March 31, 2019

Селекција од Love, Death & Robots

Антологиската збирка на кратки анимирани филмови Love, Death & Robots е најбучната ствар во поп-културата последниве месец дена. Се чини дека екипата на Тим Милер и Дејвид Финчер успешно го испорача духовниот наследник на култниот Heavy Metal кој разбирливо се обраќа кон новите генерации. Love, Death & Robots е сочинет од осумнаесет краткометражни парчиња од различни автори, режисери и студија кои воглавно опстојуваат во научно-фантастичниот спектрум, меѓутоа не се строго задржани во јасни дефиниции. 

Како што можеби е очигледно од насловот на компилацијата - сите се споени со љубовта, смртта и/или роботите како лајтмотив, иако се стилски диференцирани. Повеќето траат околу десетина минути, некои подолго или пократко и сите различно се справуваат со времето, па така што ќе наидеш на наслови кои раскажуваат целосна приказна до некои што само нежно гребнале одреден концепт.


Love, Death & Robots ретко промашува. Нема нешто што би можел да го издвојам како лошо, освен ако тие "епизоди" за кои сум сигурен дека нема да ги пуштам никогаш пак би ги категоризирал како такви. Дури и ако темата или концептот те остават рамнодушен, неодоливите анимации не допуштаат општиот продукциски квалитет да падне под просекот. Доживувањето е супер во секој случај, можеш да си истераш неколку саати мал фестивал за анимирани филмови во домашен амбиент.

Уживав во повеќето, ама изборот ќе го сведам на овие неколку кои ме натераа да се вратам на уште некое прегледување. Спојлерите се сведени на минимум, ама сепак претпазливо надоле.

Beyond the Aquila Rift
 

Love, Death & Robots адаптира две кратки приказни на Аластер Рејнолдс, оваа и Zima Blue, кои ете без да знам дека се од ист автор, инстантно ми се издвоија како омилените. Тешко е да изнесеш функционален космички хорор надвор од пишан медиум, а Beyond the Aquila Rift некако тоа го прави елегантно и прецизно. За многу кратко време успева да го оформи цел свет, да те приврзе за ликовите во него и со застрашувачки методи да го исплати целиот емоционален влог. 

Вознемирувачкиот исход на Beyond the Aquila не е нова идеја, ама презентацијата во оваа клаустрофобична минутажа е тоа што прави толку ефективно да се закачи за тебе и барем на кратко да те повлече во интензивен егзистенцијалистички вртлог.
  
Zima Blue


Како еден вид на мета-наратив, Zima Blue мајсторски ги лупи слоевите кои го откриваат уметничкиот микросвет. Го прави цел сопствен гламур да изгледа како кич. Уште една приказна на Аластер Рејнолдс која е потсетник за поместување на приоритетните наслови во читачкиот список. Не знам каква е оригиналната приказна, ама адаптацијата е еден од најдобрите кратки анимирани филмови кои сум имал прилика да ги искусам.

Беспрекорна анимација, музика и амбиент кои совршено кореспондираат со тактот на темата. Сјајна потрага на минимализам во јадрото на една изморена грандиозност. Ова е апсолутно најпоетичниот дел од Love, Death & Robots, дури и да не била таква намерата.

Good Hunting


Кен Лу, авторот чија кратка приказна е основата на Good Hunting го има измислено терминот "силкпанк" кој во суштина е стимпанк, меѓутоа наместо стандардната викторијанска естетика, светот е ишаран соделот со како-и-да-е-панкот е  мотиви од Источна Азија. Good Hunting веројатно е точката која ги судира овие два поджанрови и резултатот е одличен, макар и што не бев претерано воодушевен од анимацијата.

Но, приказната ми го задоволи оној нагон за машинерија на пареа, па секогаш кога ќе зачадеше нешто ми доаѓаше да запалам копија од филмската адаптација на Mortal Engines. Очајно ми фали жанров на ваков медиум и сакам кога е вака добро изведен.

Ice Age


Ова е единствениот сегмент од Love, Death & Robots кој користи вистински актери за кои неколку пати посакав да беа компјутерски генерирани статични дрва. Сериозно, на што толку отишол буџетот па што се одлучиле за талент од полу-професионално порно? Дури и репликите им звучат импровизирано.

Ice Age си игра со една друга стара идеја, но од една многу забавна перспектива. Лесно гризам на темата, а особено кога е симпатично апсурдизирана до овој степен. Можеби Ice Age технички заостанува зад наслови како The Witness или The Secret War, ама ми ја исполни душата многу повеќе од нив.

Shape-Shifters


Акциониот дел од Love, Death & Robots е резервиран за врколаците кои на Блискиот Исток се дел од специјална единица на американската армија. Велам акционен дел, бидејќи Shape-Shifters иако се обидува да даде некоја морална димензија, на крајот повеќе функционира како пиу-пиу парче.

Дури не е ни целосно функционално, зашто има толку нелогични ноти што да не беше самата идеја за милитаризирани врколаци толку кул, сигурно немаше повеќе од еднаш да го гледам ова. Но, еј - во целава оваа збирка анимирани филмчиња поеднакво решив да ги ценам и концептите. Не сите што се тука имаат време или намера да изградат комплетен свет со правила. Понекогаш ти треба само тепачка со врколаци.

Suits


Не можеш да имаш нешто што има роботи во насловот, а да заобиколиш mecha. И, тоа не било какви, туку рачно изработени mecha роботи што реднеци ги користат да си ги одбранат фармите и имотот од штетници кои со портали доаѓаат од некој друг свет. Suits таа идеја ја засадува многу лежерно. На овие луѓе очигледно борбата со ваква вонземска напаст им е секојдневие. Мислиш бркаат лисици од кокошарник.

Долго се мислев со што точно да ја завршам мојава селекција која опфаќа третина од Love, Death & Robots и на крајот се одлучив за Suits. Има шармантна анимација, супер ликови и е одлична аркадна забава која меѓудругото пакува и некои емотивни изненадувања. Концептот и визуелниот стил се супер комбинација за видео игра.

No comments: