October 26, 2016

Кратко за третата сезона на Black Mirror

Чарли Брукер се врати со третата сезона на Black Mirror, раскомотувајќи си ја техно-паранојата во новиот Netflix дом. Шест нови епизоди во истиот антологиски формат како на Channel 4, благо американизирани со кастингот, но со истиот претпознатлив Black Mirror вајб како и претходните седум. Сите оние што беа засегнати од промената на продукцијата, сега може слободно да се успокојат. Не знам што се случи со британската Channel 4 и нивната гостопримливост, но додека серијата останува квалитетна, најмалку е битно чие лого ќе стои доле во ќошот.

Технологијата од можната блиска иднина е главната деструктивна сила во приказните што Чарли Брукер ги третира во Black Mirror. Штетните аспекти од интеракцијата помеѓу човекот и уредите наменети за да му го олеснат животот, ги носи во хипотетички екстреми и пумпа анкциозност што те прогонува долго откако ќе завршиш со епизодата. Некои судбини се едноставно полоши од било каква насилна смрт, а моралните сивила низ кои Брукер се движи создаваат кошмарна непријатност и тешко дека ќе ги извадиш брзо од систем. Оваа сезона ги донесе најтензичните епизоди до сега. 


Што ако светот функционира базиран на систем кој е еквивалент на вниманието што го добиваш од социјалните мрежи? До каде може да отиде имерзивниот гејминг? Колку може да биде корисно ако лепиш фластер на камерата од лаптопот? Дали би си ја дигитализирал свеста после смртта? Која е, и дали воопшто постои граница на модерното војување? Идеите можеби не се најсвежите на светот, но нивната реализација е толку феноменална што не можеш да останеш имун на нив. Можеби некогаш треба да ги повториш за да ја потенцираш нивната поента.

Дури прв пат имаше и нешто за кое многумина се сложуваат дека е среќен крај. Дискутабилно, но ете. Несвојствено е некако за Black Mirror епизода да ти предизвика пријатно чувство. Веројатно целиот амбиент на епизодата малку ја оттурна дистопијата од себе, па затоа. Уживав во сите епизоди, освен можеби последната. Ниту темата успеа да допре до мене, ниту времетраењето (пола саат повеќе од останатите) помогна околу тоа. Но, остатокот од сезоната, епизоди како "Shut up and dance", "Playtest" и "San Junipero" слободно може да се носат со моите омилени "The Entire History of You" и "Be Right Back" од претходните сезони.

Скептиците што мислеа дека серијата нема да биде иста на Netflix може да заќутат сега. Изгледа премногу се романтизираат старите сезони, без да се направи асален простор за новото. Паузата што Чарли Брукер ја направи од Black Mirror дефинитивно беше исплатлива. Мојата потреба за нов Black Mirror материјал е конечно задоволена. Четвртата сезона со нови шест епизоди пристигнува во 2017.

Види такоѓе: 

No comments: