May 3, 2016

Нешто како преглед на The Beginner's Guide

Кога Наум ми ја поклони The Beginner's Guide за роденден ми рече да ја чувам за некои лоши времиња. Знаеш, за денови кога бездната гледа во тебе. Играта излезе кон крајот на 2015 и е дело на Дејви Риден, шизикот зад генијалната The Stanley Parable. Успеав да заборавам на The Beginner's Guide додека не дојде вистинскиот момент. Не е некое "правило", искуството кое го заокружува The Beginner's Guide е стриктно субјективно, но избрав да се придржувам кон препораката. Дури и самиот Дејви не зборува за крајот на играта, комплетно е оставен на личното доживување и интерпретација. 

Но, главниот проблем околу The Beginner's Guide е што не можеш да кажеш многу за играта без да го расипеш доживувањето на некој друг. Поради тоа, не би навлегувал во (премногу) детали. Кратка е, трае околу час и половина, се игра во еден здив и од тебе единствено бара да бидеш фокусиран на нараторот, самиот Дејви. Интеракцијата е минимална, играта нема традиционална механика, практично се движиш низ свет создаден од мали, кратки апстрактни парчиња кои би требало да ти овозможат поглед во психата на нивниот творец. 


Дејви тргнува од навидум едноставна идеја. Колку навистина можеш да дознаеш за некој кој ти е тотален странец, судејќи според делата кои ги создал? Што го прави тој човек среќен? Дали е вознемирен поради нешто? Која е причината за неговиот гнев? Дали воопшто ужива во тоа што го прави? Каква е вистинската идеја зад неговото творење и труд? Ќе препознаеш дали е во некаква неволја? Можеш ли со толку малку да дознаеш кој е навистина? 

The Beginner's Guide не сопира тука. Иако те третира само како набљудувач, ќе успее твојата љубопитност да ја претвори во огледало кое ќе го сврти кој тебе и ќе "тормози" со некои прашања кои можеби и не си подготворен да си ги задоволиш со искрен одговор. Затоа играта е веројатно најефикасна на денови кога си ја чешаш брадата повеќе од вообичаено. А, симпатичната, надреална околина која Дејви ја користи за да ја раскаже оваа феноменална приказна само го зајакнува целиот ефект. Некои елементи од дизајнот изгледаат како да се излезени од онаков сон што го мислиш во текот на целиот ден. 

Материјалот во The Beginner's Guide веројатно би бил занимлив и за негејмерска публика. Или негејмерска публика која би се осмелила да одвои време и да поужива во нешто волку уникатно. Но, претпоставувам дека и playthrough видео може да го долови тоа што го нуди. Контролата што ја имаш како играч добар дел од времето е занемарлива. На крајот најважна е приказната. Дејви само одбрал ваков медиум за да ја раскаже, и тоа е тоа. Фала Дејви за уште едно ремек дело.

Види такоѓе: 

No comments: