Мило ми е што за толку кратко време сум пак назад на Last Epoch. Ми фалеше домаќинско ARPG. Поигравме Path of Exile 2 што поигравме и супер беше, ама моменталната состоја на играта некако не ме убедува дека ми се исплати за времето. Ендгејмот бргу станува досаден, а и често фрустрирачки со слабиот дроп на потребните мапи за бесцелниот круг на "збриши 10 поголеми мапи". Нема никаков интересен прогрес, а и да има - лимитиран си од начинот на кој собираш и крафташ опрема. Пробав да левелирам други класи додека ја чекав новава сезона на Last Epoch и се откажував уште во првиот акт.
Не сакам сега да ја кењам Path of Exile 2, нуди сосема различно искуство од Last Epoch и веројатно е океј за тоа што е, меѓутоа веќе не функционира за мене. Неодамна станав татко и сум целосно посветен на тоа, па времето за гејмање ми е малку кнап. Единствено што можам да си дозволам се пократки сесии, а Last Epoch е одлично скроена за такво дваесетминутно неприкинато играње. Доволно да истрчам неколку мапи во монолитот, да се натоварам со корисна опрема и притоа да имам видлив прогрес. Не кубурам со опрема, можам таргетирано да фармам и да крафтам, а и постојано да експериментирам со билдот и да го адаптирам на различни ситуации.
Затоа и толку ми се свиѓа Last Epoch. Не треба да следам никаков туторијал од мин-максери, секој билд до сега на Сентинелот испадна ефикасен и успеав да стигнам до високите монолити без проблем. Некогаш склопував околу некое легендарно оружје, некогаш правев билд што едноставно ми беше интересен за играње. Имаш еден куп опции на располагање за секоја класа, лесно можеш да си скрпиш нешто за твој ќеф и да не се грижиш дали ќе преживееш. Акцентот во Last Epoch e очигледно удрен стриктно на забава и допамин, па не пробува лешперски да те убие на секој чекор. Има предизвици секако, ама не се дизајнирани да те казнуваат за секој погрешен клик.
Последниве две-недели ја пукам актуелната втора сезона Tombs of the Erased. Приказната е уште шкарт каква што и секогаш била и сезоната не прави којзнае што за да ѝ ја подобри презентацијата, ама патот до ендгејм монолитите е толку брз што веќе престанав да обрнувам внимание на овој дел од играта. Tombs of the Erased воведува нова ендгејм фракција, The Woven, која доаѓа со сопствена репутација и дрво со таленти слично на Atlas Tree од PoE меѓутоа овде e корисно и не ми е мака што фармам поени. Weaver Tree ти нуди разни кул ситници, од зголемен дропрејт на ствари до помош во мапи во вид на NPC што се шуња со тебе и ти помага. Можеш и да го ресетираш без проблем доколку поените ти се видат посоодветни на друго место. Комплетно фер и кул, сосе тон опции за експериментирање.
Фракцијата носи нов тип на мапи, гробници со нови непријатели и босови кои може да ги сретнеш како посебно ехо на монолитот или како дел од некое постоечко, меѓутоа со помала награда на крајот. Во самиот монолит можеш и сам да избираш какво Woven ехо ќе "вплетеш". Ги има еден куп со различни награди и предизвици, се паѓаат рендом од гробниците, а некои се купуваат со сезонската валута. Може да бидат босови, награди специфични за класа, ехо кое отвара ново крафтање и слични ствари што можеш сам да си ги местиш и да си направиш уште поинтересен тек. Има и едно каде што треба да активираш шрајнови низ мапата и е комплетно налудничаво какви моќи акумулираш таму.
На крајот од секоја гробница имаш можност да појачаш постоечки идол специфичен за класата што е уште еден штос за разигрување на билдот. Многу се кул новиве системи. Супер освежување за ендгејмот, а и соодветно се вклопени за да би можело нешто од нив евентуално да опстои и во идните сезони без да се наруши текот на играта. Покомплексни се секако од Немесисите од претходната сезона кои се уште тука, ама претпоставувам дека Eleventh Hour Games ќе пренесат нешто и од оваа во некој облик.
Tombs of the Erased уште при првата најава изгледаше амбициозно и се радувам што ги исполни очекувањата. Толку амбициозно што и Grinding Gear Games се искурназија со мал Path of Exile 2 печ на оригиналниот испланиран датум што придонесе Last Epoch да ја поместат сезоната некој ден покасно. Дури и тоа го направија мангупски и одмерено, оставајќи ја конкуренцијата да пувне во празно. Oчигледно EHG имале содржина во која веруваат и Tombs of the Erased е доказот дека работеле напорно и вложиле огромен труд за да го пркнат ова. Можеби и беше пресудно за дали играта воопшто ќе преживее.
Сезоната ја дигна од 4000 играчи дневно до 150000 и гледам дека деновиве дојде до некоја стабилна броја од околу 40000 во секој период од денот. Моменталното лошо расположение околу Path of Exile 2 се погоди уште толку да донесе нови луѓе што е супер, бидејќи дефинитивно им требаше ваков ветер во грб на EHG. Љубовта кон ова што го прават е опиплива и напредокот за само една година е неверојатен. Види ми го првиот пост за Last Epoch пишуван лани пролетта и што сум кењал. Денес е неспоредливо подобрена и поисполирана варијанта од тоа. Алал.
Освен сезонските промени, Tombs of the Erased има и многу други нови ситници што подобруваат постоечки опции и системи. Веќе не те ограничува ни на главното мастери, па пример можеш да се левелираш како Паладин и да се смениш во Воид кога ќе ти текне или да ти се достапни ајтемите што дропнале непосредно пред да испуштиш душа на некоја мапа. Подобрен е и бесконечниот простор за чување на сѐ што ќе ти текне, а за тие што се разгалија со Path of Exile 2, играта сега може да се игра и со WASD контроли. Јас уште преферирам да се движам со маус, ама ете го има и ова како опција.
Last Epoch ми е најквалитетнaта ARPG опција во моментов. Path of Exile 2 веројатно пак ќе ја пуцам дури кога ќе излезе целосно колку да ги видам останатите акти. До тогаш не можам да се натерам да левелирам друга класа за до ендгејм. Не знам од прва рака каква е ситуацијата со Diablo IV, ама тоа што го гледам не ми звучи најсјајно. Last Epoch ми го почитува времето, не пробува да ми шитне сезонски бетл пасови по цена на цела игра и можам да ја играм како сакам без да се гњавам со туторијали, мета и без целосно да зависам од милоста на рендом орб за парче мочана опрема. Eleventh Hour удрија јако со сезонава. Се надевам дека поддршката од заедницата ќе ги мотивира за уште подобра трета сезона, а и дека конкуренцијата ќе се расони и ќе види какви игри сакаат да играат луѓето.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment