September 2, 2023

За малку не ја бидна Twisted Metal серијата

Никој нит играл, нит го чул името Twisted Metal дваесетина години. Затоа и се зачудив од каде дошла идејата ова да се адаптира во серија во 2023. Може правата биле откупени за седум долари, па испаднала прилика што не смее да се пропушти. Целата публика за ова се луѓе што биле деца во девеести, не знам колку возила накитени со креативни оружја што се пукаат меѓусебно во арена може да допрат до поширока раја. Не дека Twisted Metal не беше популарен серијал, ама таа популарност некако е спласната до заборав. Спомни му на некој за Twisted Metal и ќе видиш дека прво ќе се изненади што ти текнало, па после ќе се израдува што и некој друг се сеќава.

Сепак, како едно од тие деца што ја љуштеше четворката на плејстејшн и од таму дозна кој е Роб Зомби, бев решен да дадам шанса на некоја епизода иако знаев дека не располагам со дип фејк технологија која може да ми го смени Ентони Меки со вистински актер. Оваа препрека меѓу мене и Twisted Metal серијата беше најтешка за премостување. За среќа епизодите траат по триесетина минути, ама пак ти се собираат неколку саати да гледаш како работи некој што комплетно ја промашил професијата.

Со оглед на тоа што Twisted Metal игрите немаат некоја содржајна приказна, серијата мора да измислува и да импровизира околу тие малку концепти, меѓу кои најважен е "Твистед Метал" турнирот каде што учесниците се трудат да се испоубијат со вооружени коли. Тоа е главниот мотив, треба само да смислиш како ќе вкрстиш шаренолики ликови и возила и ништо повеќе. Добрата вест е што серијата успева да разбере што е интересното во Twisted Metal и наоѓа начин како функционално да го искомбинира, особено кога настојува да биде истовремено смешна и насилна. Глупавата вест е што тоа е само мал дел од овие десет епизоди.

Ентузијазмот е често видлив, меѓутоа воглавно изгледа како да е лимитирана од вештините на повеќето инволвирани. Серијата најмногу трокира со сценариото, начинот на кој што се труди да ја раскаже приказната и неможноста да се одлучи за конечен тон. Не проверив кој како ги пишувал епизодите, ама изгледа како да имало барем еден лик во тимот што ги играл игрите пред да се впушти во ова и ги влечел работите во соодветна насока. Остатокот се онаква багра што мислат дека дијалозите им е домашната по родови студии.

Антагонистите се многу позабавни за гледање од Ентони Меки и Стефани Беатриз. Повеќето популарни филмови и серии следат исти главни ликови со истата таа бајата динамика, па тоа што ќе го затекнеш тука не е ништо ново и непредвидливо. Но, надвор од тој "задолжителен" шаблон карактеристичен за последниве години, Twisted Metal е креативно слободна кога станува збор за споредната гарнитура. Затоа е жалосно што серијата е некаде искасапена по пат за да се создаде простор за работи кои не ја ни засегаат публиката што ќе го пушти ова. Има прилика да биде комплетно автентична, а ја коцка за да труе со глупости.

Со тие наметнати ограничувања, Twisted Metal не знае да претстави обична човечка интеракција. Дури и ликови кои треба да соработуваат бидејќи се на иста страна и во исти лајни имаат одвратен меѓусебен однос зошто некој мисли дека така комуницираат луѓе. Не знам за кого да навивам и кој е вистинскиот негативец тука. Има една епизода кога Ентони Меки и Стефани Беатриз одвоено си ги тераат приказните и таму ќе приметиш колку серијата би добила на фокус доколку има еден единствен главен лик на кој само публиката му е совозач. Двајца со ваква непостоечка хемија се вишок, а капак на тоа серијата се гњави да им овозможи некаква романтична врска која е полошо напишана и од Падме и Анакин.

Стефани Беатриз е супер, само што ликот тука неуспешно ја емулира Роза од Brooklyn Nine-Nine. Разбирам дека им требало силна женска, ама не сакам дека верувам дека ова е сѐ што има да понуди и дека ја собрале во серијава само затоа што Мишел Родригез е поскапа, а и одбива да се понижува наоколу. Нејзиниот лик е најосакатен од обликот на серијата и едноставно нема простор за да се развие соодветно. Со таквиот неконсизтентнен такт не функционира ниеден од "озбилните" моменти по кои серијата толку се подава, па се само шум измеѓу акционите сцени и тие со Свит Тут. Апсолутно не одговараат.

Светот е најзабавниот и најстабилен столб на Twisted Metal и една од малкуте ствари што серијата не ги прави комплетно аматерски. Малку посаглам главни ликови би го направиле далеку поимерзивен и покрај тоа што целото продукциски изгледа како фан-филм од 2009. Визуелно успева да се сочува низ цела сезона, единствено што можеби фали е малку повешта презентација. Плус така ќе ја наштелува и општата атмосфера, со оглед на тоа што упорно сака да биде некоја комбинација на Mad Max и The Boys, а вака само гледаш дека не знае како. 

На моменти не знае ни основни работи да раскаже, па се ослонува на дијалози за експозиција каде што еден од ликовите кој растел во истиот пост-апокалиптичен свет не е запознаен со некои работи кои се очигледно често појава. Такво е глупаво и срамно, како сега на некој што триесет години живее на овој свет да треба да му објаснуваш што е снег. Некои од овие несмасни глупости можат да бидат симпатични и смешни за гледање, ама почесто ти доаѓа да си го прегазиш телевизорот со кола.

Свит Тут е веројатно единствениот лик што добива третман кој е усогласен со амбиентот од изворниот материјал, затоа и неговите сцени се најфункционални. Иако не можеш да се поврзеш со неговите мотиви, барем се јасно дефинирани. Ако гледам нешто што се вика Twisted Metal сакам да е интензивно, не да гледам аматерски сто пати видени мелодрами. Толку одзема од забавниот тек на серијата што некогаш заборавав што е воопшто целта на главните ликови. Како за серија чиј главен штос е уништување возила, Twisted Metal некогаш цели епизоди ги троши на работи кои немаат многу врска со тоа.

Серијата обезбеди втора сезона, па се надевам дека додека стигне ќе сконтаат што функционира во првава, а кои работи треба дефинитивно да одјебат. Тешко дека ќе се отараси од главните ликови, ама барем да се реши дали ќе биде лесна комедија или ненамерно смешна драма. Сите елементи кои би ја направиле серијата вистински добра се присутни и многу малку им фали да избијат на површина. Не дека се потепав да гледам Twisted Metal серија, ама има очигледен потенцијал да биде озбилно забавна, дури и со Ентони Меки во главна улога.

Види такоѓе:

No comments: