Успеав празнично да се оптегнам со таблет некој саат и да пролистам нешто од стриповите што ги трупам за одмори и патувања, а многу сум ги оставал неотворени. Се насобрале купишта разни постари и понови Wolverine, Fantastic Four, Iron Man и X-Men наслови, некои читани и заборавени, други комплетно гланц - спремни некогаш да дојдат на ред. Од марвеливе последниве година-две единствено читав X-Men на Хикмен и Wolverine на Бенџамин Перси, па многу од ова што го начекав на таблет ми се виде "свежо". Веројатно последниот пат кога сум држел Ајрон Мен стрип во раце, филмскиот Тони Старк бил уште жив.
Го скршив мразот со легендарниот Doomquest на Дејвид Микелајни, Џон Ромита Џуниор и Боб Лејтон. Почнува како два броја, #149 и #150, од оригиналниот Iron Man серијал објавени во 1981 кои за првпат го вкрстуваат Ајрон Мен со Доктор Дум. Со јубилејот кој доаѓа сто броеви и осум години подоцна, пристигнува и продолжението Recurring Knightmare, кое исто така е дел од оваа збирка од 2008. Првата приказна ги носи двајцата во ерата на Камелот каде што освен тоа што се заплеткани во конфликт на Кралот Артур и се обидуваат да си наштетат, принудени се и да работат заедно за да се вратат во нивната уште поколоритна денешница.
Продолжението на истата формула пристапува со друг концепт, па заедно со старото друштво од Камелот сега се во иднината, во 2089. Презабавно е, едноставно и стриповски до даска. Многу е лесно ваква приказна да е поразлично остарена денес, ама очигледно синергијата на Ајрон Мен и Дум не дозволува да биде сопрена од години. Doomquest блеска и наративно и визуелно. Секоја страница може да е постер. Ромита Џуниор го има загазено секој детал низ панелите, а лимитираната палета на бои карактеристична за времето од кое потекнува никогаш не изгледала поживописно. Приказната има и уште едно продолжение покасно, Iron Man: Legacy of Doom, ама го оставив за некоја друга прилика.
Следно фатив Hypervelocity, приказна од шест броја на Адам Ворен од 2007, кратко пред да излезе првиот Ајрон Мен филм и да почне глобалната суперхеројска хистерија чии ефекти за арно или за лошо, уште се осеќаат. Намерно го одбрав ова. Одамна немав читано Марвел стрипови што се пред MCU. Не дека нема феноменални наслови и после, меѓутоа некогаш кај ликовите ќе приметев нешто што несмасно се нашло таму од филмовите.
Hypervelocity е веројатно меѓу последните такви. Кратка компактна приказна што вешто се снаоѓа со сопствените сајберпанк инспирации и аспирации. Интересно ми легна после Doomquest, се осети логично помодерен Ајрон Мен и позабеган Тони Старк. Во оваа прилика има нов оклоп во кој би се аплоудирала копија од неговата свест доколку нешто критично му се случи на телото, практично создавајќи вештачка интелигенција базирана на самиот тој. Секако покомплицирано е од што објаснив, ама воглавно во Hypervelocity имаш дигитална копија на Тони Старк со сопствени предизвици како централна тема, додека вистинскиот некаде се бори за живот.
Не е некој којзнае колку нов концепт, меѓутоа интересно функционира во контекстот на Тони Старк и неговите технолошки брлавштини. Кратко е, убаво изгледа и не мораш да читаш броеви околу за да разбереш што се случува. Ми овозможи и занимлива паралела, каков бил ликот во осумдесети и во што еволуирал, а оклопот овде е еден од подобрите што сум ги сретнал во Ајрон Мен стрип. Не ми се читаше пак Extremis и другото што го имав при рака, а ме фати желба за уште Ајрон Мен приказни, што значи морав да станам и да најдам нешто ново и поактуелно.
Грабнав I Am Iron Man, некоја колекција од пет броеви по повод 60 години Ајрон Мен во 2023, издадена во 2024 со бонус претходно објавена кратка приказна од истите автори. Ете пак налетав на јубилеј, кој овој пат го слави стрипот преку неповрзани приказни кои се омаж на неколку различни периоди од историјата на Ајрон Мен како стрип херој. Не ги знаев авторите, се викаат Мурева Ајоделе и Дотун Аканде (?), не знам што пишувале и цртале пред, ама ова е сосема солидно. Може ко Hypervelocity, нема да го отворам никогаш пак, ама барем пола од приказниве дополнително ми го разгореа ќефот за читање Ајрон Мен, што е секако успех.
Најинтересната е парчето од постариот број каде што Тони оди да го бара Тор во Јотунхаим. Се вика Daddy's Boys и е објавена како јубилеен додаток во склоп на редовниот Iron Man #25 од 2022, кој е всушност #650 според оригиналниот редослед. Добра е и приказната што е сместена под вода. Според тоа како е нацртан Ајрон Мен, се "случува" во шеесетите, ама и не е тешко да препознаеш дека ваков тип на Ајрон Мен приказна е стандард од таа ера на стрипови и раскажување.
Четвртиот број од I Am Iron Man некако најмногу ми залепи. Само Тони гледа џиновски чудовишта околу и мора да ги викне другарите како Доктор Стрејнџ за да му помогнат да се увери дека не е комплетно луд. Супер е стриповскиот Стрејнџ. И овде и речиси секогаш кога ќе налета во некоја туѓа приказна. Секогаш и се спремам да читнам нешто со него во фокус кога ќе го сретнам во стрип и не знам зошто упорно прескокнувам. Не сум ни симнал за да имам при рака.
Баш супер ми дојде купов Ајрон Мен. Особено ова последното што испаднаа повеќе приказни во едно, без да знам. Одамна го нема видено Тони Старк во ваков формат, ко стар другар е. Може да проверам и цел тековен серијал од поновиве или да копам во некое постаро време. Doomquest баш и ме загреа за постари изданија, баш онакви што намерно сум ги заобиколувал претходно дека биле "стари", а сигурен сум дека држат приказни што денес со овој памет многу повеќе би можел да ги ценам.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment