November 5, 2017

Втората сезона на Strаngеr Тhingѕ

Можеби одредени детали од првата сезона на Stranger Things ми се матни, сепак помина повеќе од една година откако ја гледав, ама памтам дека тие осум епизоди ги спукав без пауза. Компактно спакуван производ кој служеше како љубовно писмо до еден исклучително просперитетен период за научно-фантастичниот хорор, но истовремено понуди и сопствен свет надвор од концептите кои ги користеше како основа. Симпатичниот пристап кон носталгијата за осумдесетите, прекрасната режија, интригантната приказна и феноменалната актерска екипа, буквално ме заковаа за кревет тој ден. Сè функционираше толку добро, што немаше шанси да не те натера да гребеш за повеќе. 

Тоа "повеќе" конечно стана достапно минатата недела, сега со една епизода повеќе. Повторно пристапив без никакви очекувања, но овој пат Stranger Things не успеа да го постигне истиот ефект и да ми ги протне пак истите штосови. Многу ретко се случува таква магија да кликне два пати. Верувам дека браќата Дафер имале иста цел, меѓутоа крајниот резултат ме остави осакатен од зевање. За разлика од првата сезона каде што едвај чекав да ја гледам следната епизода, овде се фатив како само сакам побрзо да заврши. Да, продукцискиот квалитет е ист, но за жал баш самата приказна изгледа како да е првиот прифатен предлог на состанокот на студиото за втората сезона.


Што се случи? Дали некој останал без идеи или што? Да, често слушам деновиве дека да, првата сезона нема да се повтори зошто била нова и понудила непознати чудни ствари и блабла, но тоа е не е изговор за да бидеш неинвентивен. И не, не е ни повеќе од истото, не сакам да слушам како оваа сезона била иста. Не е. Првата сезона имаше мистерии. Те водеше со  прашањето за каде е Вил, која е Ел, во каков заговор е обвиткан Хокинс, кој ќе преживее, кој ќе умре, значи сите тие работи ја правеа приказната интересна. Дури и многуте прашања што останаа нерасчистени, не ми беа проблем на крајот зошто и тие беа некаков дел од целата вожња. 

Втората сезона позајмува еден дел од првата и го цепа до самиот крај. Мистериите и понатаму се мистерии, ама зашто приказната е фокусирана само на заканата што доаѓа од Превртеното, овде непознатото е редундантно. Ќе ценев доколку видев објаснувања кои се повеќе од перспективата на децана или некои нови, возбудливи неизвесни срања кои исто можеа да си бидат неразјаснети, но сепак да се ефективни во контекстот на приказната. Но, не. Наместо тоа потрошија цела епизода за да ја извадат Ел во територија која е комплетно вон духот на серијата, речиси без никаква придобивка за текот на дејствието. Ја изгасив таа епизода некаде на пола, зошто почна крв од нос да ми тече. Не верувам дека пропуштив нешто што не го решија подоцна со флешбек. 

Види, не е толку лоша втората сезона колку што можеби звучи дека ја правам. Ако сакаш разводенета линеарна приказна што не е којзнае каков исчекор од претходниот пат, тогаш супер, лапај си Stranger Things двојка. Нанамерно, како таква функционира баш како "Б" продолжение на жанровски филм од осумдести, извадено директно на видео-касета. Други работи ми беа привлечни мене во серијава. Вака единствено што ми останува од сезонава е прејакиот синтвејв саундтрек што знам дека ќе го вртам во следните неколку недели.

No comments: