Во недостиг на слободно време да изиграм уште неколку наслови од 2017, ќе си земам за право да избрзам со заклучок и да си ја прогласам Hellblade: Senua's Sacrifice, иако недовршена, за игра на годината. Секако дека е крајно субјективно ова, верувам доколку успеев да ги пројдам Cuphead, Prey и NieR: Automata немаше волку лесно да се расфрлам со етикетите. Затоа и Hellblade ја влечам од крајот на август, но тоа повеќе е поврзано со самата игра отколку со саатите што одлучувам да ги трошам во Wrath of the Lich King на приватен сервер. Не си секој ден расположен за игра каква што е оваа.
Не сум видел ништо слично на Hellblade до сега. Не е најуникатниот концепт на светот, меѓутоа компонентите ги комбинира толку добро што целината ми е комплетно освежувачка. Колку игри претходно дошле со предупредување дека искуството што следува е базирано на пациенти дијагностицирани со психоза и првиот човек потпишан на играта е советник за ментално здравје? Да, ова секако е ефективен штос кој оди во прилог на маркетингот, но кога ќе стапнеш во гротескно непријатниот свет на Hellblade ќе ти стане јасно дека не е забава за лабаво саботно попладне.
Пред да ја пуштам мислев дека ме чека амалгам на Tomb Raider и Devil May Cry сместен во нордијски кошмар. Сепак, додека кажам "Лара Крофт", почнаа визуелните дисторзии и преклопувачките гласови и шепотења кои ја тормозат младата Сенуа додека измачено се обидува да ја спаси душата на саканиот од ебен пекол. Играта треба да е акциона авантура, но акцијата е повеќе присутна за да ти го разбие текот на загатките што ги решаваш за да стигнеш од едно место до друго. Вистинската борба е со внатрешната темнина на Сенуа.
Нема никаков кориснички интерфејс, имаш само копче за фокус кој е главниот елемент на кој се потпира механиката и уште неколку други што ги штракаш кога ќе ти се пружи прилика да го употребиш мечот. Баш и тоа е најзабавниот и предизвикувачки дел. За околината и тоа како функционира знаеш исто колку и Сенуа, немаш никаква помош освен повремена сугестија од гласовите што ги среќава и слуша, но не секогаш можеш да се потпреш на било што. Играта умее често да те изманипулира на разни начини, дури оди до таму и да рекламира наводен permadeath кој после секое умирање го следиш со црнилото кое се таложи на телото на Сенуа.
Често пати ќе се најдеш во срање што изгледа комплетно безизлезно, ќе трчаш околу и ќе пробуваш ствари додека не успеат. Некогаш ќе ги пробуваш и истите, очекувајќи поинаков резултат. Некогаш ќе ти снема батерија на контролерот во среде тепачка, а ако ја имаш пиратската верзија на Hellblade ќе ти се изгаси кога најмалку треба. Често фрустрирачкото искуство ете нанамерно ми излезе и надвор од самата игра во неколку наврати, ама е скроз симпатичен мотив за да не се откажеш. Немаше исто да ја ценам доколку не беше толку брутална со мене.
Визуелно е преубава, иако е сместена во претежно грд амбиент. Дизајнот на светот, осветлувањето и деталите се мајсторија. Секоја капка вода и секој мов на карпа. Дури и секоја брчка на лицето на Сенуа. Мислам дека ова е максимумот што може мојата графичка да го прикаже и издржи. Ако играм континуирано со саати, веројатно ќе осетам уште една механика на играта поврзана со согорување на хардвер, а тоа никако не ми оди во прилог.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment