June 25, 2015

Преглед на Call of Juarez: Gunslinger

1910 година, Абилин, Канзас. Во локалниот салун влегува сомнителен тип со шешир и пончо. На присутните им тврди дека е легендарниот пензиониран пиштолџија и ловец на уцени, Сајлас Гривс. Иако се неверување, го оставаат да им раскаже за неговите доживувања низ Дивиот Запад кои започнале пред триесетина години. Во замена за неколку чашки алкохол. Првата приказна е за тоа како бегал со Били Д Кид од затвор. Тоа е и првата мисија што ја играш. Навлечен за само десетина минута, пред мене имав еден од најдобрите шутери што ми прошле низ хард-дисков. Типично, години покасно. Немам играно Red Dead Redemption така што ова останува да ми биде најдобрата игра со вестерн тематика, партнеру.


Сајлас Гривс е перфектниот протагонист. Со тоа што добар дел од времето додека играш, приказната ти е нарирана во позадина преку муабетот што се прави во салунот. Па, од време на време, Гривс ќе почне да зборува за некои ствари што, според присутните не се случиле баш така како во неговата авантура, кои очигледно ги преувеличува во негова полза, а тоа се отсликува на гејмплејот со што го прави уште поинтересен. Некои ги "премотува" за да ги усогласи со неговите сеќавања, а има и момент кога е веќе пијан, па како што му се плетка јазикот и престанува да раскажува така ти се плетка и самиот гејмплеј. Додека раскажува како ги бркал браќата Далтон во некој поплавен град, еден од присутните кои ја слушаат приказната задремува, па мора да измисли Индијанци за да го расони, кои треба да ги испукаш кога ќе се појават пред тебе. 


Како што одиш низ приказните раскажани на најдобриот јужњачки акцент, така се запознаваш подетално со Гривс. Како почнал да лови гнасни каубојци, зошто спроведува некаква одмазда и која била неговата крајна цел. Еден куп легенди од тоа време се дел од речиси секоја мисија што ќе ја играш, само видени од негов аспект. Дел од неговиот живот се и фаци како Буч Касиди, Олд Мен Клентон, Санденс Кид, Џеси Џејмс, но во ситуации кои историјата, а и луѓето во салунот поинаку ги памтат. Крајот на Call of Juarez: Gunslinger е толку добар, сосе неочекуваниот пресврт, што првпат во животот аплаудирав пред монитор на игра. Кратка е, пократка и од последните неколку Call of Duty наслови, ама нуди незаборавно филмско искуство (затоа споредба со сингл-плеер мисиите на CoD не е случајна). Ги има сите елементи кои прават добар вестерн, а Сајлас Гривс е кул на ниво на млад Клинт Иствуд. Пукање во салун, ограбување банка, возови, заседи во кањони, Индијанци во пештери, мексикан стендоф.. сè.


Гејмплејот е исполиран до максимум. Графиката, дури и со благиот cel shading, успева да задржи реализам, до степен да можеш да го помириснеш барутот или да осетиш песок во очи. Преубави пејзажи, гратчиња, возови, пустини, до планини со бистри езера, барем додека не пролееш индијанска крв. Изборот на оружја е сведен на неколку типа пиштоли, пушки и шатгани без некоја посебна статисика, но еј, колку различни имало тогаш? Тоа воопшто и не е битно, зошто претежно ефективноста на куршумите зависи од рефлексите (и маусот!) што ги имаш. Особено во дуелите. Музиката е скроз прикладна на амбиентот, па иако можеби не е Енио Мориконе, си потпевнувам "O, Death.." со денови.


Ги гледав баш другите наслови во Call of Juarez серијалот. Ништо друго не ми привлече внимание, а за некои рецензиите се катастрофални. Не се никако поврзани како што видов, секој е различен, со друга приказна и ликови. Зошто некако ми беше малку од Гривс, сега ги играм другите модови што ги нуди играта, а првпат ќе играм New Game Plus очигледно. Обично завршувам игра и никогаш не го играм тој мод, ако воопшто го има. Штета што нема мултиплеер или ко-оп. Само тоа фали за да биде најдобриот шутер на сите времиња. Океј, не најдобриот ама ми го конташ фазонот.

2 comments:

Anonymous said...

Bound in Blood obavezno probaj, mene mi bese podobra i od Gunslinger...jaka prikazna, igras so kul antiheroi ne so nekoi dosadni dobricini, pejsazite sum zastanuval da gi zjapam, bas ona autenticni vestern, akcijata super, razlicni misii...edna od onie igri sto se pamtat sto ti ostavaat jak vpecatok

Бојан Николов said...

Тенкс. Може да ја пробам. :)