Со години барам една игра за Atari 2600. Првата игра што беше на мојата пиратска верзија од конзолата пред дваесетина години. Ја памтев слабо, а и онака добар дел од игрите се слични и тешки за објаснување. Тоа не ме спречи низ годиниве да листам емулатори и видеа, па се откажав со идејата дека е тука некаде, ама ме издале сеќавањата. Пред некој ден налетав на видеово, и ете ја! Првата игра што се пушташе чим ја штекнеш конзолата и веројатно првата игра што некогаш сум ја играл. Освен ако единствената аркада во тогашната флиперница со Sly Spy (или Black Tiger, не го памтам редоследот баш) е некое време пред да ја поседувам конзолата. Не е ни битно тоа, битно е дека не била само плод на мојата имагинација.
Играта се вика Fox & Goat и успеав да ја најдам денес на една листа на игри за Rambo клонот на Atari 2600. Прилично непопуларна (не е објавена во САД), затоа и фалеше во многу од видеата и листите на најдобрите Atari игри. Инаку, клонот на конзолата е речиси идентичен со Rinco, така што дознав уште една работа, дека тоа моето било Rambo. Двете имаат вградено многу игри, имаат исти џојстици, а се разликуваат малку по бојата (веројатно и хардверот внатре не е многу поразличен).
Еве видео од гејмплејот.
1 comment:
Чувството кога ќе си најдеш игра од детството е незаменливо. Неодамна скокав од радост кога ја пронајдов Kickle Cubicle. Игра што се тепавме за ред на "флипери" цело маало некаде во 80тите :)
Post a Comment