March 4, 2017

Вајвање

Поминав неколку саати во симулакрумите што ги овозможува HTC Vive. Наум купи пред некое време, па му затропав на врата со пица и плава пилула за да ме уштека подалеку од Пустината на Реалното. Имерзијата е инстантна. Само што ќе го ставиш хедсетот на глава, гајле ти е за светот околу тебе, за вазната на Наум и за ѕидот во кој ќе се слупаш додека мафташ со контролерите. Искуството е неописливо, дефинитивно најдобрата мултимедијална ствар што сум ја пробал. Тешко дека ќе успеам да го доловам на тие што не пробале хардвер за виртуелна реалност, ама ќе се обидам барем произволно да ги пренесам чувствата. 

Првото нешто што ме дочека беше статичниот дешборд од каде што бираш која игра сакаш да ти ја замени горчливата реалност. Самиот дешборд, подесен да изгледа како пештерата на Бетмен, беше доволен да почнам да хипервентилирам и да испуштам крици на возбуда додека дискусијата на Наум и Дамјан (на скајп од Берлин, технологија је заиста чудо) за тоа колку е најзакон Vive, ми се пригушува во позадина. Додека дојдам до првата игра, пројдов некое време со различните скинови за дешбордот. Бев во Star Trek холодек, се прошетав низ собата на Рики Морти и на мостот каде што Вејдер му открива на Лук дека му е татко, каде што пазев да не "паднам" зошто висината изгледа толку ебено реално.


Додека сум окезен со истиот детски жар како пред дваесетина години кога првпат фатив Atari 2600 во раце, Наум ме лоуда во The Lab, компилација од различни експериментални мали игри на Valve. Дете ко дете, брзав да стигнам до следната виртуелна дестинација, па откако си поиграв со некое куче-робот и прошетав низ лабораторијата, преминав на Trials on Tatooine. Кратко, но крајно ефективно Star Wars искуство, до степен да мислиш дека го осеќаш песокот и прашината од Татуин додека пред тебе слетува Хан Соло со Фалконот. Излегува R2-D2 и после неколку механички поправки, добиваш лајтсејбер за да се одбраниш од злонамерни Стормтрупери. 

Мавташ со контролерот кој е сега претворен во лајтсејбер, со можност да ти летне од раце низ прозор или во некој премет од собата во која веќе одамна си заборавил дека се наоѓаш. По тие десетина минути на Татуин, го вадиш хедсетот да испушиш една цигара надвор од виртуелната реалност, додека си потврдуваш дека сите сме гости на овој свет. Пред егзистенцијалните тегоби да ти го упропастат денот, другар ти, кој сега веќе го гледаш како некоја Морфеус фигура, ти ја нуди The Solus Project. Изгледа фасцинантно, има карпест свет кој потсеќа на планетата од Prometheus. Целиот амбиент е таков. Меѓутоа, моето физичко тело ненавикнато на VR ја отфрли локомоцијата која ја бара Solus, па не издржав многу. Никој не би сакал да чисти повраќаници од тепих. 

Се префрлив на игри како Thumper и The Polynominal 2. Интересни концепти, особено втората, ама бараат мир и тишина, а слушалиците што ги користев не беа доволно моќни за да ги неутрализираат гласовите на другите пристуни во реалниот свет околу мене. Поиграв малку пејнтбол во Rec Room, па се најдов во The Cubicle, игра за која Наум кажа дека била најслична на The Stanley Parable. The Cubicle е бирократски и капиталистичи кошмар со апстрактен неочекуван прeсврт и порака што ќе ме демне долго време. Веројатно еквивалентот од реалниот свет на ова е она кога ќе ти дадат таск или ќе ти пријават баг во четири и пол попладне во петок. Пред продолжен викенд.

Но, вистинскиот потенцијал на Vive и општо на целата оваа технологија го осетив во VRChat. Ако ова претендира да биде иднината на гејмингот, не можеш да го запоставиш и социјалниот аспект. VRChat не e игра, но одлично го негува тоа. Моментално во VRChat постојат 200 "светови" создадени од заедницата каде што можеш да дремеш, муабетиш и играш игри со други луѓе кои се наоѓаат во некоја соба со два контролери во раце и хедсет на глава. Комплетно сајбер-панк искуство, потсеќа на некоја рана верзија на метаверзумот на Нил Стивенсон кој го опфаќа во Snow Crash книгата.

Играв уште неколку други, кои или не ми оставија толку силен впечаток или не успевам да се сетам на насловите. Senza Peso беше одлична. Наум има околу седумдесетина игри и бесплатни демоа, а сигурно пуштивме третина од целата колекција. Со оглед на тоа што успехот на оваа технологија е во рана фаза, тоа е импресивна бројка. А, тек допрва доаѓа времето на виртуелната реалност. Има соодветен хардвер конечно, потребен е само софтвер кој дополнително ќе ги размрда стварите и ќе привлече уште поголема публика. Сонувам за некое MMORPG, нешто како OrbusVR само со графика послична на таа на Solus. Иднината е светла, a оваа зоолошка од реален свет е сè понеподнослива и онака.

No comments: