По девет сезони, The Office конечно ја заокружи приказната за вработените во Dunder Mifflin која почна во 2005. Последнава сезона воопшто не ја следев, финалево беше уствари единствената епизода која ја гледав. Откако замина Мајкл, истераа фина осма сезона, но серијата беше далеку од тоа што беше претходно. Не дека Стив Карел ја носеше серијата, туку уште во последната сезона со него, квалитетот некако почна да опаѓа.
Финалето е сместено една година по прикажувањето на "документарецот" кој ги следеше ликовите низ цела серија, односно на свадбата на Двајт и Анџела. Не знам што се случувало низ сезоната, но иако ги затекнав ликовите во сосема друга состојба откако престанав да гледам, некако лесно се вклопив. Пример, Двајт беше на фотелјата на Мајкл, позиција што ја бркаше сезони наназад. Има и некои нови што не ги знам, ама не добија баш некое големо внимание тука. Сепак, поената на финалево очигледно беше да се спојат оние кои беа суштината на The Office, а ја напуштиле серијата во текот на сезоната.
Како за последна епизода, одлично изведено. За мене, прилично емотивно и носталгично. Баш онаков фин завршеток каде што секој си го добива посакуваното и си продолжува со животот. Dunder Mifflin продолжува со работа, но сите ликови се распрскаа на различни страни. Гостувањето на Карел беше очекувано. Можеби делуваше и малку исфорсирано неговото присуство тука, меѓутоа тоа е веројатно зошто сценаристите не сакале да го украде целото внимание (или зошто Карел е малку поскап сега и не му се замара со серии). Мајкл си го имаше својот момент кога ја напушташе серијата и го предаде микрофонот. Издржаа две сезони без него, па и немаше некоја потреба сега пак да е "ѕвездата". Тие неколку минути со него беа супер. Со толку малку време, ова ќе да е најдоброто што можело, сепак фалеше на забавата во самата канцеларија.
The Office ми останува во омилените ситкоми. Првите неколку сезони се маестрални, без разлика на тоа што последниве години почна да се осеќа заморот и недостатокот на идеи. Јебига, секоја серија затупува после толку епизоди. Последнава сезона не верувам дека ќе ја гледам, зошто веќе се имав простено со серијата.
No comments:
Post a Comment