November 21, 2016

Вселена, конечната граница.

Последниве недели сум инфициран со Star Trek како да сум пак средношколец. Мислев се повлече ова изминативе неколку години, ама очигледно било хронично. Изгледав од сè по малку. Претежно ствари што ми биле измеѓу добри и добри на граница со религиски Trek фанатизам. Одамна ми стана јасно дека Voyager и Deep Space Nine се воглавно досадни и застарени, со најглупите ликови во цел Star Trek, со исклучок на неколку епизоди. Затоа и ќе продолжам да ги игнорирам.

Не само што по смртта на Џин Роденбери не се најде некој што точно ќе знае да ја пренесе неговата визија и идеја, туку општо целата актерска екипа е катастрофална и не функционира добро заедно. Том Парис? Хари Ким? Ниликс? Одо? Веројатно е интересно кога си длабоко навлезен и ќе голтнеш сè што ќе исфрли ворп погонот, меѓутоа со неколку чекори понастрана нештата изгледаат многу поразлично. Некои почнуваш да ги цениш на друг начин, остатокот гледаш колку е лошо скрпен.

Одбрав неколку од најдобрите The Next Generation епизоди, нешто од Enterprise, некоја епизода од оргиналната серија и секако филмовите. Тие пред Абрамс да стапне во франшизата. Еј, дури имам и нова перспектива за неговиот прв Star Trek што го имам серено од тука до Делта Квадрант, ама да одиме по ред.

Сите TNG филмови се срање. Сите до еден.


Дури и First Contact? Да, дури и First Contact. Особено First Contact. Најголемиот проблем со The Next Generation филмовите е што некој одлучил дека Star Trek треба да е акционен. Океј, тоа е сосема во ред. Меѓутоа кога имаш екипаж и капетан како Пикард кој претежно ги решавал препреките на смирен и цивилизиран начин и го трансформираш во акционен херој, едноставно не функционира. Дури и кога заканата се Борги што речиси му го упропастиле животот. 

Moжеби First Contact нема ракета што од површина на планета погодува сонце за неколку секунди и приказна со слични дупки доволно големи за да соберат цела Федерациска флота низ нив, ама има ликови кои воопшто не личат на самите себе. Динамиката е сосема поинаква од таа во серијата. Постапките на Пикард се смешни. Во серијата речиси сè што прави има некаков морален контекст. Овде нервозно крши стакла со пушка, пука низ холодекот... Јасно ми е дека идејата била да се предизвика Пикард на друго ниво, ама не е ништо повеќе од акција за фрлање пуканки во уста.

Или веројатно затоа што улогата на Пикард во овој филм била напишана за Рајкер, меѓутоа Патрик Стјуард се побунил да превземе, па резултатот е лоша адаптација на ран драфт од сценариото. Исто како и сите изговори за Ворф да е присутен на бродот во овие филмови, иако службата му е на сосема друго место. 

Приказната е уште на сам старт дупка сама по себе. Зошто Боргите одат назад во времето баш во тој момент да ја асимилираат Земјата? Зошто не кога едвај има развиена технологија? Зошто Федерацијата го изолира Пикард од битката со Боргите кога очигледно точно знае каде и како да ги нападне? Како Федерацијата станала толку глупава измеѓу филмов и последната епизода на The Next Generation? Сите настани во First Contact се случуваат само за да го придвижуваат напорното дејствие, без грам логика.

Филмовите со оргиналниот екипаж функционираат. Далеку од добри, меѓутоа концептите се врв. Првиот филм со V'Ger содржи една од најдобрите Star Trek идеи во историјата на франшизата. Причините за мисиите се издржани, ликовите имаат значителен прогрес и се однесуваат својствено, а има и храбри ризици како The Voyage Home, колку и да се тапа. Nemesis, последниот филм сo TNG екипажот, е повеќе римејк на The Wrath of Khan отколку Into Darkness.

Star Trek филмот од 2009


Кхм. Кога филмов беше актуелен, бев оток во врска со Star Trek. Не само што безусловно бранев сè што имаше Trek во насловот (ова го објаснува Клингонско-Англискиот речник што го имам дома на полица), туку кај смееше да има нов Кирк без јас да го одобрам, нели. Зошто го прават филмот за мене и сличните да не задоволат, никако за профит. Сега кога си го читам постот каде што сум изразил... негативни чувства, ми е незгодно. Би си се погалил по глава, додуша. Наивен, млад и со верба во филмската индустрија и општо подобра иднина. 

Можеби ги навикнав ликовиве, можеби научив да не сум толкава болка во газот и да ги гледам стварите пообјективно. Star Trek на Абрамс не е ништо повеќе од римејк на оргиналната серија. Не е продолжение и тоа итро го маскира со одвојување на Prime универзумот во тој што сега е познат како Kelvin. Да биде Star Trek, ама и во исто време да не биде. Нешто како сите оние римејци на стари серии што не беа успешни. 

Задачата на Абрамс била да ја направи франшизата "повторно кул". Направил забавна акција. Нешто што ете никогаш не успеа со екипажот на TNG. Не знам јас што сум очекувал од ова. Да има сет од пластични карпи што актерите ќе ги помрднуваат ненамерно? Џин Роденбери да го клонираат од пепел, да ми понуди утопија и да го уништи капитализмот? Нов екипаж кој што ќе оди каде што никој претходно не бил? Термините "препознатливост на бренд" и "сигурен профит на бокс-офис поради истото" очигледно не ми биле доволно јасни. 

Сега кога се, можам полесно да изберам дали ќе ги изедам или не. Ќе се спружиш под ќебе и ќе уживаш два саати во пиу-пиу во вселената. Барем не е глуп филмот како што мислев и како што е First Contact. Осеќам како ми дишат Трекис во врат сега, ама кој ги ебе. Супер е филмов. Еве, си ги пикам сите лоши зборови што сум ги кажал последниве години директно во газот.

Enterprise не е *толку* лоша серија


Освен кога е, а се случува почесто. Веројатно затоа едвај издржа четири сезони. Некако сум приврзан за Enterprise. Како и со филмовиве од погоре, ама па не ме гледаш како имам фини зборови за нив. Enterprise почнав да гледам кога четвртата сезона беше во тек, некаде 2005. Проверив деновиве дали ми е уште забавна сезоната, испадна дека да. Можеби серијата не беше најинвентивна секогаш, меѓутоа беше различна од VOY и DS9. Да, Арчер е често нестабилен капетан и никој не би се качил на брод со Скот Бакула, ама барем проба да се врзе со постоечкиот универзум.

Четвртата сезона го прави баш тоа. Ги исправа челата на Клингонците, ја продлабочува приказната со супер-луѓето на Кан, па дури има и една епизода во mirror universe каде што екипажот носи TOS униформи. Кул е. Ги нема грандиозните утописки концепти и визионерски идеи за светла иднина како оргиналната серија или возбудата и оптимизмот кој е во TNG, но некогаш кога ќе се обиде, успева да фати некоја паралелна линија со нив. Барем е забавна и нема Ференги на бродот.

Star Trek: Discovery во 2017


Пред една година беше најавена нова серија. Star Trek: Discovery. Тоа ќе биде чудна кратенка. Уште нема ни инфо за кастингот, премиерата е закажана за мај 2017, а сите информации кои се во моментов достапни звучат некако... различно? Можеби е добро тоа. Додека серијата е оптимистичка наспроти "мрачна и валкана" како што наложуваат денешните трендови, јас сум океј. На крајот, ова е шанса да го добијам тој Star Trek што сум го барал во 2009. Немам очекувања што може да ми бидат срушени, така што можеби ќе сум изненаден.

Серијата ќе има различен формат. Ќе има една приказна низ цела сезона од десетина епизоди и ќе биде од перспектива на првиот офицер, наместо капетанот. Главен женски лик, тоа е исто кул и модерно. Единствено проблематично е тоа што дејствието ќе биде сместено во временскиот период помеѓу оргиналната серија и Enterprise. Не знам зошто си ставаат такво техничко ограничување, но океј. Мислев Star Trek треба да оди напред во иднината или тој сон почива заедно со Џин Роденбери?

1 comment:

Unknown said...

Друже, поштувам што пратиш Стар Трек, мегутоа ако мислиш дека DS9 e срање, тогаш треба повторно да ја изгледаш серијата, овој пат обидувајќи се да ги приметиш вистинските елементи кои Стар Трек го прават тоа...