Пред неколку години почнав серијал на постови со најглупавото можно име на светот, Crapwerk Sci-Fi Special. Чим "серијалот" издржал три дела со истото име, сигурно ми звучело добро тогаш. Последниот таков пост е пред повеќе од шест години. Очигледно не бев редовен со темата толку колку што планирав да сум. Деновиве изгледав три филмови што ми ја вратија идејата за продолжение Crapwerk Sci-Fi Special (агхх...). Како и повеќето четврти продолженија, ова ќе биде непотребно и делумно оддалечено од темата на претходните. Обидот за свежина е со филмови што се занимаваат со патување низ време. Најзабавна тема ми е во фикција, дури и во најлошите ствари сум наоѓал нешто интересно. Барем успеваат да ме задржат фокусиран до крај. Овој пат препораките се понови, од 2014/2015, но сепак стапнуваат во таа Б категорија. Ниту еден не е Timecrimes, ама барем два вредат за второ гледање.
Инспирацијата ја црпи од култната Twlight Zone епизода, "A Most Unusual Camera". Тројца ликови кои ги прават најнелогичните постапки што сум ги видел на филм во последно време, ќе најдат машина што може да прави фотографии 24 часа во иднината. Поради правила и глупави претпоставки кои сами ќе си ги наметнат, се обидуваат да ја поклопат секоја фотографија од нив, заслужувајќи си ја секоја несреќа што ќе ги снајде. Режисерот развива фин концепт, меѓутоа некогаш треба повеќе креативност за да ти издржи повеќе од петнаесет минути. Искупувачкиот момент е во сценографијата и неколку кадри што го прават Time Lapse (барем) визуелно пријатен. И да, ако не ти смета тажната глума на онаа од The Flash, филмот има уште еден елемент што го прави океј за гледање. Остатокот, претежно е исфорсирана тензија.
Какво пријатно изненадување ми беше ова. Со тоа не мислам дека ми го раснесе мозокот со наука, талент и уникатни идеи, туку со финиот тек и ликови на кои нема да им урлаш за стварите што ги прават. Лесен, забавен и најтинеџерски што може. Наивноста и тоа што не претдендира да држи сериозен тон го прават толку поднослив. Дури не ми сметаше ни тоа што користи непотребна и застарена found footage финта. Almanac ги користи "стандардните" правила за патување на време. И, иако некаде пукаат логиката и парадоските, држи каква-таква конзистентност до крај. Одлично ги балансира сите елементи што ги содржи. Задолжително гледање ако приказни за патување низ време и мрзливи недели ти ставаат осмех на фацата.
Уште кога излезе, од постерот и описот мислев дека е нешто поакционо, како Looper. Затоа и не ме завлече, ама некако ми делуваше како логичен чекор после горните два. Најубавото испадна за крај. Феноменален, со одлични актери, сценарио и уникатна идеја. Итан Хок океј, ама вистинската ѕвезда тука е Сара Снук. Го краде цел филм. Не знам како претходно не сум ја сретнал, брилијатна е. Веројатно нејзиното време допрва доаѓа. Predestination ме начека неспремен за тоа што го видов, и ме изненадуваше со пресврти секогаш кога ќе решеше да го забрза темпото. Филм што не ти дозволува да прашаш зошто и како, туку те остава да уживаш во концептот што се расплетува пред тебе. Внимателно со истражување на филмов пред да го гледаш, зошто секаков спојлер може да го заебе доживувањето. Еден од најзанимливите лански што ги пропуштив.
No comments:
Post a Comment