August 3, 2016

Низ дискографијата на Еминем: The Marshall Mathers LP

Едвај проаѓа една година откако The Slim Shady LP го освојува светот преку ноќ, ги разбеснува критичарите, индустријата, семејството, јавноста и родителите на неговите помлади фанови, Еминем пука назад со следниот албум кој во насловот го носи неговото родено име, The Marshall Mathers LP. Албум кој до пред една година го држи рекордот за најпродавано парче музика во првата недела од издавање со 1.76 милион примероци. До денес се продадени 32 милиони, обезбедувајќи дијамантска сертификација.

The Marshall Mathers LP е резултатот на сè она што Еминем успева да го постигне претходниот албум, намерно или не. Но, славата кон која се стреми воопшто го нема вкусот кој тој го очекува. Повишениот глас на Слим Шејди го прави ѕвезда, но антагонизирањето на Маршал Метерс му создава доволно проблеми за да му го избалансираат финансискиот и приватниот благодет.


Во таа година измеѓу двата албуми, пристигнуваат еден куп тужби на негова адреса, критичари што го обвинуваат за "заработување на грбот на мизеријата во светот" и "крадење на црнечката култура", родители кои потфрлиле во воспитувањето на децата и го вперуваат прстот кон него, барајќи одговорност, роднини кои сакаат дел од неговите пари, рапери кои го провоцираат со надеж дека ќе добијат одговор во неговите песни... Општ хаос е во секојдневието на Маршал Метерс. Темите на албумот се веројатно природна реакција на човек кој е така бутнат во ќош и опколен од сите страни. 

Албумот ги разгорува сите пожари подметнати со The Slim Shady LP. Наместо да се извини, ја собира целата снага и шамара сите што му застанале на патот. По краткото интро, со "Kill You" се заканува со убиство и силување на сопствената мајка ("Shut up, slut! You're causing too much chaos / Just bend over and take it like a slut, okay, Ma?") и општо сите жени во неговиот живот, нешто што брзо му обезбедува "внимание" во Сенатот на САД, цензура и разбеснета толпа предводена од Лин Чејни. 

Не само што е обвинет за мизогинија, туку се обидуваат да го накриват него и Мерлин Менсон како инспирација за масакрот во Колумбајн. Неговата бескомпромисност на "Kill You" ја вознемирува и хомосексуалната јавност, па подоцна се случува оној култен дует со Елтон Џон (инаку негов близок пријател) на живата изведба на мрачната "Stan", гест со кој се обидува да објасни дека зборот "педер" го користи само како карактерна особина.

Но, Еминем не прекинува тука. Возвраќа со "The Way I Am" каде што ги "поздравува" критичарите, медиумите, опсесивните фанови и издавачката куќа која му врши притисок да биде допадлив за пошироката публика ("I'm so sick and tired of being admired / That I wish that I would just die or get fired / And dropped from my label, let's stop with the fables / I'm not gonna be able to top on My Name Is"). Една од најсериозните теми на целиот MMLP, до денес ми е една од омилените во целото негово творештво. Сировиот бес од често погрешната интерпретација и предрасуди е очигледен, а начинот на кој го користи за да изјасни тука е сè уште нанадминлив.

Во сличен лирички тон е и "Marshall Mathers", која на некој начин е тематска антитеза на певливата "The Real Slim Shady", но овој пат метата се претежно оние кои сакаат да му брцнат во џеб како и колегите од Insane Clown Posse кои се дрзнале да се закачат со погрешниот човек. Можеби најимпресивната на целиот албум, заедно со "I'm Back" и генијалната "Criminal" каде што неговиот технички капацитет најубаво доаѓа до израз. 

Сепак, ништо, ништо на MMLP не е шокантно како "Kim". Види, своевремено сум слушал секаква музика. Имиња на бендови и песни кои се кривично дело сами по себе. Но, ништо во животот не ми предизвикало такво непријатно чувство како "Kim", која е посветена на неговата бивша сопруга. "Песната" е приквел на "97 Bonnie & Clyde" од претходниот албум, каде што Еминем со Хејли одат да се ослободат од неколку мртви тела. Епа, "Kim" е приказната за како настанале тие мртви тела. Насилството е неописливо, а начинот на кој ја изведува верувам дека го оставил збунет целиот персонал во студиото. 

Во 2013, излегува The Marshall Mathers LP 2, продолжението кое иако носи исклучителен квалитет и стегнати лирички акробации, веројатно никогаш нема да се доближи до статусот кој го има оргиналот. Разбириливо, зошто публиката и индустријата се одамна сменети. А, ни Маршал не е луд и млад како некогаш.

Види такоѓе:

No comments: