Исчитав милион броеви од стрип што е базиран на игра. DC Comics или не, кога нешто постои само за да биде пратечки производ, знам да сум крајно скептичен, мислам, глеј ги прдешкине што ги објавуваат IDW. Имаат стриповски адаптации на друштвени игри, серии што никој не ги гледа и фиџет спинери. Injustice: Gods Among Us е стрип серијал базиран на истоимената игра која е Mortal Kombat за пешаци сместена во еден од паралелните универзуми на DC. Супер е за тоа што е, ја штракам повремено откако ја начекав на некој смешен попуст. Има интригантна приказна, ама понекогаш во играта изгледа дека постои само за да оправда зошто пример, не знам, Грин Лантерн и Бетмен се обидуваат да испоубијат меѓусебе.
Имено, Injustice се занимава со одговорот на она што би се случило ако му го одземеш на Супермен она што најмногу му значи во животот. Џокер пристапува кон оваа проблематика со тоа што ќе го намести добриот Криптонец да си ја убие Лоис и нивното неродено дете, притоа уништувајќи го цел Метрополис со нуклеарка. Супермен нормално, напнат како никогаш до сега, го убива Џокер и решава да стави крај на сè што мисли дека е погрешно на Земјата. Сопира војни, врши егзекуции, се меша во ствари во кои не му е местото и додека луѓето се свестат веќе успеал да воспостави режим, во името на мирот нели, со кој е спремен да ја ебе планетата додека не почне да се врти на искривена оска.
Секако суперхероите се поделени на два табора и секако дека отпорот против тиранијата на Супермен го предводи Бетмен. Скоро излезе и втор дел од играта, а со тоа и нов стрип, ама сега сум тука да го муабетам серијалот што е базиран на кецот. Поделен е на петте години од деспотството на Супермен, плус еден наслов Ground Zero и ја заокружува приказната од перспектива на Харли Квин. Има многу, ама брзо се читаат зошто првично излегуваа во дигитален формат крајно непрактичен за мојот таблет, ама некако успеав да се навикнам. Не можев да го навикнам само одвратното цртање на почетокот, среќа се оправи после. Не знам кои се авторите, подобро е да не им ги спомнуваме имињата, ама на што личеше тоа? Разбирам дека веројатно мал бил буџетот за добивање лесни пари, ама сум видел фан цртежи што изгледале попристојно.
Среќа, приказната, која патем е нешто хронолошки поназад од таа во играта, беше доволно добра за да ме задржи до последната страна. Injustice, со самото тоа што опстојува во паралелен универзум, нема лимит на последиците. Ќе видиш како умираат важни ликови, како се кршат цврсти пријателства и како се склопуваат некои комплетно необични. Некои менуваат страна, други коалицираат со отпор, значи типични ситуации при промена на власт, зар не? Приказната има огромен, огромен распон, дури мислам дека се појавија сите имиња што се интелектуална сопственост на DC. Секоја "година" е различно концепирана и речиси сите се добри и важни, освен онаа со грчките богови каде што стварно не сум сигурен што точно се случуваше.
Injustice супер зошто му дава нова димензија на Супермен, а сто пати имам зборено дека приказните кои го вадат од удобната зона на бидување најморалното суштество на планетата ми се презабавни. Зошто физички е едвај уништлив, мора да го удриш по нешто друго, а Injustice тоа го прави скоро совршено. Пишувањето и дијалозите знаат да бидат малку раштрафени на моменти, меѓутоа никогаш не се двојат од поентата или емотивниот контекст. Барем ликот доаѓа комплетно до неговиот потенцијал како негативец, со што таа Давид-Голијат битка со Бетмен станува можеби најинтересна до сега. Кога ми го препорачуваа Injustice, ми кажаа дека конечно ќе сум го замразел Супермен, но не. Мислам дека ваков го сакам уште повеќе, иако не можам да поддржам речиси ништо од тоа што го направи.
Без да навлегувам во спојлери, да испоштувам што Injustice нуди мал третман и на една од моите омилени Супермен приказни, For The Man Who Has Everything од Алан Мур. Скоро DC Rebirth се занимаваше со овој концепт во Trinity, но таму не функционираше толку добро, освен како заморен фан сервис и мал удар во брадата на Алан Мур. Да, Алан Мур има толку голема брада што има чувства и го боли ако му ја удрат, тотално знам што зборам. Како и да е, планирам да почнам да го читам Injustice 2 наскоро. Ќе мора нешто од овој универзум да ме држи додека играта не излезе за PC.
No comments:
Post a Comment