November 9, 2013

MOBA одговорот на Blizzard: Heroes of the Storm

Пред извесно време, Blizzard најавија дека работат на своја MOBA (Multiplay Online Battle Arena) игра чиј работен наслов беше Blizzard All-Stars. Жанрот стартуван со мод за Warcraft III, денес е исклучително популарен во онлајн гејмерската заедница , па така и Blizzard се одлучија за свој коњ за трка. Она што требаше да биде додаток за StarCraft II, сега завзема самостојна форма.


Heroes of the Storm веќе го доби својот облик и се спрема да предизвика гиганти како League of Legends и DOTA2 кои моментално го доминираат жанрот. Heroes of the Storm ќе понуди огромна палета на херои од сите франшизи на Blizzard. Со оглед на тоа колку и какви херои има од приказните на Warcraft, StarCraft и Diablo, воопшто не се сомневам дека изборот ќе биде интересен. Има огромен простор за прогрес и публика која ќе се погрижи за серверите на Heroes of the Storm да останат полни. 


Најавени се четири класи во кои ќе се сместени хероите: Assassin, Warrior, Support и Specialist. Механиката генерално ќе биде таа својствената за жанрот, со некои уникатни моменти со кои ќе се обиде да се извои од другите слични игри. Покрај стандардните кули кои едниот тим треба да ги сруши за да стигне до базата на противникот, Blizzard најавуваат и градови кои ќе треба да се срамнат кон патот на победата. Низ мапите ќе има и кампови со NPC-ја кои тимовите ќе можат да ги искористат за да набават платеници кои ќе се приклучат на битката.

Играта ќе биде бесплатна, со микротрансакции, се разбира. Во тек е регистрација за бета тестирање кое треба да осигура мазен почеток на играта следната година.

No comments: