December 27, 2015

Проклетиот Тарантино

Не, ова не е "рецензија" на The Hateful Eight, ова е повик да одвоиш три саати и да го изгледаш најдобриот филм за 2015 година чие дејствие не се одвива во пост-апокалиптична австралиска пустелија или некогаш одамна во некоја далечна, далечна галаксија. Ова е филмска мајсторија која испукува од секој внимателно стокмен кадар и дијалог пренесен од врвно талентирана актерска екипа. 

Сирот Тарантино, колку само нема среќа со филмот. Во 2014 некој му го украде сценариото и го пушти во оптек, па се изнервира и сакаше да го објави како книга, па по едно јавно читање сепак се реши да снима. Откако Дизни му ја зема резервацијата за кино салата каде што сакаше да го прикажува на 70-милиметарска лента, распали и по нив. Според тоа што го кажува, The Hateful Eight го снимал специјално за тоа кино и опрема, каде што моментално оди The Force Awakens. Последниот удар по неговото его е пиратската верзија на филмот што ја има на сите торент сајтови деновиве. 


Без разлика на тоа колку е суров и крвав The Hateful Eight, повремено ти лепи насмевка и пријатни чувства, иако си свесен дека тоа што го гледаш треба да е крајно неудобно. Ликовите се одвратни, меѓусебно си ги мразат душите, но се толку добро напишани што ќе мораш да одбереш за чија перспектива ќе навиваш и ќе си ги оставиш моралните вредности настрана. Ако си го пуштил филмот, веќе имаш крв на рацете и нема миење додека не заврши. Сите што се дел од оваа монструозна "театарска претстава" на Тарантино се гадови, нема херои, но настапот им е доволно херојски за некои од нив да ти се наметнат како протагонисти. Тарантино се предизвикува и себе и публиката со секој филм. Нема милост кон темите што ги обработува, не се грижи за твојот слаб стомак и има храброст да исфрли жена надвор од кочија со бокс во фаца. 

Секоја сцена е внимателно насликана, со суптилни детали кои ќе ги видиш ако гледаш на вистинското место. Пример, има еден кадар каде што лик кој треба да оди на бесилка е потпрен до прозор чии ролетни прават да изгледа како гилотина. Немој да ми кажеш да е случајно тоа. Старото касапско куче многу добро знае што прави и го прави со љубов која не можеш да му ја негираш. Затоа е и толку осетлив на неправди кон сопствениот материјал, па нема простор за замерки кога мисли дека Мики Маус намерно работи против него, иако знаеш дека не е баш така. 

Исто така, знае како да го искористи Семјуел Л. Џексон. Додека другите во последно време го третираат како "тој другиот црнец што не е Морган Фримен", Тарантино знае да му го најде вистинското место каде што талентот ќе му дојде до израз. Многу поинаку кога гледаш како изговара дијалог на Тарантино отколку реплики напишани само затоа што некој мисли дека Џексон е сам по себе "заебан мајкоебач". Последен пат Семјуел Л. Џексон бил вака добар во Pulp Fiction. А, Тарантино може да му најде намена и на Ченинг Тејтум, замисли. Дури и со неговиот полу-талент создава некаков океј лик, макар и на кратко.

Django Unchained не ми создаде желба да го гледам пак. Тој и Death Proof некако ми се најслабите Тарантино филмови. Ама, ова... ова не сакаш да заврши. Сакаш два дена да си заглавен со ликовите во таверната додека трае снежната бура и видиш кој до каде и како е спремен да оди. Феноменален филм, секоја чест.

Види такоѓе:

No comments: