Showing posts with label Spartacus. Show all posts
Showing posts with label Spartacus. Show all posts

April 14, 2013

Финалето на Spartacus

Секогаш ми е тапа кога ќе ми заврши серија. Особено кога е некоја од најдобрите на денешницата. А, годинава привршува и Breaking Bad. Тоа се две феноменални серии, за кои се осеќаш привилегиран што имаш шанса да ги следиш додека се прикажуваат, епизода за епизода. На Spartacus возот се качив нешто покасно, кога почна втората сезона, после приквелот. Spartacus е од оној тип на серии кои или ќе те освојат комплетно, или ќе мрчиш колку биле претерани ефектите. Некоја средина баш и нема. Доколку ја прифатиш таква каква што е, веќе си се обезбедил со уште една омилена серија. 


За третава сезона, можам да кажам дека беше одлична. Барем сега откако финалево ми ја заокружи како што треба. И покрај тоа што ја немаше арената како елемент кој ме привлече на почетокот, истераа добра сезона. На овој начин, Спартаковото востание, го немам видено. Spartacus отиде до таму до каде што историјата има запишано и поинаков крај не можеше да се очекува во никој случај. Но, иако сите го знаевме исходот, продуцентите успеале мајсторски да го изведат и да понудат уште еден спектакл. Заврши епски, баш како што почна. Можеби малку повеќе емотивно. 

Лијам, иако не е Енди, комплетно ја превзема улогата на Спартакус. Уште на почетокот на третата сезона, веќе беше јасно дека неговата трансформација во лидерот на востанието е комплетна. Актерот со можеби најтешката задача од целата екипа, си ја одработи улогата професионално до крај. Тоа може да се препише и на прогресот на ликот и приказната, меѓутоа јас немам апсолутно никакви забелешки. Да, можеме да претпоставуваме до утре во што ќе се претвореше Спартакус на Енди, но за жал, тоа е тоа. 

Морам да го поздравам и изборот на Цезар и Красус. Серијата секогаш успевала да понуди достоен антагонист (ако гледаме од аспект на робовите) и тука достигна нов максимум. Потпирајќи се на минимум исторски факти, нивната приказна беше беспрекорно добро вклопена, со некои сцени кои ќе ме прогонуваат уште долго. А, изборот на актерки никогаш не им бил промашен, така да тоа не ни има потреба да се коментира. Таа малата на Ганикус, нели?

Финалето понуди епска битка која остава без здив и трагична судбина за лидерите и добар дел од луѓето кои пробуваа да ги заштитат. Помалку на број, се бореа до крај, а продуцентите фино се погрижиле да ни објаснат зошто историјата ги памти овие неколку имиња и нивните дела. Веројатно најтажниот крај го имаше Ганикус. Еден од најбруталните гладијатори, за жал не дочека достојна и чесна смрт, да падне во битка. Спартакус барем успеа да извојува некаква победа, да види дел од оние кои најмногу му значеа, живи и здрави. 

Ваква серија нема да видиме во брзо време. Штета за тие што ја отпишале како софткор порно со лоши визуелни ефекти, зошто не заслужува таков третман... 

April 4, 2012

Заврши Spartacus, почна Game of Thrones

...а јас, каснам малку со муабетот. Викендов заврши втората сезона на Spartacus. Замислата ми беше пост во кој ќе се жалам како не ме бендиса новиот актер во улогата на Спартак(ус) и колку ми е криво за Енди Витфилд. Бидејќи во еден здив ги изледав и првата сезона и приквелот Gods of the Arena, имав проблем со замената во вторава сезона што ја фатив негде при крај. Лијам Мекентајр ми изгледаше како сосема друг лик, па едвај продолжив да гледам. После неколку епизоди, успеав да го навикнам. За среќа, и покрај малкуте ликови што останаа живи од првата сезона, серијата се држи до стилот и атмосферата. Отуството на Батијатус веќе не се ни приметува кога Глабер ќе дојде во фокус. 


Gods of the Arena е приквел од шест епизоди, додека продуцентите чекале да се подобри здравјето на Енди. Ганикус, како носечки лик тука, си обезбеди и место во втората сезона. Се осеќа дека продуцентите правеле многу за да се пополни дупката што ја остави Енди. Што со споредни ликови, што со приказна. Крајот на сезонава буквално ме разнесе. Лијам Мекентајр Е Спартакус и ќе ме има мене како публика и во следната сезона. Не е Енди, но докажа дека може да се носи со ликот и да ги води робовите кон ослободување. 

Серијата е супер. Пример за како може да се спакуваат помалку познати историски факти во епска приказна со крв, песок и цицки. Што вика Миле, шпанска серија за машки. 

Ја гледав и новата Game of Thrones. Каков почеток на сезона, а? Втората епизода веќе е "протечена", само што не стигнав уште да ја гледам. Првата беше таман, баш колку да ги постави темелите на она што ќе го гледаме сезонава. Џофри е уште жив и уште тероризира луѓе околу. Денерис со змејовите и остатокот од народот на Кал Дрого, се обидува да преживее низ некоја (очигледно) заебана пустелија, без храна и вода. Зимата уште не е почната, а веќе се осеќа дека работите нема да бидат убави за никого. Знам по некој спојлер за сезонава, за жал не по моја волја. 

HBO си се држат до квалитет, си имаат успешни серии и затоа не си сомневам во тоа што ќе направат со Game of Thrones. Чекаме нови епизоди.