоја бука ќе го навлече ебаниот Ксеноморф кон тебе и да правиш разни бомби и срања што ќе ти го продолжат мизерниот опстанок. Атмосферата е феноменална, од дизајнот на Севастопол, музиката, осветлувањето, сè наликува на евентуалното дете помеѓу Alien и Aliens, нешто што ниту едно филмско продолжение во франшизата не успеа да го постигне.  Во ниту еден момент не си мирен, еден погрешен чекор може да биде фатален, а исто така секоја следна акција мораш добро да ја промислиш зошто ресурсите кои те одржуваат во игра ти се многу лимитирани. Практично, ова е најблиското нешто до симулација за преживување на Ксеноморфи што ќе го добиеш. 


На почетокот ми изгледаше дека играта ќе ме држи за рака додека играм, сценариото е скриптирано, слободата низ мрачните ходници на Севастопол ти е прилично ограничена, но набргу ќе сконташ дека си оставен сам на себе, сопствената брзина, рефлекси, вештините се прикрадување и повремено колегите од бродот кои само ти создаваат дополнителни проблеми. Нема апсолутно никаква милост. На еден дел од мисија, потрошив два саати додека стигнам од точка А до точка Б без ништо да ме грабне од таванот или дa ме распарчи од зад грб. 


Некаде сум до пола. Барем според бројот на мисии што ги изиграв. Временски, немам претстава уште колку, зошто некогаш ќе заглавиш долго. Играта е вистински предизвик, тешка е, но баш тука е забавното. Искуството е прекрасно, не сум бил вака вознемиран од игра до сега. Ниту од амбиентот, ниту од фрустрациите што ги предизвикува гејмплејот. Еден од најмоќните моменти до сега беше флешбек мисијата на LV-426 каде што играш со член на екипажот кој оди по чекорите на Ностромо. На истото место си како во филмот, доаѓаш до Инженерот и доаѓаш до сигналот што всушност го носи Ностромо на таа проклета месечина. Незаборавно доживување. 

Можеби пристрасно пристапив кон Alien: Isolation, чекањето веројатно придонесе за искуството да ми биде поинтензивно, меѓутоа е една од оние игри за кои имаш желба да ги почнеш одма отпочеток во моментот кога ќе ти завршат. А, не сакаш да завршат.

No comments: