June 7, 2015

Збогум Community?

Добро, уште колку пати ќе си кажеме "чао" со Community? Таман се качи на возот, си мафнавме со мокри очи и по некој фин збор и ете, трча назад од следната станица. Одбива да си оди и да пушти. Ден Хамор, и покрај сите проблеми со NBC, ја истера шестата сезона. Инат, ќеф или што и да е, ја заокружи со 13 епизоди. Со малку клизав старт и со малку изменета постава на ликови, Community дојде до уште еден крај. Не е битно дали и до кога, битно овој пат, збогувањето беше многу посериозно од минатиот пат. Повеќе Абед-мета отколку емотивно, но Community не е серија кај што се плаче. 


Фина сезона. Малку чуден формат, нови сетови, ликови и начин на режија, меѓутоа духот или барем она што остана од него, беше задржан и искористен онолку колку што дозволуваа условите. Кога ги гледаш сите епизоди за ден-два е многу поинаку. Досадните и лошите моменти потешко ги приметуваш кога откако си изгледал, не правиш разлика што од која епизода било. Истиот начин на гледање го применив и за минатата сезона, па испаѓа дека е поефикасен од соочување со две лоши епизоди по ред во две недели. 

Новите ликови кои ги заменува новите ликови кои ги заменуваа старите ликови како на пример Пирс, беа океј. Мајк има нов ангажман со Better Call Saul, меѓутоа не направи некаква разлика за да недостасува. Не дека Френки и Елрој направија којзнае што во сезонава, ама барем не приметив дека Ширли ја нема. Тие неколку секунди колку што ја имаше ме потсетија дека некогаш била тука. Единствен што фалеше беше Трој. Трој и Абед. Дуото остави таква трага врз серијата, што ниту еден нов лик немаше да ја повтори. Абед сам е само Абед, и никој друг не успева да го избалансира или зајакне како Трој. Толку ли не можеше Ден Хармон да го довлечка на кратко за финалето? Барем уште еднаш да се поздрави со колегите. 

Ченг првпат после почетокот на серијата ми беше пак симпатичен. Од епизодата со театарската адаптација. Најсветлите моменти во последните три сезони ги имаше баш тука. Целата болка во стомак што ми ја предизвикуваше изминативе години некако ми ја снема. Веројатно треба да ѕирнам нешто од претходната сезона во случај да сум пропуштил некој Ченг момент, зошто го гледав со скроз различни очи. Се надевам само дека односот према Ченг не ми е сменет поради тоа што првпат го сожалив. Останатите беа стандард, со истите финти и некое мало освежување тука и таму. Некогаш акцентот беше и на позадинските ликови, што отсекогаш биле тука, чисто колку да потсетат дека Ден Хармон во сезонава пукал со сè што има на располагање. Задолжителната пејнтбол епизодата беше очекувана, но со различниот пристап одлично ја освежи шемата. За деловите кои можеби и не беа толку тазе, се потпреа на стандардните мета финти за кои веќе бев доволно навлезен во сезоната за да би фаќал замерки. 

Не знам што би можело да е следно. Седма сезона не. Од ова, може само надолу, освен ако не се случи филмот. Сами некако си го наметнаа тоа за шест сезони, ете ги, среќни сме, доста е. Не дека актерите ги чека блескава кариера, ама доволно е веќе, Ден Хармон. Ако некако може да функционира филм, океј, за уште едно збогување ќе се најде место. Само до таму би можело Community да стигне, најбезболно за сите.

No comments: