June 17, 2019

Аниме на месецот: Erased

Вонсезонски седнав и изгледав аниме серија. Претежно ми треба поесенска клима за прописно уживање во вакво аниме со посериозен тон, ама стварно останав без серии. Erased (oригиналниот наслов му е Boku dake ga Inai Machi) од 2016 е еден од оние наслови што ми дремат во беклог и ете знаат да ми се најдат кога ќе пресуши останата серијализирана забава. Баш ми е мило што конечно дојде денот, дека му се токмев уште откако завршив со Kabaneri of the Iron Fortress.

Erased е супер-компактен мистериозен трилер врз чија основа е подигнат мојот засекогаш омилен научно-фантастичен концепт - патување низ време. Јадрото на заплетот е дваесет и девет годишниот Сатору и неговата чудна судбина. Животот не само што го напикал во едно кариерно ќоше кое баш и не се поклопува со неговите амбиции, туку има и необјаснета неконтролирана дарба да се враќа назад низ време, неколку минути пред некоја несреќа со животни последици каде што воглавно помага истата да не се случи. 


Сатору нема одговор зошто и како ја поседува оваа моќ, ама сосема природно се носи со неа што дури изгледа крајно рутински и секојдневно. Ова негово удопство зема нова насока откако ќе ја убијат мајка му и наместо стандарните неколку минути, ќе се врати осумнаесет години во минатото. Сатору тогаш почнува да изведува една нова форма на она "да го имав овој памет на тие години" со тоа што е соочен со неколку заебани предизвици меѓу кои и решавање серија убиства кои завршуваат со она на неговата мајка.

Има многу причини за да го сакаш Erased. Иницијалната идеја со враќањето низ времето ја ракува со неколку финти што му даваат фина свежа шара на механизам тука присутен во својата најсирова парадоксална форма. А, како таков е и најадекватен со оглед на тоа што серијата целата таа проблематика воглавно ја користи за да опслужи местоположба на ликови. Откако ќе ги позиционира според замислата, тек тогаш фаќа да жонглира со идеи и жанрови кои се вон научно-фантастичниот спектрум.

Претежно е вешто и ритмички тоа жонглирање. Erased нема проблем да те одведе низ мрачни места и да ти изрипува изненадно од зад грб откако ќе те остави сам таму без да приметиш. Темите што ги шалта некогаш се стварно мачни за гледање, ама созревањето на ликовите и нивната борба со секоја гомно ситуација под твојата гледачка лупа вреди за секое урлање во телевизор. Моментите кога ќе успее да го воспостави тој емотивен контраст ми се омилените.

Мала е цената за она што го нуди за возврат, неколку живци се во прашање. Ваква трампа е веќе реткост кај сериите од англиско говорно подрачјe, па можеби затоа сум толку позитивно расположен од целото искуство. Често пати и ќе те насмее и ќе ти направи топло во стомак. Да, изгледа како да си игра со многу работи одеднаш, ама повеќето од нив добиваат задоволителен третман. Мистеријата е добро заташкана, а тензијата која произлегува од неа успешно се испумпува за да се слее од една епизода во друга.

Erased можеби не е најдоброто аниме на светот, ама ми беше потребната културна инјекција после сите лајна од серии што имав прилика да ги исркам. Забележувам дека самиот крај е предмет на жестоки интернет дискусии, за тоа како бил незадоволителен и (намерно) различен од изворната манга, ама јас немав проблем иако разбирам што штрчи. Веројатно само епизода повеќе би била доволна за полесно приземјување, ама и без тоа Erased вреди за сите дванаесeт.

No comments: