January 6, 2019

Добрата дигитална Magic: The Gathering дрога

Две хартиени работи кои мирисаат најпрекрасно на свет се испегланиот кеш изваден од банкомат и новите Magic: The Gathering карти од тазе отворен бустер. Со вториов тип на хартија одамна се немавме прописно дружено, а баш неделава се навршуваат четиринаесет години од мојот прв вистински контакт со оваа игра преку еден Fifth Dawn интро дек што го добив за тогашниот роденден. 

Иако моето и онака кратко несериозно компетитивно играње Magic: The Gathering е одамна завршено, пред некое време си ги откопав картите собирани со години за да се распука некоја партија во домашен амбиент. Всушност, дури и во годините кога најактивно следев што се случува со Magic: The Gathering, искуствата со играта ми беа најинтензивни надвор од официјалните турнири. Или со други зборови - ритуално игравме дома со другари, често и од сабајле до вечер.


Во 2005, а и во следните години, немаше баш некоја алтернатива за кога ќе те причешаат рацете за MTG. Гоблин не работи толку касно, другарите ти се недостапни, а ти се игра. Magic Online не ти е опција, а онаа верзијата за PC од 90-ти не само што не функционира како што треба, туку изгледа прегрозно. Чекаш следен ден додека си ги разгледуваш картите, смислуваш некои комбинации за декови со твоите сиромашни комони и се тешиш дека среќата во играта е значително побитен фактор од цената и реткоста на картите. 

Низ годините мојот интерес околу играта варираше во однос на експанзијата/едицијата што беше актуелна, за на крај комплетно да ми опадне желбата да бидам во тек. Обврските што тогаш дојдоа во животот дополнително предизвикаа да се дистанцирам од MTG. Не го дочекав ни Scars of Mirrodin блокот во 2010, а се сеќавам дека се ложев што приказната се враќа на местото каде што почнав јас. Во следните години сите изиграни партии ми беа дома, со стари карти кои покасно и самите пропаднаа во некои фиоки. 

Сепак, MTG никогаш не ме напушти целосно, а ни мојата фасцинација со самата игра. Често слушав за што е ново, ги играв оние Duels of the Planeswalkers на Стим, ама никогаш не ми се врати истиот порив за емотивно и финансиско инвестирање. Сега и конечно можев да играм Magic: The Gathering на компјутер и против вистински играчи, секогаш кога ќе посакам, а пак не бев целосно внесен. Како може да ја обожавам играта, а да не се стрчам по нови вистински карти?


Крајот на 2018 роварев низ тие папките и кутиите со картите што сум ги собирал. Повеќето ги немав видено со години, за некои не се ни сеќавав дека сум ги поседувал. Единствено MTG нешто што секогаш држев на дофат беше еден внимателно склопуван mono blue control дек од пред осум години. Кога потрчав да се пофалам за некои од картонските артефакти на другарите што некогаш исто играле MTG, за возврат добив препорака за Magic: The Gathering Arena, нова бесплатна игра која од пред некој месец е во отворена бета.

Накратко, Magic: The Gathering Arena е најдобрата дигитална верзија на Magic: The Gathering до сега. Mожеби зошто конечно престанаа да се прават паметни и посебни, па направија игра што визуелниот тон го позајмува од Hearthstone. Не се ни обидуваат да го скријат тоа, а не се ни единствени. Hearthstone ја има најголемата публика за дигитални игри со карти и веројатно кога сакаш да црпнеш делче од таму, побезбедно е да понудиш нешто што на тие луѓе им изгледа познато. 

Таблата е иста таква интерактивна како во Hearthstone, па додека чекаш на противничкиот потег или го смислуваш твојот, исто можеш да си кликаш околу. Слични се и анимациите кога ги играш картите, па и "комуникацијата" со противникот е низ исти облачиња со такви кратки фрази. Толку слично изгледаат двете игри што некогаш сум убеден дека играм Hearthstone со MTG теми и правила.


Сакаш или не, концептот е функционален и привлечен. Тоа е визуелниот стандард со кој Wizards of the Coast се стремат да ја олеснат миграцијата на потенцијалните Hearthstone дојденци и мислам дека добро проаѓа. Освен сличната табла, Arena нуди и сличен визуелен панел за колекцијата на карти. Картите што ги собираш се убаво организирани и многу е лесно и едноставно да правиш измени на постоечките декови и да склопуваш нови. 

А, декови и карти имаш многу, дури и да не отвориш ниеден бустер. Играта е во фаза кога се обидува да привлече публика, па е премногу дарежлива. Низ дневните и неделни квестови собрав околу петнаесетина целосни тематски декови. Целосно бесплатно, што за игра од овој тип ми е некако чудно. Можеш да користиш и вистински пари, меѓутоа овие петнаесет декови, бустерите, картите и ингејм валутата со кои си постојано наградуван, се доволни за да бидеш компетитивен и без да го отвориш новчаникот. Секако, има систем и за добивање на конкретни карти, ама моментално ни тој не е засегнат од оние што би решиле да фрлат вистински пари.

Единствено учеството на одредени турнири се плаќа со вистински пари и не можш да го отклучиш на друг начин, што е сосема океј. Доволно работи се бесплатно на тацна, па веројатно е фер овој аспект да биде монетизиран. Мора некако и компанијата да заработи, нели. Не знам само дали и како би се наплаќале експанзиите. Месецов излегува нова на хартија, а бидејќи приметувам Arena е во тек со анаглогниот MTG Standard формат, веројатно ќе биде веднаш достапна и во дигиталната варијанта.


Сега доаѓаме до оној дел каде што треба да кажам дека Arena ми ја врати желбата за Magic. Супер е да кликаш со кафе, да изиграш неколку партии со лешперскиот црно-зелен Saproling дек, ама ништо не може да го замени она чувство кога ти се потат вистински карти во раце додека го набљудуваш противникот. Не е исто кога влечеш карта од вистинско купче. Што ќе ми е колекција од илјадници дигитални карти ако не можам да ги измрсам со прсти. Magic: The Gathering е посебен фетиш, па колку и да е добра оваа дигитална доза, никогаш нема да е целосна замена.

Ова е тоа што секогаш сум го посакувал од дигитална MTG, ама не и од самата игра. Не можеш Arena да ја понудиш на гости и сите да си поминете јако. Не се носат дигитални карти во викендица или на плажа. Се навратив малку назад низ годиниве "пауза" и гледам дека сум пропуштил многу добри блокови. Да не беше пак Ravnica во моментов веројатно веќе ќе имав нови вистински карти. Се сеќавам на оргиналната Ravnica и многу луѓе тој блок го сметаат за омилен, ама јас никогаш не успеав да се најдам со темата. Ова што било пред некоја година, Amonkhet? Е, тоа е нешто што повеќе ме влече и жалам што сум го пропуштил. Генерички фантастични светови секогаш подобро изгледаат кога ќе ги смешаш со специфична митологија.

Ќе си пукам Arena додека да набавам нови вистински карти. Не само што е најдобра од сите претходни слични Magic: The Gathering игри, туку сега ми е омилената (дигитална) игра со карти. Koга надојде бранот од Hearthstone клоновите, пробав неколку, ама никогаш не ми текна дека можеби ќе дочекам и MTG во тој дух. Прејака е и тврдам дека е милион пати попаметна идеја од она прескапо лајно на Valve и Ричард Гарфилд наречено Artifact.

No comments: