November 18, 2017

Justice League и пластичниот Холивуд

Минатата година Rogue One ми ја одржа последна лекција за холивудските блокбастери. За тоа како вештачки да создадеш допадлив филм за широка публика, изземајќи креативен инпут и визија на еден човек, заменувајќи ги со производ базиран на резултатите од темелно истражување на пазарот и предлозите на извршната власт на студиото. Ништо ново, ама беше првиот пат кога приметив дека сум презаситен од таков вид манипулации. Некогаш функционираше, ама сега сме веќе длабоко зацапани во филмскиот еквивалент на четвртиот депресивен албум на Лана Дел Реј. 

Види, и пластично цвеќе понекогаш знае да изгледа убаво, само што нема никаков мирис кога ќе му се доближиш. А, сите овие шарени примероци во градината одамна почнаа да се разградуваат, без оглед на материјалот. Во случајот на Justice League, можеш многу лесно да го видиш и процесот на создавање. Ги гледаш разбушавените конци, го осеќаш целиот обид на студиото како да протне производ што ќе личи на тие од успешното Marvel дуќанче карши. Поразително е и во мултимилионски филм кога ќе видиш колку очигледно му е компјутерски острануван негуваниот густ брк на Хенри Кавил зошто не сакал да го избричи поради снимање друг филм. 


Можеби и тоа е еден од проблемите. Информациите за продуцирањето на овие филмови ни се толку достапни и фрлани во фаца, што додека стигнат во кино веќе знаеме премногу. Знаеме за кенкањето на колебливиот Бен Афлек, за приватниот живот на режисерите и како тоа влијаело при создавањето на филмот, за ветувањата на студиото дека ќе испорача производ каков што сакале фановите со снимање на дополнителни сцени... Секако, можеш да изолираш, ама некако упорно наоѓаат начин да стигнат до тебе и да те инволвираат во процес кој би требало да се одвива зад завесата.

Marvel пред неколку години ја најдоа совршената формула за забавен блокбастер, отпочнувајќи суперхеројски тренд кој сигурен сум дека веќе ги живее последните денови. DC скокнаа малку подоцна, но со поинаков пристап кој не успеа да ја задоволи "разгалената" публика. Кога видоа дека не функционира, почнаа да се обидуваат да го емулираат стилот на конкуренцијата. Wonder Woman беше блиску до она што денес пазарот го очекува и тоа што осигура доверба кај повеќето дека можеби ќе им успее и со Justice League

Batman v Superman: Dawn of Justice мене ми беше океј, колку и да е непопуларно мислењето. Тогаш не се трудеа да ги копираат Marvel, па сите проблеми што ги има филмот се изолирани од таа трка. Suicide Squad ако воопшто може да се смета за филм, ги покажа првите знаци на испаниченото студио. Се плашев дека Justice League ќе е повеќе како овој вториот, зашто повторно се обидуваат да склопат приказна со ликови кои публиката едвај ги познава. За среќа не е толку лош, но сепак еден од главните предизвици за филмот e да најави неколку нови ликови и да ги здружи со постоечките против заеднички непријател. 


Времето од три часа некако се скрати на два, па нормално загриженоста дека филмот ќе биде кнап со време за да ги постигне сите овие ствари, ми беше присутна. Секако, тие што читаат стрипови знаат кои се Флеш, Аквамен и Робокап, но што е со пошироката публика која првпат слуша за Виктор Стоун или површно го познава од општа култура? Пет минути вовед не се доволни за да се поврзеш со ликот, а камоли да те убеди дека ваков тим има обединета динамика. Исфорсирано до крајност, со уфрлање на различен нов лик во наративот баш тогаш кога останатите се наоѓаат во некаква животна опасност. 

Никогаш не ја осетив хемијата помеѓу нив. Филмот се обидува да те излаже дека сите овие странци се познаваат меѓусебно и дека може да победат дводимензионален невозбудлив негативец, со мотиви сто пати претходно видено во ваков тип на приказна. Marvel таа доверба ја градеше со повеќе филмови пред да ги смести сите во The Avengers. Целата интеракција меѓу нив е во трејлерот. Да си помислиш дека прво го напишале трејлерот, па оттаму го гранеле цел филм. Дури и хуморот што е во трејлерот и функционира како таков, овде кога ќе го ставиш во контекст, исто така често делува присилен и вештачки.

Некомплетниот развој на ликовите и нивната улога во филмот го прави Justice League да изгледа како уште еден вовед во нешто поголемо. Нешто како што тогаш изгледаше Dawn of Justice. Не можам да прифатам филм што повторно изгледа како интро. Ликовите се толку добри што е срамота милиони и милиони долари да не можат соодветно да им го исполнат потенцијалот на големо платно. За да биде уште полошо, волку скап филм има очајни ефекти. Преполн е со кадри каде што еден од актерите е во фокус, а приметуваш како се двои од заматена позадина залепена на зелено платно. Последното нешто што го очекував од Justice League е да изгледа аматерски како фан-филм.


Бен Афлек, на кого толку му се кењав кога го најавија, продолжува да биде најдоброто нешто во франшизава. Некако успеваат да го погодат неговиот Бетмен, Брус Вејн, па и Готам. Можеби ликот не добива нови нивоа на длабочина овојпат, меѓутоа визуелно и со кореографијата на движењата, е баш онаков Бетмен каков што сакам да видам на филм. Упорно гледаме само делчиња од истиот, а сигурен сум дека тој потег со Бетмен, ако го изиграа на време, ќе создадеше многу подобри услови за развој на што и да сакаа да постигнат. Штета што можеби ни јас ни Афлек нема да сме тука за самостојниот Бетмен филм во истиов кинематографски универзум. 

Мислам дека овојпат е готово меѓу мене и овие филмови. Rogue One ефектот, од тогаш немам пипнато Star Wars ни со стап од далеку. Не ми е ова веќе замислата за двочасовна забава. Изморен сум. Ќе го искористам потрошувачкото право да не им дадам да ми брцнат во новчаник или да ме избричат со брендираните Justice League производи за нега и убавина, како и опцијата да не создавам галама околу нив. Нема да помогне да не се штанцаат уште неколку години дур трае трендов, ама барем нема да се осеќам како магаре и овозможувач.

2 comments:

nikola said...

mozda ultimate cut na filmot, kje go naprai podostojno prodolzenie na dawn of justice.
vaka ne izgleda prirodno ko prodolzenie. premnogu e light i negativecot ne e dovolno razraboten.

nikola said...

justice league i batman forever imaat neso zaednicko hah