Почетокот на втората сезона на Rebels ја сруши големата врата со нога за Вејдер и Асока Тано да можат удобно да се сместат во авантурата наменета за пополнување на празнината што се чувствуваше по крајот на The Clone Wars. Ми беа потребни неколку моменти да се адаптирам на фактот дека "The Siege of Lothal" ги соочи Вејдер и Асока, учителот против некогашниот падаван. Епизодата, двојно подолга од стандардниот формат ме потсети на најдобрите денови од анимираниот Star Wars. Присуството на Вејдер го краде цел фокус и моќно доминира низ цела епизода, а како публика си збунет и реакциите ти се поклопуваат со оние на ликовите кои првпат ја воочуваат заканата. Иако ми беше јасно дека ова е можеби последен пат што го гледаме Вејдер оваа сезона, благодарен сум што успеале да го убедат Џејмс Ерл Џонс за ваков краток ангажман.
Серијата не сопре тука со поврзувањето на точките. Уште во следните епизоди го вратија Рекс и клоновите кои се бореа на страната на Анакин и Кеноби, остарени и забрадени, но сè уште на "вистинската" страна од војната и правдата. Како гости на терен кој одамна не е во нивна сопственост, "домаќинот" Rebels ги прифати како свои, но за жал во исто време потсети каде е разликата. Не само поради тоа што The Clone Wars нудеше познати ликови и амбиент, туку имаше поцврст идентитет на кој успеваше да се потпре и да се одбие за скокови кон некои сосема нови Star Wars хоризонти. Втората половина на оваа Rebels сезона изгледаше како Дизни да го тера проектот со сила. Бездушните филери го осакатија и онака расклатениот екипаж на Ghost, со стерилни обиди да се обезбеди некаква причина и цел за нивното постоење. Серијата е затекната во ситуација во која не знае кон која публика сака да ја пружи раката. Јас не припаѓам тука овој пат, очигледно.
Но, ако погледнеме назад кон The Clone Wars, на почетокот страдаше од истото, па подоцна, иако со повремени осцилации, го најде тој баланс помеѓу деца и големи деца. Првата сезона на Rebels речиси и го погоди тоа, но во оваа работите се малку поинакви. Разбирам дека опкружувањето и "професијата" на ликовите налагаат некои повалкани теми, но ни тие не ги третира прописно. Иако верувам дека беше само два-три пати, имам осет дека во секоја епизода пљачкаат некакви ресурси од Империјата. Како да ја гледам истата приказна секоја недела, а тоа воопшто не е добро. Дајте нешто поинтересно. Ако веќе е планот да се следи чекорот на The Clone Wars, нема поента од враќање назад. Разбирам дека се стреми кон нешто различно, но тоа не функционира добро секогаш.
No comments:
Post a Comment