Знаев дека барем ќе ја пробам Path of Exile 2 кога видов како изгледа Mercenary класата. Сакав и јас да сум тоа. Да се тркалам наоколу, да пукам со самострел и да расклопувам костури со бомби. Не сум некоја клиентела за кецот. Чим стапнам во ендгејм ме дробат уште пред да кликнам било што, ама немаше шанси да ја пропуштам оваа. Беше и единствената игра што ја стварно чекав во 2024. Сигурно некои седумсто од прегледите на синематикот се од мене. Path of Exile 2 ме придоби со естетиката уште пред да ми расчисти дека немам вештини и трпение да играм Mercenary. Сменив. Ми требаше нешто побрзо и подинамично, па до ендгејмот успеав да стигнам како Deadeye Ranger.
Сам го крпев и склопував, без да ми е гајле дали е "правилно". Билдовите и метата не ни беа решени викендот кога излезе, а не ни сакав да следам упатства на прво играње. Од овој аспект Path of Exile 2 некако ми се чини поедноставна од претходната, иако пак не знае најразбирливо да ти објасни за некои од сопствените системи и механики. Полесно го ресетираш пасивното дрво со скилови и можеш да пробуваш други работи, што е баш згодно за ако сакаш уште рано да почнеш со експериментирање и математики.
Гемовите не се сокетуваат и врзуваат во опремата како во кецот, што е
уште една голема промена која во случајов ми го олесни планирањето и
пристапот. Попрегледно се уредени и можеш да ги видиш и тие што уште ги немаш. Малку касно сфатив дека можам да користам друга група сапорт
гемови и солиден дел од првиот акт можеби ми испадна потежок одошто е,
ама па тука играта ме насочи на други марифети кои ми се најдоа за
понатаму.
А ако имаш слаб билд, опрема и неуредни гемови, Path of Exile 2 лесно ќе те прегази. Многу се гњавев на почетокот. Дојден тазе од Last Epoch, се навикнав махинално да кликам и сѐ околу да умира, a овде секое гасење на мозок морав да ја трчам цела зона од почеток. Гинев од обични непријатели. Ќе те начекаат во ќоше и тешко низ нив, нема каде. Минимално го наштелуваа ова во еден од последниве печови, ама пак идејата е да научиш правилно да се позиционираш и да не дозволиш да си така опколен.
Oва е еден од најлесно совладливите предизвици. Path of Exile 2 има потешки работи со кои ќе треба да се справуваш. Деновите кога излезе се потепаа да ѝ залепат souls-like етикета, ама не е баш таква. Споредбата со Diablo II е веројатно попрецизна. Да, сите босови имаат покомплексни механики и фази од сличните актуелни игри во жанрот. Дури и обичните непријатели знаат да те удрат јако и да згинеш од прва или да те оптеретат со дебафови, ама не е толку фрустрирачки тешка. Јас кој што сум играл само Elden Ring од "тешките" и се тилтам после десет умирања, успеав повеќето босови од кампањата да ги рокнам сам. За некои се групиравме со екипата од дискорд серверот на Crapwerk и беше уште позабавно затоа што босовите скалираат соодветно на групата и предизвикот е поразличен.
Најголем проблем имав со Асиниа и Дрејвен во обичниот прв акт. Некако многу рано во играта ми дојдоа како препрека. Може цело попладне ми отиде само на нив. Без добра опрема, крш ротација, со сите погрешни гемови и без стекнати вештини за како да им ги избегнувам механиките, секој посебно од нив ме кршеше со саати. Морав да фармам околу, да падне нешто корисно што прави демиџ за да се вратам и да пробам пак. Тука првпат седнав саглам да го читам дрвото за да видам што имам погрешно наместено. А не се толку тешки колку што може да те начекаат неспремен. Уште ме прогонуваат нивните реплики. Ми се смрачи кога требаше да ги тепам пак. Оток невиден се.
Она што научив да го ценам и сакам во Path of Exile 2 е колку малку ајтеми ти паѓаат наоколу, барем такви што ти се корисни. Grinding Gear Games и ова го чепнаа малце во печ, ама пак не ти врнат разни шарени ајтеми од сѐ што ќе убиеш. Што некако е супер. Unique првпат видов дури во третиот акт и не ни беше за мојата класа. Кога ќе добиеш нешто ретко и значајно, стварно се осеќа дека е ретко и значајно. Едно посрано оружје што едвај го најдов во вториот акт значително ми го подобри целиот тек. Сите суштества во Вастири осетија дека станав помоќен и позаебан. А и билдот веќе го имав подспастрено. Се фокусирав на lightning наместо на poison и имав некоја побистра насока за каде ќе ги пукам следните поени на комплексното дрво.
Во овој early access кампањата се состои од три акти кои ги играш два пати пред енгејмот, но вториот пат е потешко. Ќе поминат шест месеци до година додека играта ќе биде во оваа фаза и искрено се надевам дека ќе ги пуштат и останатите три акти пред да излезе официјално некаде во 2025. Вториот за сега ми е омилен од цела игра. Path of Exile 2 нема некоја којзнае каква детална приказна за следење, ама околините раскажуваат доволно за да те внесат во светот во кој се случува. Сѐ изгледа добро во играва. Од оклопите до целиот свет како е направен.
Црвената пустина Вастири, караванот што го влечат робови, мастодонските гробишта, маестралниот Дешар и карпестата Долина на Титаните ми се омилените зони во било која ваква игра. Алал за дизајнот и како успеле толку шаренолики зони конзитентно да ги врзат во мрачниот лајтмотив. Тоа што има многу малку информации за што точно се случува на наративно поле ми ги направи уште поинтересни. Кога ќе запнеа работите таму, играв само со мотивот да ја видам следната зона. Од истава причина ми паѓаа рацете и на Elden Ring. Ама мачкаш ациди борици и тераш.
Вториот акт освен што изгледа феноменално со неповторлив амбиент, ти нуди некои мисиите да ги играш по различен редослед. Не е некоја којзнае каква голема работа, ама кога веќе нема да можеш да ја заобиколиш кампањата, добро е да имаш ваква опција за малку да ја размрдаш линеарноста. Најинтересните босови во цела игра ги начекав во вториот акт. Сигурен сум дека Балбала, Џаманра, колосот Залмарат (скроз багнат, ама ужасно забавен) и Тор Гул ќе ги посетувам повремено за да ги мелам чисто поради атмосферата и естетиката.
Третиот акт почна малку да ме исцрпува на второто претрчување, ама веќе билдот полека се обликуваше во овој што го играм на раниве мапи во ендгејмот, и некако брзо го поминав. Првиот пат имав заглавено во тоа посраниот Утзал. Буквално гинев на секое ќоше додека не испотрошив сто седумдесет илјади злато на комар за опрема. Во исто време и сакам и мразам што добивање на посоодветна опрема е скапо на секој начин и зависи од што ксмет имаш. Можеш да купиш и други играчи, ама не ми се гњави со тоа додека не го направат понормално за користење. Не можам да се бркам со луѓе за да тргувам. Додека не е автоматизирано на клик, веројатно ќе фармам или ќе се предадам кога ќе заглавам и ќе немам друг избор.
Крафтинг системот можеби личи комплетно скршен ако го ставиш до оној од Last Epoch на пример, меѓутоа некако наоѓа како да се вклопи во целата мрежа од системи и концепти и како таков да биде во функција. Би можело да е подобро и помалку комплицирано, ама дали тогаш ќе биде истава игра што е. Орбовите за крафтање се добиваат тешко и пак ти зависи од среќа дали нивното користење ќе ти пушти нешто што ти треба. А ја сум таков, некои ги чував додека ептен не згусна. Малку се и не си секогаш сигурен за што и како да ги искористиш. Глуп комар е.
Супер ми е Path of Exile 2. Една од омилените во жанрот. Некако многу подобро ми залепи од кецот и сигурно помогна тоа што ја фаќам вака рано пред да е пренатрупана со системи и механики од лигите. Не дека немам уште работи за учење и откривање, ама фатив некое темпо што ми одговара. Ми се свиѓа дека ја играм натенане и присутно наместо да кликам полуизгасен пред монитор. Не дека не си е нужно и ова второво, ама веќе имам таква фаст фуд опција со World of Warcraft. Ова не ти дава инстант допамин туку ќе те запне да поработиш за пообилна доза. А дефинитивно ќе седнам пак и на Elden Ring. Имав подзаборавено кое задоволство е кога ќе совладаш гнасен бос што те лупал од земја последните саат време.
Тоа што можам да играм ендгејм без солзи и што отприлика знам што правам за разлика од кецот, мислам дека ќе ме задржи да пробам уште некоја од класите. Моментално се шест, а кога официјално ќе биде објавена ќе има уште толку. Секако ќе ја играм и кога ќе излезе, сакам да ги видам останатите три акти и да го истрчам уште еднаш вториот. Целосната верзија на Path of Exile 2 ветува и над сто босови, така што едвај чекам да видам на што следно ќе кршиме тастатури и мауси.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment