May 25, 2025

Уште неколку забаталени игри за ПлејСтејшн кец

Се изнагледав видеа од клонови на Crash Bandicoot за ПлејСтејшн кец деновиве. Немам ниедна од овие игри играно, некои не ни знаев дека постојат или комплетно сум ги заборавил. Тогаш позанимливо ми беше постоењето на Crash Team Racing клоновите, која и самата е клон нели, ама и од тие ништо ми нема пројдено низ контролер. Само ги гледав во списанија и низ каталози и цедетеки. Покрај ствари како Дизни, Луни Тунс, Мапетс, Саут Парк и други франшизи релевантни во девеести, го имаат и Петре Клукајдрвчето извадено од негде да вози картинг. 

Скроз е лудо е кој сѐ се тепал да биде Mario Kart за ПлејСтејшн или поточно да ќари нешто од успехот на Crash Team Racing. Клоновите на Crash Bandicoot се помалку на број, ама ги има. Не дека Crash Bandicoot има измислено 3D платформери, ама има специфичен препознатлив левел дизајн што не бил така спакуван претходно. Игри како Donald Duck: Goin' Quackers, Lilo & Stitch: Trouble in Paradise или M&M's: Shell Shocked веројатно не би ни постоеле без таа инспирација. Не биле џабе. Ете ги сега како повод да се навратам на други забаталени ПлејСтејшн кец игри што сум ги дробел и да поносталгичарам малку. И време беше, пројде цела година од првата тура

Batman Forever: The Arcade Game (1996)

Ја ископав од тезга еден дождлив ден на некогашниот автопазар. Празник беше кога ќе те однесат ко дете да буричкаш по кутии со дискови. Голем дел од игрите за ПлејСтејшн кец ми се од таму купени. Ако не работи дискот мора да чекаш до следната недела за да ја смениш, зашто автопазар работеше само еднаш неделно. Batman Forever: The Arcade Game ми изгледаше чудно и ружно и покрај тоа што Batman Forever ми беше најјаката ствар на свет. И денес кога ќе ја видам ме стега глава. Aма тогаш беше повеќе од доволно што играм ваква игра дома - и тоа Бетмен, иако во флиперницата две куќи подоле имаше милион пати подобри beat 'em up игри.

Army Men: Sarge's Heroes (1999)

Таман кога веќе бев "голем" за да ги распостелувам малине пластични војничиња насекаде низ дома и двор, ја открив Army Men: Sarge's Heroes што практично беше истата таа фантазија спакувана како пуцачина во трето лице. Не e ни отприлика меѓу најдобрите, ама беше доволно интересна за да те замисли дали си стварно голем за да ги пензионираш вистинските пластични војничиња. Пред да згасне, Army Men спука дваесетина игри од различни жанрови за повеќе платформи, ама оваа остана единствената што сум ја играл од цел серијал. Додека неизбежно се врати некој ден, најблиску до ова е онаа Hypercharged: Unboxed.

Alien: Resurrection (2000)

Те пречекуваше со "This game is best played in the dark" кога ја пушташ, ама и со запалено светло знаеше да те препоти. Alien: Resurrection не само што е ексклузивка, туку е и првата пуцачина во прво лице што за движење користи лев аналог, а десен за нишанење. Денес ова е стандард за FPS, ама во тоа време било ново и не им легнало на сите. Има една позната рецензија од ГејмСпот што баш ги кења тие "лоши контроли". Штета Alien: Resurrection нема излезено од ПлејСтејшн, па да би можела да упеца модерен ремастер од некои мангупи како Најтдајв што ќе ја истретираат како Quake или Blood. Една од омилените ПлејСтејшн кец игри и најдобрата пуцачина објавена за конзолата покрај Quake II и Medal of Honor. Филмот е така-така.

Pro Pinball: Timeshock! (1998)

Можеби најверната симулација на флипер излезена во девеести. Настрана тоа што на времето сѐ ни изгледаше реалистично ПлејСтејшн, дизајнот на таблата, звуците и физиката беа неверојатно добри во Timeshock. Баш кога го заиграв ова веќе почна да ги снемува вистинските пинбол машини по флиперниците. Денес се толку ретки што со години приметувам како еден ист лик бара да купи по онлајн огласнициве. Pro Pinball: Timeshock! е единствената игра од листава што има модерен римејк од пред десетина години, ама и тој очигледно времето го има заборавено бидејќи сега првпат слушнав дека постои.

Soul of the Samurai (1999)

Кој забатален концепт се игри со фиксирана камера. Сигурен сум дека денес ова постои како инди поджанр и да побарам ќе најдам еден куп модерни, ама времето им беше таму во екот на популарноста на старите Resident Evil. Ни пола не сум ја контал Soul of the Samurai тогаш. Веројатно ме возел моментот дека вадиш катана, касапиш наоколу и тоа било тоа. Баш деновиве додека прегледував гејмплеј приметив колку е стварно забегана, самата приказна и општо целиот дизајн и амбиент. Играта инаку се викала Ronin Blade во Европа, ама сигурен сум дека мојот пиратски диск го имаше овој омот со Soul of the Samurai.

Space Jam (1996)

Ако нешто е забаталено на листава, тоа е ова. Џордан и Space Jam беа интегрален дел од детството на мојата генерација. Шокантно ми е како ја имав избришано од сеќавање, а памтам триста глупости околу. Знам со кој кои сликички сум ги разменил за албумот, се сеќавам и на касетата од филмот на кино-снимка каде што точно памтам на која сцена се појавуваат силуети од луѓе во публика како стануваат. Веројатно овде и сум дознал што е кино-снимка. Кај ми испари информацијата дека постои играва? Кога ќе почнат да ти снемуваат вакви моменти, сфаќаш дека си многу постар отколку што се осеќаш. Jа пуштив на емулатор, изиграв една партија со Џордан, Багс и Таз. Сигурно и тогаш била вака глупа, ама ја утепувавме.

May 20, 2025

Добро испадна Final Destination: Bloodlines

Вториот Final Destination филм создаде една колективна траума кај мојата генерација со сцената на автопатот со трупците. Каков неповторлив момент. Од тогаш едноставно држиш двеста метри дистанца позади такви натоварени камиони за секој случај и тоа е тоа. Мислам дека таа сцена и денес е останата како највпечатливиот аспект од цел серијал и е првата асоцијација кога филмовиве ќе се најдат во некој муабет. Првите два беа многу популарни во тоа прелазното време од видеотеки во дивидитеки и ми останаа како ептен драги. Не следев нешто многу наклонето после третиот дел, ама истераа уште две продолженија пред да исчезне по 2011. 

Чудно како беа потребни четиринаесет години за Final Destination да живне со нешто ново, особено што во меѓувреме сите поголеми хорор франшизи се изнаредија со разни рибути, римејци, приквели, миквели, рекалибирации, реимагинации и други реизмишљотини. Без многу драма и извољевање за некакво "големо враќање", Bloodlines пристигна скромно со трејлер и ветување дека ќе ја добиеш стандардната шема. Долго немав гледано Final Destination филм и некако му се израдував. Мило ми е што серијалот си даде простор да земе здив и да се проба пак во друго време. Bloodlines не само што не е срање какво што лесно можеше да биде, туку е и меѓу најдобрите Final Destination филмови.

Се изненадив колку Final Destination: Bloodlines не пати од идејата одново да го измислува концептот. Има некои моменти каде што се обидува да ја продлабочи постоечката митологија на франшизата, меѓутоа пак се држи прибрано и верно до она што публиката сака да го види, а тоа се секако инвентивните начини да убие некого. Реално, ретко кој седнува да го гледа ова за длабокиот фолклор. Тука си за верижната реакција што носи до нечија насилна смрт. Логиката често изгледа како излезена од цртан филм, ама тоа е и главното својство на Final Destination. Филмовиве не се сфаќале себеси премногу сериозно, во некоја мера отсекогаш била присутна некаква апсурдна, комична нота - макар и ненамерно. Поради тоа и лесно е да им прогледуваш низ фалинките.

Очигледно е дека има огромна количина на свежа креативна енерија во Bloodlines, без да го изгуби комодитетот на сопствениот калап. Некогаш едвај се приметува дека е филм од 2025, мислиш е нешто од видеотека изрентано. Режисерското дуо мајсторски се справува со концептот и точно знае како да ти го сервира тоа за кое си дојден. Тензијата е постојана, па дури и да предвидиш што ќе се случи, има толку многу чекори што ќе ти ги испотат рацете дур кулминира. Чим си нонстоп на штрек, ќе да е успешно. Имав подзаборавено каква вожња знаат да бидат овие филмови.

Како и секој друг Final Destination филм и Bloodlines има еден куп ликови чија главна намена е да изгинат, со тоа што овојпат не се баш типичната иритантна дружина за која навиваш против. Дури и се грижиш за нив во повеќе наврати. Супер се цела екипа актери. Може повеќето од нив нема ни да ги препознаеш во следен филм, ама одлично ги цепаат ликовиве. Bloodlines е и последниот филм на хорор легендата Тони Тод кој почина минатата година. Доколку некој се интересира за меѓусебната поврзаност на филмовите, веројатно уште повеќе ќе му значи неговото присуство кое и онака само по себе е доволно моќно и емотивно. 

Моментално Bloodlines котира највисоко од сите досегашни Final Destination филмови - и според публиката и според професионалната критика, замисли. Претпоставувам поради тоа што денес рецензии од друга генерација се вбројуваат во тој рејтинг, односно луѓе кои растеле со серијалот и им значи многу повеќе одошто на тогашните критичари. Мора да има и некаква доза на носталгија во пресметките, секако не е подобар од кецот и двојката. Ова наговестува дека можеби и нема да поминат пак четиринаесет години до следното продолжение, иако би сакал да не се брзаат. Лесно потрошлива формула е, глупо би било ова на "стари години" да се претвори во Saw франшизата. 

Види такоѓе:

May 16, 2025

Сребрениот Сурфер: Параволија на Стен Ли и Мебиус

Знаеш дека и не е толку лош трејлерот за новиов The Fantastic Four: First Steps? После години промашување до промашување најмногу поради отсуство на прецизна визија по Avengers: Endgame, ова е прво нешто што барем визуелно изгледа примамливо. И мене ми е смачен Педро Паскал и уште се сомневам во способноста на актуелната постава на Marvel Studios да скрпи солидна приказна, ама ценам колку филмов настојува да има барем сопствен тон кој отскокнува од бајатиот калап што тегне корени уште од првиот The Avengers. Не верувам дека ќе предизвика било каков пресврт во одамна издишаниот жанр, ама за првпат после долго време оставам простор да се изненадам.

Можеби и ова позитивно расположение се должи и на тоа што месециве дробам Marvel стрипови како што одамна не сум. Баш скоро листав Fantastic Four на Џонатан Хикмен, а му се спремав и на серијалот на Марк Вејд. Оттаму контекстот беше совршено наместен за култниот Silver Surfer: Parable на Стен Ли и Мебиус, што уште поќефски легна дека го читав на македонски. Бев возбуден и за самиот превод. Некое време го следам Никола Кузманоски (Полиграматон) преку неговите преводи на Лавкрафт и ме интересираше како ќе биде доловен оригиналниот ракопис на Стен Ли.


Parable е спој на две стриповски дисциплини и авторски визии со различна позадина кои се среќаваат некаде на пола пат. Приказната е независна од марвеловиот континуитет и е издадена во два броја за нивната тогашна подетикета Epic Comics наменета за ствари со "посериозна" тематика. Во склад со времето во кое е објавен, Epic Comics е сосема соодветно место за содржина која се занимава со вера, месијанство и човековата потреба од водачи. Во Parable, Галактус на Земјата не доаѓа како уништувач, туку како божество што го заведува човештвото со лажни ветувања за спас. 

Интересното за Parable е што и овде при создавањето е користен стандардниот "марвелски метод" каде што цртачот не добива целосно сценарио туку само кратка наративна скица, па потоа дијалогот се вметнува во готовите цртежи. До ден денес работат вака, со идејата да се овозможи поголема креативна слобода и визуелниот јазик да добие предност. Таквиот начин на работа бил целосно несвојствен за Мебиус, кој бил запрепастен кога само два дена по нивната прва лабава средба го добил целосниот концепт од Стен Ли. Но, научно-фантастичната поставност на материјалот е домашен терен за Мебиус и резултатот на ваквата несекојдневна соработка е феноменален. 

Препознатливиот стил на Мебиус со лимитираната мека палета и жанровската естетика одлично ја крепат приказната, а цртежите се толку импозантни што и самиот Стен Ли имал трема да ги пресретне соодветно. Мебиус прикажува духовно истрошен свет што совршено се вклопува во амбиентот кој доаѓа од раскажувањето на Стен Ли. Многу би сакал да ги видам тие шест страни од оригиналниот концепт на Стен Ли, ама којзнае дали воопшто постојат некаде сочувани. Штета што оваа соработка е единствената. Marvel универзумот е преполн со забегана козмичка митологија што фантастично би оживеала преку некој како Мебиус.
 
Иако ќе сретнеш дискусии за квалитетот на сценариото и дали Стен Ли воопшто е добар за пишување, мене Parable ми е комплетно супер. Презабавен е за читање и неверојатно сочно и органски звучи на македонски. Сосема адекватно е адаптирана поетичноста на Стен Ли, театралните ноти на Галактус и Сурферот, како и колоквијалноста на дијалозите. Дури и насловот Параволија е свесно избран архаизам, усогласен со тоналитетот на самата проза и нејзините квази-библиски аспекти. Преводот е достапен дигитално и може да го собереш од сајтот на Полиграматон.
 
Многу добро ми дојде ова, ќе натаманам и некои други Silver Surfer ствари чим се докопам до време. Баш додека го читав Doomquest пред некој месец, сфатив дека ми дошле деновите за конечно уживање во шармот на "стари" стрипови што намерно сум ги проскокнувал. Ќе се обезбедам со Silver Surfer наслови постари од девеести, има еден куп што сакам да ги ѕирнам. Има и неколку поскорешни како Black и Rebirth што исто така треба да се соберат, бар да има човек на што да се потпре откако филмон ќе пропадне со Сурфер што не е Норин Рад. 
 

May 5, 2025

Прав момент за Last Epoch

Мило ми е што за толку кратко време сум пак назад на Last Epoch. Ми фалеше домаќинско ARPG. Поигравме Path of Exile 2 што поигравме и супер беше, ама моменталната состоја на играта некако не ме убедува дека ми се исплати за времето. Ендгејмот бргу станува досаден, а и често фрустрирачки со слабиот дроп на потребните мапи за бесцелниот круг на "збриши 10 поголеми мапи". Нема никаков интересен прогрес, а и да има - лимитиран си од начинот на кој собираш и крафташ опрема. Пробав да левелирам други класи додека ја чекав новава сезона на Last Epoch и се откажував уште во првиот акт. 

Не сакам сега да ја кењам Path of Exile 2, нуди сосема различно искуство од Last Epoch и веројатно е океј за тоа што е, меѓутоа веќе не функционира за мене. Неодамна станав татко и сум целосно посветен на тоа, па времето за гејмање ми е малку кнап. Единствено што можам да си дозволам се пократки сесии, а Last Epoch е одлично скроена за такво дваесетминутно неприкинато играње. Доволно да истрчам неколку мапи во монолитот, да се натоварам со корисна опрема и притоа да имам видлив прогрес. Не кубурам со опрема, можам таргетирано да фармам и да крафтам, а и постојано да експериментирам со билдот и да го адаптирам на различни ситуации.
 

Затоа и толку ми се свиѓа Last Epoch. Не треба да следам никаков туторијал од мин-максери, секој билд до сега на Сентинелот испадна ефикасен и успеав да стигнам до високите монолити без проблем. Некогаш склопував околу некое легендарно оружје, некогаш правев билд што едноставно ми беше интересен за играње. Имаш еден куп опции на располагање за секоја класа, лесно можеш да си скрпиш нешто за твој ќеф и да не се грижиш дали ќе преживееш. Акцентот во Last Epoch e очигледно удрен стриктно на забава и допамин, па не пробува лешперски да те убие на секој чекор. Има предизвици секако, ама не се дизајнирани да те казнуваат за секој погрешен клик. 

Последниве две-недели ја пукам актуелната втора сезона Tombs of the Erased. Приказната е уште шкарт каква што и секогаш била и сезоната не прави којзнае што за да ѝ ја подобри презентацијата, ама патот до ендгејм монолитите е толку брз што веќе престанав да обрнувам внимание на овој дел од играта. Tombs of the Erased воведува нова ендгејм фракција, The Woven, која доаѓа со сопствена репутација и дрво со таленти слично на Atlas Tree од PoE меѓутоа овде e корисно и не ми е мака што фармам поени. Weaver Tree ти нуди разни кул ситници, од зголемен дропрејт на ствари до помош во мапи во вид на NPC што се шуња со тебе и ти помага. Можеш и да го ресетираш без проблем доколку поените ти се видат посоодветни на друго место. Комплетно фер и кул, сосе тон опции за експериментирање.
 

Фракцијата носи нов тип на мапи, гробници со нови непријатели и босови кои може да ги сретнеш како посебно ехо на монолитот или како дел од некое постоечко, меѓутоа со помала награда на крајот. Во самиот монолит можеш и сам да избираш какво Woven ехо ќе "вплетеш". Ги има еден куп со различни награди и предизвици, се паѓаат рендом од гробниците, а некои се купуваат со сезонската валута. Може да бидат босови, награди специфични за класа, ехо кое отвара ново крафтање и слични ствари што можеш сам да си ги местиш и да си направиш уште поинтересен тек. Има и едно каде што треба да активираш шрајнови низ мапата и е комплетно налудничаво какви моќи акумулираш таму. 
 
На крајот од секоја гробница имаш можност да појачаш постоечки идол специфичен за класата што е уште еден штос за разигрување на билдот. Многу се кул новиве системи. Супер освежување за ендгејмот, а и соодветно се вклопени за да би можело нешто од нив евентуално да опстои и во идните сезони без да се наруши текот на играта. Покомплексни се секако од Немесисите од претходната сезона кои се уште тука, ама претпоставувам дека Eleventh Hour Games ќе пренесат нешто и од оваа во некој облик.
 

Tombs of the Erased уште при првата најава изгледаше амбициозно и се радувам што ги исполни очекувањата. Толку амбициозно што и Grinding Gear Games се искурназија со мал Path of Exile 2 печ на оригиналниот испланиран датум што придонесе Last Epoch да ја поместат сезоната некој ден покасно. Дури и тоа го направија мангупски и одмерено, оставајќи ја конкуренцијата да пувне во празно. Oчигледно EHG имале содржина во која веруваат и Tombs of the Erased е доказот дека работеле напорно и вложиле огромен труд за да го пркнат ова. Можеби и беше пресудно за дали играта воопшто ќе преживее.
 
Сезоната ја дигна од 4000 играчи дневно до 150000 и гледам дека деновиве дојде до некоја стабилна броја од околу 40000 во секој период од денот. Моменталното лошо расположение околу Path of Exile 2 се погоди уште толку да донесе нови луѓе што е супер, бидејќи дефинитивно им требаше ваков ветер во грб на EHG. Љубовта кон ова што го прават е опиплива и напредокот за само една година е неверојатен. Види ми го првиот пост за Last Epoch пишуван лани пролетта и што сум кењал. Денес е неспоредливо подобрена и поисполирана варијанта од тоа. Алал.
 

Освен сезонските промени, Tombs of the Erased има и многу други нови ситници што подобруваат постоечки опции и системи. Веќе не те ограничува ни на главното мастери, па пример можеш да се левелираш како Паладин и да се смениш во Воид кога ќе ти текне или да ти се достапни ајтемите што дропнале непосредно пред да испуштиш душа на некоја мапа. Подобрен е и бесконечниот простор за чување на сѐ што ќе ти текне, а за тие што се разгалија со Path of Exile 2, играта сега може да се игра и со WASD контроли. Јас уште преферирам да се движам со маус, ама ете го има и ова како опција.
 
Last Epoch ми е најквалитетнaта ARPG опција во моментов. Path of Exile 2 веројатно пак ќе ја пуцам дури кога ќе излезе целосно колку да ги видам останатите акти. До тогаш не можам да се натерам да левелирам друга класа за до ендгејм. Не знам од прва рака каква е ситуацијата со Diablo IV, ама тоа што го гледам не ми звучи најсјајно. Last Epoch ми го почитува времето, не пробува да ми шитне сезонски бетл пасови по цена на цела игра и можам да ја играм како сакам без да се гњавам со туторијали, мета и без целосно да зависам од милоста на рендом орб за парче мочана опрема. Eleventh Hour удрија јако со сезонава. Се надевам дека поддршката од заедницата ќе ги мотивира за уште подобра трета сезона, а и дека конкуренцијата ќе се расони и ќе види какви игри сакаат да играат луѓето.