June 6, 2015

Беспотребен правец во канонот на Stаr Wars

Ах, еве новиот официјален Star Wars канон направи милиони гласови пак да заплачат во ужас. Како да излегол нов трејлер за The Force Awakens каде што сите ликови се Гангани. Секаде е. Низ цел интернет. Дури и да си изолиран во шупа од кал во исвесна пустина, не може да те избегне таа вест за проширувањето на фамилијата Соло. Скандал и расплет на невидена драма, еј! Да, секако... Хан Соло цело време имал жена што го бара низ Галаксијата. И, сега тоа е проблем зошто пркоси на романсата со Леа и е официјално. Дали е толку лошо и страшно за да добива толку интензивно внимание? Не. 

За друго зборат, за друго.

Види, никој не е толку луд да мисли дека ваков пресврт ќе помине тивко. Уште помалку да дозволи ова така канонски да се протне во The Force Awakens. Никаков љубовен триаголник нема да посмета на севселенската љубов на Хан и Леа. Паранојата е непотребна исто како и глупавиот правец што го земаа настаните во Star Wars #06. Да, малку влегува во конфликт со дефиницијата на ликот, зошто колку и да е Соло таков каков што е, не е преварант од овој тип. Дури и да е, мислам дека не е ништо што не се средува со еден панел. Башка, госпоѓа Соло очигледно има слична професија како и господинот, така што причините за шокантниот брак што ја потресе Силата може и да не се толку романтични. Најверојатно не се. Во следните броеви ќе биде ликот во центарот на приказната, па ова повеќе ми изгледа само како сомнителен обид да се насочи вниманието кон стриповите. Освен ако не се покаже како контрапродуктивен потег. 

А, последните броеви се одлични. Штета што ова малку ги изместува добрите ствари од фокус. Има повеќе Боба Фет отколку можеш да посакаш и е баш елегантно изведено. За сметка на Соло, Боба Фет супер проаѓа. Конечно го гледаш како го прави тоа за кое е платен во филмовите и убаво е да се види како си ја оправдува репутацијата. Можеби не е најефикасен и е погласен од обично, ама барем е кул кога ги доминира страниците во последните три броја. Сега, со новата приказна за расипикуќата Соло мислам дека ќе го одморат Боба малку. Така неговото појавување ќе биде поефективно следниот пат кога ќе има работа за него. 

Додека сум на темава, не сопираат гласините за антологискиот Боба Фет филм. Веројатно и ќе се случи. А, доколку приказната го вклучува и Соло, тек тогаш претставувањето на новата невеста би можело да е алармантно. Е, јеби га, ако така. Ќе му ја мислиме тогаш. Darth Vader паузирам, чекам да се соберат повеќе броеви. Се зачитав друго и комплетно изгубив тек со тоа.

No comments: