December 15, 2015

Први впечатоци од The Witcher 3: Wild Hunt

Ги чув сите убави зборови за The Witcher 3: Wild Hunt, мислам дека не ни постојат поинакви. Како некој што не беше нешто особено импресиониран од двојката (веројатно никогаш не посветив доволно време), ги третирав со резерва додека летоска не ми се пружи кратка прилика да ме воодушеви на PS4. Деновиве, конечно сум Касапот од Блавикен во домашна атмосфера. Во главно, трчам низ некои од најубавите места што сум сретнал во RPG, берам цвеќиња, ослободувам опседнати бунари, првам скриншоти секоја минута, сечам глави на дезертери, помогнав на несреќно село да се спаси од збеснат грифин и моментално се обидувам да дознаам што се случува со Сири.


Забавнa e. Последен пат вака добро во RPG игра си поминував во Skyrim. Уште е рано да го потврдам мислењето на другарите и критиката, дека е најдобрата игра со квестови во историјата на игрите, но дефинитивно е најдоброто во жанрот од Skyrim навака. Приказната е феноменална, а начинот на кој се раскажува те заробува во светот уште од самиот почеток. Дури и попрецизно раскажана, зошто уште во првата таверна имав појасна претстава за тоа што се случува околку мене во светот. И, веќе се грижам за некои ликови, а тек допрва треба да почнам со играње. Тоа ми е најбитното кај ваквите игри. Ако уште од старт не успеам да се внесам, ќе трчам безвезе додека зјапам во бои и бројки додека не најдам нешто друго за играње. Wild Hunt бесмилосно ти прети на слободното време од моментот кога Гералт ќе излезе од дрвеното корито. Биди спремен да се поздравиш со најблиските.


Она што ми ја прави попривлечна од претходните е флуидноста. Движењето е мазно и слободно, борбите се подинамични и аркадни, па целиот гејмплеј е некако позадоволителен. Не знам дали "упростено" е најадекватниот термин, еве ќе одиме со "подобрено" пред да тргнеш со сребрениот елитистички меч кон мене. Уште сум на почеток, па можеби играта допрва ќе треба да се претстави со некој посериозен предизивик. До сега не налетав на борба што е фрустрирачки непристојна, веројатно само сака да ме погали по белата коса пред грубо да ми го спопика.


Имам уште многу пред мене, само што зачекорив. Светот е огромен, па најмногу губам време за го истражам секое дрво и камен, некогаш и да поуживам во музиката. А, дизајнот е толку детален што имам чувство дека не видов ниедно исто до сега. Ќе се разгалам бе со ваква раскошна графика, утре WoW ќе ми изгледа 16-битно и ќе се чудам зошто растенијата не се мрдаат реалистично кога дува ветар. 

За помалку од десет саати, Wild Hunt веќе ми ги врати парите што ги дадов. Вреди за секој долар. Ако си пукнал стотици евра на нова машина, дваесетина долари за Стим клуч (на попуст, додуша) не се ништо. Не биди циција.

No comments: